- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
1. Иљја Машков. „Овошје во чинија“, 1910.
Иљја Машков го споредуваа со Матис. Беше член на здружението на уметници „Џандар каро“ кое го измисли „новото сликарство“. Не им беше важна реалистичноста на сликата и верното пренесување на светлото и сенката, туку пронаоѓањето сопствени методи на сликање. Оваа слика на Машков беше изложена на Есенскиот салон во Париз 1910 година.
2. Наталија Гончарова. „Феникс“, 1911.
Гончарова, една од „амазонките на руската авангарда“, ја започна својата сликарска кариера во стилот на импресионизмот, а потоа се заинтересира за кубизмот и примитивизмот. Во својата работа често користи ликови од бајките и народни мотиви, ги комбинира популарниот лубок и религиозното сликарство и поради тоа нејзините слики во повеќе наврати беа цензурирани и отстранети од изложбите.
3. Владимир Татлин. „Модел“, 1913.
Овој уметник е најпознат по проектот Татлинова кула, т.е. Споменикот на Третата Интернационала (1919-1920). Основач е на советскиот конструктивизам. Пред револуцијата беше истакнат претставник на руската авангарда. Неговиот стил е споредуван со оној на Пикасо.
4. Василиј Кандински. „Композиција бр. 7“, 1913.
Смислата на остварувањето на Кандински се состои во истакнување на апстрактното, во експресивноста на линиите и колористичките дамки. Тој веруваше дека апстрактната форма може да го изрази она што не им е достапно на традиционалните техники. Токму оваа слика се смета за пример за достигнување на креативна зрелост на уметникот.
5. Марк Шагал. „Над градот“, 1914-1918.
Шагал имаше свој уникатен креативен стил кој упатува на Арт Нуво. Во неговите слики тој создаваше неповторлив свет исткаен од лични страсти и сеќавања. На една од своите најпознати слики тој се прикажа себеси како лета над родниот Витебск заедно со сопругата Бела.
6. Казимир Малевич. „Црн супрематистички квадрат“, 1915.
Една од најпознатите слики на руското сликарство и вистински манифест на авангардата. Самиот Малевич го дефинираше својот стил како супрематизам, всушност – кубизам, доведен до највисок степен на отфрлање на предметноста. На првата изложба каде што се појави сликата беше изложена како икона во таканаречениот „красен“ агол (спроти влезот во просторијата), што за Малевич беше триумф на сликарството. При изработката користеше разни бои кои по мешањето дадоа црна боја.
Повеќе за „Црниот квадрат“ прочитајте овде.
7. Аристарх Лентулов. „Ѕвонење. Камбанаријата на Иван Велики“, 1915.
Лентулов користи уникатен метод на сликање. Делови од неговата слика се чини дека се распаѓаат и повторно се собираат како сложувалка од многу ситни детали. Тој се оддалечува од рамнината и перспективата и со многу слобода сече различни делови на архитектонската слика. Во своето сликарство Лентулов создава чувство на бајка и во исто време динамичност, како камбана што се ниша.
8. Александар Дејнека. „Пред слегувањето во рудник“, 1925.
Во своите слики Дејнека ги овековечи работниците, војниците и новиот советски поглед на светот и човекот, а оваа слика е обид да се формулира „типичниот“ лик на пролетерот. Во сликањето користи графика, а бојата на јагленот служи за да ја долови тематиката.
9. Јуриј Пименов. „Дај тешка индустрија!“, 1927.
Ова е уште една живописна химна за советските пролетери насликана од Јуриј Пименов. Тој комбинира неколку агли на гледање: во преден план мускулестите работници влечат сајла, а во далечината туркаат рударски вагонет. А во позадина на сé е металната конструкција на фабриката. Оваа слика е создадена под влијание на германските експресионисти. Подоцна Пименов ќе стане модел за социјалистички реализам, разбирливо и за сите достапно сликарство.
10. Павел Кузнецов. „Пушбол“, 1931.
Кузнецов започнува со арт-нуво, пастелна мртва природа, впечатливи ориентални сцени и религиозно сликарство. Но, во советско време се свртува кон популарни теми како што се човечкиот труд, индустријата и земјоделството. Или спортот (како на ова платно), кој беше активно промовиран во СССР.
11. Јуриј Пименов. „Нова Москва“, 1937.
Делото е манифест на социјалистичкиот реализам (иако сè уште е под очигледно влијание на импресионизмот). Уметникот го велича социјалистичкиот систем и животот во новата советска држава и новата советска Москва (обновена од Сталин), со нејзините широки патишта и монументална архитектура.
12. Александар Дајнека. „Идни пилоти“, 1938.
Безгрижни голи деца по капење седат на сонце и внимателно го следат летот на хидроавионот, зборуваат за неговата траекторија и сонуваат како и тие ќе летаат еден ден. Оваа слика во жанрот на социјалистичкиот реализам е метафора за светла иднина.
13. Виктор Попков. „Градителите на Братск“, 1960-1961.
Попков е уметник од новата генерација и дете на советската ера. И покрај фактот што оваа повоена слика е создадена во периодот на „Затоплувањето“ на Хрушчов, „Градителите на Братск“ претставува пример за „строгиот стил“ карактеристичен за советското сликарство во 1950-тите и 1960-тите. Сликата ги прикажува градителите на Братската хидроцентрала (опеана во песна од Евгениј Евтушенко во 1965 година).
14. Дмитриј Жилински. „Семејство покрај море“, 1964.
Жилински е сјаен уметник чие повоено сликарство ги комбинира европската ренесанса и старорускиот иконопис и се обидува да ги преведе на современ јазик.
15. Гелиј Коржев. „Мајка“, 1964-1967.
„Ние сме генерација проткаена во војна. Некои од нас се бореа, некои не. Но, сите сме воспитани во таа атмосфера“, вели Коржев. Ова е уште еден претставник на „строгиот стил“, чии слики се прилично минималистички во однос на изразните средства, а во исто време остри и проткаени со драма.
16. Роберт Фалк. „Црвен мебел“, 1920.
Долги години, Фалк беше на креативно службено патување во Париз и во текот на животот го бараше својот оригинален јазик, жонглирајќи со кубизмот, импресионизмот и експресионизмот. Важеше за првиот руски авангарден уметник кој не преминал во социјалистичкиот реализам, туку останал како еден вид „мост“ кој води до брегот на слободата и експерименталната мисла.
17. Павел Филонов. „Композиција со шест лица“, почеток на 1930-тите.
Мистериозниот мајстор на руската авангарда, кој создаде многу свои микросветови. Главите на платното се чини како да светат од внатрешноста на светот составен од честички.
18. Франциско Инфанте-Арана. „Динамична спирала. Растечката енергија на црвениот простор“, 1964.
Син на шпански политички емигрант, инспириран од Малевич и Татлин, создаде своја сопствена геометриска апстракција. Овој уметник има цел циклус разни спирали кои може да се припишат на оптичката уметност - тој создава слика што ве тера да направите несвесно движење. Се смета дека го предвидел дигиталното сликарство.
19. Иван Чујков. „Море. Полиптих. Лев долен дел“, 1990.
Московскиот концептуалист Чујков особено се прочу по своите колажи, како и по пејзажите на „прозорец“ (некои се насликани директно на вистински прозорци). Главната идеја на многу слики на овој уметник беше да го „обои“ сликарството, користејќи навидум традиционални средства, а во исто време создавајќи концептуално ново дело. Методот на фрагментација, како на оваа слика, е една од неговите омилени техники.
20. Михаил Рогински. „Црвена врата“, 1965 (1994).
Михаил Рогински е значаен уметник од втората половина на ХХ век. Го нарекуваат „таткото на рускиот поп-арт“. „Црвената врата“ е едно од неговите најпознати дела. Кога беше насликана во 1965 година, сликата предизвика цела бура од емоции кај неколку генерации љубители на сликарството. Дали е тоа уметничко дело или уметникот едноставно нацртал врата и ја претставил како уметничко дело? Самиот Михаил Рогински велеше: „Тоа не е врата - тоа е енергија“.