Десетте најчудесни слики на Марк Шагал

„Јас и селото“ (1911, MoMA Њујорк) / „Бело распетие“ (1938, Институт на уметноста во Чикаго)

„Јас и селото“ (1911, MoMA Њујорк) / „Бело распетие“ (1938, Институт на уметноста во Чикаго)

Во својот долг живот (Марк Шагал почина на 98-годишна возраст) има направено голем број слики, графики, витражи. Луѓе и животни кои летаат, виолинисти и ангели, кривини на Ајфеловата кула и складни линии на куќите во родниот Витебск. Има создадено специфичен свет во кој како во калеидоскоп се огледува бурната историја на дваесеттиот век. Да се запознаеме со десет слики на големиот мајстор кои за тоа зборуваат на најрепрезентативен начин.

„Јас и селото“ (1911, MoMA Њујорк)

Дваесет и тригодишниот Шагал, кој заминал на школување во Париз во 1911 година, заронил во нови доживувања. Се запознал со Соња Делон и Андреа Лот, Блез Сандрар и Гијом Аполониер. Изложбените салони станале негов втор дом, внимателно ги проучувал платната на импресионистите и се пробувал во новите правци – футуризмот и кубизмот. Бил импресиониран од стилистиката на фовистите и таа година ја насликал една од најпоетичните изјави на љубов кон родните предели.

Делото не е толку пејзаж како слика на вселената во која се гледа носталгија кон првобитниот поредок. Своето лице Шагал го доловил со зелена боја која за него е симбол на воскресението и на радоста. Петербуршкиот учител на уметникот Лев Бакст откако го видел платното извикал: „Вашите бои сега пеат“.

„Виолинист“ (1912-1913, Стеделијк музеј)

Скрасувајќи се во прочуената париска уметничка колонија „Кошница“ повторно често го слика родниот Витебск. Немајќи пари го користел сето она што можело да се употреби како платно.

„Виолинистот“ го насликал на кариран чаршав. Овој принт и денес јасно се гледа на облеката и на обувките на музичарот. Во Витебск како свадбите, така и погребите не можеле да минат без виолинист кој бил присутен на сите важни настани во животот на човекот. Сликарот не го сместил на покривот од куќата случајно. Еднаш признал дека имал вујко кој пеел на покривот за да не го вознемируваат додека не го изеде компотот.

„Автопортрет со седум прсти“ (1913, Стеделијк музеј)

Во Франција Шагал доживеал невиден успех. „Не постои академија од која би го добил сето она што го имам собрано талкајќи низ Париз, посетувајќи изложби и музеи, разгледувајќи излози“, има напишано тој. Во периодот од 1912 до 1914 ги претставил своите дела во галеријата Салон на независните, а меѓу нив и првиот француски автопортрет. Себеси се има прикажано во модерно одело како работи на сликата „На Русија, на магарињата и на другите“. Воочлива е љубовта и кон Париз и кон Витебск, и воопшто зад него се наѕира Ајфеловата кула, а над штафелајот привидение на родниот „град на цркви и синагоги“. И покрај тоа сон за признание. Шагал себеси се насликал со седум прсти на една рака, како мајстор од секоја рака.

„Роденден“ (1915, MoMA)

Најважната средба во животот на Шагал се случил исто така во Витебск, во 1909 година кога се вратил дома од Петербург. На гости се запознал со Берта Розенфелд и истиот момент се вљубил во неа. „Имав впечаток дека одамна се познаваме и дека таа знае сѐ за мене. Сфатив. Таа е мојата сопруга“. По враќањето од школувањето во Париз во 1914 година, повторно се сретнал со Берта, а една година подоцна се венчале. Сопругата на Шагал и муза со децении потоа фигурирала на неговите слики.

„Над градот“ (1918, Третјаковска галерија)

Шагал неуморно ја сликал Берта, тие двајцата заедно, а кога им се родила ќерката, сите тројца. Жената на сликите имала препознатливи црти, бело лице и прекрасни црни очи, тоа секогаш била таа, најважната жена во неговиот живот. Според сопствено признание сликата никогаш не би ја завршил без да го слушне нејзиното мислење. Ја викал своја душа, своја творба. Често ги сликал заедно, како летаат над градот, љубовта всушност им давала крилја. Бела Шагал починала во 1944 година. Но, за уметникот таа станала вечен извор на инспирација.

„Бело распетие“ (1938, Институт на уметноста во Чикаго)

Во триесеттите години од минатиот век Шагал се соочил со неколку животни потреси. Во Германија неговите дела се вброени во „дегенерирана уметност“, а по низа погроми на Евреите во 1938 година „Бело распетите“ е посветено на прогонот на еврејскиот народ. Во тоа време веќе живеел со семејството во Париз, а пролетта 1941 година режимот на Виши му го одзел француското државјанство. Со помош на пријател семејството успева да се префрли во Америка.

„Свадбени светла“ (1945, приватна збирка)

По смртта на Бела, на уметникот скршен од тага му биле потребни цели девет месеци за повторно да ја фати четката во рака. Во спомен на својата сакана сопруга ја насликал „Свадбени светла“, дело на кое го има прикажано еден од најсреќните моменти во својот живот. Спомените на Бела ги чувал, објавувајќи книги и сеќавања што на француски ги превела нивната ќерка Ида.

„Ноќ“ (1953, приватна збирка)

Во 1948 година Шагал се враќа во Франција. Конечно од печат излегуваат книгите со негови илустрации за „Мртви души“ на Гогољ и „Басни“ од Лафонтен, а освен тоа работел и на графики за Библијата. Во животот на уметникот доаѓа до промени на личен план. Ида го запознава со Валентина Бродски. Средбата излегува дека е судбоносна. По венчавката брачната двојка се упатила на свадбено патување по Средоземноморјето, со цел да се населат во Сент Пол де Ванса, недалеку од Ница. Меѓутоа, како и претходно, во неговото срце биле Витебск, по кој мечтаел, и нејасната слика за иднината.

„Циркус“ (1964, приватна колекција)

Фасцинацијата на Шагал од циркусот датира уште од детството и од моментот кога за првпат видел настап на циркуски уметници во Витебск. Откако го посетил парискиот Зимски циркус направил циклус дела на оваа тема и во текот на целиот живот постојано се навраќал на свечениот гротескен свет. Две монументални дела за театарот Вотергејт и за Операта во Франкфурт на Мајна, ги посветил на циркусот, доловувајќи ги во свој манир јавачите и животните, кловновите и акробатите.

„Аврам и трите ангели“ (1960-1966, Национален музеј на Марк Шагал во Ница)

Во триесеттите години од минатиот век Шагал тргнал на патување по Светата Земја. Патувањето оставило силен впечаток врз него, така што бил во состојба не само да се впушти во проект на илустрација на Библијата, ами и го заинтересирала оваа тематика, широко надминувајќи ги дадените рамки. Витражи, таписерии, гравури, слики поврзани со Библијата станале една од клучните теми на сликарот и потоа база за музејот во француската Ница. Импресивната слика „Аврам и трите ангели“ на Шагал е интерпретација на „Троица“. Платното неочекувано отвора дијалог со прочуеното ремек-дело на Андреј Рубљов.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња