По дипломирањето на Императорската академија на уметностите како ученик на Иља Рјепин, Грабар заминува во Европа во 1896 година. Се усовршува во студиото на Антон Ажба. По враќањето во Русија, се населува во Москва. Член е на модернистичкото друштво „Мир искусства“ (Светот на уметноста). На изложбата на друштвото во 1902 година се претставува со десет дела. Едно од нив, „Сончев зрак“, го откупува Третјаковската галерија.
Сликарот често е гостин на својот пријател Николај Мешчерин во имотот Дугино во близина на Москва. Заедно одат да сликаат на отворено во околните села, а понекогаш кочијашите се модели за нивните слики. Како, на пример, Мишутка на оваа слика. Судејќи по изразот на неговото лице, тој не бил воодушевен од долгото позирање.
Кога работи во Дугино, уметникот станува рано и оди да слика. Обидувајќи се да ги долови моменталните промени во природната светлина, еднаш се загледува во бреза и го испушта од раце стапот што му служи како потпора за раката додека слика. Кога го крева погледот, Грабар гледа „како одѕвонуваат сите бои на виножитото“. На позадината на зимското сино небо дрвото блеска во белина, а неговите гранки непрекинато танцуваат создавајќи нови нијанси на бои. За да го одржи аголот на набљудување што му се открива, уметникот копа ров во снегот и слика од тоа место.
Откако 1905 година ќе отпатува во Париз, Грабар се посветува на проучување на творештвото на Ван Гог. Маѓепсан е од неговата неверојатна техника и почнува да ѝ пристапува на својата работа на поинаков начин. Резултатот е „Пролетен ветер“, кој очигледно потсетува на „Спалната соба во Арл“ на Ван Гог. Сликата за својата колекција ја откупува легендарниот мецена Иван Морозов.
Работата над повеќетомната „Историја на руското сликарство“ целосно го обезма уметникот. Тој патува низ земјата во потрага по архивски материјали. Во периодот од 1908 до 1915 година се објавени осум тома од ова издание, кое е од исклучително значење за историјата на руската уметност. Во 1913 година Грабар станува покровител на Третјаковската галерија и таму извршува темелна промена на постојаната поставка. На изложбата „Светот на уметноста“ во 1915 година, Игор Грабар ја претставува мртвата природа „Круши на син чаршаф за маса“, која Академијата на уметностите ја откупува за својот музеј.
Во дваесеттите години, заедно со писателот Максим Горки, Грабар предлага да се основа Сликарска населба, каде уметниците ќе можат да живеат и работат. Така, на улицата „Верхњаја Масловка“ во Москва, на местото на изгорените павилјони на филмското студио, се појавуваат згради со ателјеа и станови. Во една од нив живее и Грабар.
Токму Грабар е човекот благодарение на кој по револуцијата се зачувани спомениците на староруската и византиската уметност. Во 1918 година на негова иницијатива се отворени Централните реставраторски работилници, првата организација која се занимавала со зачувување на спомениците на културата. Во 1920-тите Грабар организира неколку изложби на руско сликарство во странство, меѓу другото, во САД и Германија. На истекот на деценијата тој ги напушта сите позиции на кои е и се концентрира на сликарството. Во тоа време тој слика цела серија портрети. Смета дека тоа е највозвишената форма на сликарството.
Кон крајот на триесеттите, сликарот се фокусира на монографија посветена на неговиот голем учител Илја Рјепин. Во исто време е објавена и неговата биографија под наслов „Мојот живот“. Грабар признава дека уметноста е речиси единствениот извор на радост и тага за него и вистинската содржина на неговиот живот. Постојано се навраќа на едно од неговите омилени сижеа: брезите во летен и зимски амбиент.
Уште во 1930-тите отспротива на познатиот московски имот „Абрамцево“ се појавува уметничко село. Грабар гради своја викендичка според сопствен проект во стилот на финското арт-нуво. Таму продолжува да создава и да работи над „Историјата на руската уметност“. А подоцна станува и директор на музејот основан во „Абрамцево“.
Кон крајот на 1940-тите се занимава со реставрација на стар московски манастир - Андрониковиот манастир и организација на Музејот на старооруска уметност „Андреј Рубљов“ во неговите ѕидини. Токму во ова место Рубљов бил монах, ја насликал Спаската црква и бил погребан 1428 година. Иако до тоа време Грабар е оддалечен од импресионизмот, тој сепак повремено му се навраќа. Овој пејзаж насликан „пет минути пред почетокот на пролетта“ е потсетник на она што е карактеристично за раниот период на неговото творештво. Ведро сончево небо и облаци што лизгаат преку него - претчувство на новото и разделба со старото.
Изложбата „Игор Грабар. По поводом 150-годишнината од раѓањето“ се одржува во Третјаковската галерија до 26 февруари 2023 година.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче