Зошто „Троица“ на Андреј Рубљов е најпознатата руска икона?

Култура
АЛЕКСАНДРА ГУЗЕВА
Средновековниот иконописец беше првиот што на овој начин го толкуваше единството на трите Божји лика. И токму на неговиот модел со векови се угледуваше целата црковна уметност. Но, не се работи само за тоа!

Секоја икона има за цел визуелно да ги прикаже комплицираните филозофски концепти. Ова е особено карактеристично за православните икони, но и меѓу нив посебно место зазема „Троица“ на Андреј Рубљов, претставувајќи навистина уникатен феномен. Монахот-иконописец успеал не само да ја изрази една од најважните и најтешко разбирливи догми за единството на трите Божји лика, туку и тоа да го направи на највисоко уметничко ниво. Теолозите сметаат дека во оваа икона е сублимирана христијанската претстава за Бога и љубовта.

Како настанала иконата Троица?

Историјата на иконата е нераскинливо поврзана со Троице-Сергиевата лавра, еден од најважните православни манастири, основан од Сергиј Радонешки. Се смета дека иконата „Троица“ е насликана во првата половина на XV век (според експертите на Третјаковската галерија, помеѓу 1422 и 1427 година). Наводно, ученикот на Сергиј Радонешки и втор игумен на манастирот Никон барал од Андреј Рубљов да наслика икона на Света Троица „во чест на својот татко Сергиј“ за новоизградената Троицка црква на манастирот. Се смета дека работилницата на Рубљев го насликала со фрески и целиот Троицки манастир.

Иконата со димензии 141,5 х 114 сантиметри е насликана на дрвена табла. Таа била една од главните светињи на манастирот (освен моштите на Сергиј Радонешки) и се наоѓала на иконостасот на Троицката црква десно од царските двери.

Што е прикажано на иконата?

„Свети Андреј, земајќи ја за основа познатата библиска приказна „Гостопримството на отец Авраам“ (каде што Господ му се јавува на Авраам во вид на тројца патници – книга на Постанокот, глава 18), ја ослободи од споредните детали и ја претвори во симболичен израз на тајната на Божествената Троица - истовремено единство и тројство кое се објавува во три лика: Отецот, Синот и Светиот Дух“, објаснува православниот свештеник Антониј Борисов.

Основата на композицијата ја сочинуваат три ангела и маса на која има путир со глава на бик. Овој путир е центарот на иконата и околу него се прикажани фигури во круг (дури и главите на ангелите се наведнати така што композицијата формира круг). Путирот како симбол на Евхаристијата, светата тајна на причестувањето, упатува на Новиот завет и на самиот Исус Христос. Двајца ангели го благословуваат путирот, односно самата Христова жртва.

Историчарите на уметноста и теолозите до ден-денес не можат да се согласат околу прашањето кој од ангелите претставува која од Божјите ипостаси. Едно од најраспространетите толкувања тврди дека лево е Боготецот, а во центарот Богосинот (тоа го застапуваат, меѓу другото, многу познати стручњаци за иконографија и многу претставници на црквата). Според друга верзија, Боготецот е сепак во центарот, со што се истакнува неговата централна улога во учењето за Тројството.

Што ја прави иконата уникатна?  

Учењето за Тројството, за трите ипостаси на единиот Бог, спаѓа меѓу најважните во христијанството. Но, сложеноста на нејзиниот приказ лежи во фактот дека Бог е недостапен за разумот, дека „никој никогаш не го видел Бога“, како што вели Евангелието. Во христијанскиот иконопис имало обиди да се прикаже Троица во форма на Бог-Отец-старец, Бог-Син-Исус и Светиот Дух како гулаб. Меѓутоа, оваа визуелна интерпретација противречела на разбирањето на учењето за Светото Тројство и била доживувана како проблематична (во голема мера поради фактот што Боготецот не може да се прикаже).

Зачувани се многу ретки примери на ваквиот приказ на Новозаветната Троица: Боготецот во чиј скут седи детето Исус (Спас Емануил), додека гулабот се појавува како симбол на Светиот Дух (симболот на гулабот може да се види и на многу други икони и фрески).

Андреј Рубљев бил првиот меѓу иконописците кој успеал да го сфати и изрази божественото Тројство на поинаков начин. Неговата визуелна интерпретација на Троица е навистина генијална и овозможува правилно разбирање на ова учење кое не е лесно да се сфати. Од тој момент, руската православна иконографија при прикажувањето на Света Троица се угледувала токму на Рубљов. Придржувањето до овој канон е пропишано и на црковните собори.

Се смета дека појавувањето на оваа икона било можно дури во XV век, кога во духовното опкружување на руското христијанство и монаштво веќе созреала потребата за созерцание на Бога и непосредна комуникација со Него.

Покрај тоа, во приказот на Троица се крие посебна сакрална смисла токму за руското православие. Оваа икона е своевиден симбол на единствена Русија. „Троица“ на Рубљов настанала во време кога започнало обединувањето на руските земји и борбата против Татаро-Монголите. „Иконата на Света Троица станала не само теолошки манифест, туку и израз на црковната педагогија. Не за џабе големиот руски светец Сергиј Радонешки ги доведувал токму пред оваа икона уште од времето на Рубљов) гордите кнезови, повикувајќи ги на обединување и мир „за гледајќи ја Света Троица да го надминат стравот од омразениот раздор на овој свет“, вели Антониј Борисов.  

„Троица“ денес  

Кон крајот на XVI век, заради „зачувување“, иконата била закована во тешка златна рамка, под која се гледале само лицата на тројцата ангели (тоа било и знак за голема почит, бидејќи многу богатите луѓе донирале злато за таа цел, меѓу кои и царевите Иван Грозни и Борис Годунов).

Во овој „оклоп“ иконата била сé до 1904 година, кога игуменот на манастирот повикал реставратори да ја отстранат рамката и да го обноват горниот заштитен слој.

Во текот на неколку векови иконата била повеќе пати реставрирана и се покажа дека е совршено насликана. Над неа имало неколку слоеви боја, која грубо го покривала оригиналот. Одеждите на светците и позадината биле неколку пати пребоени. Притоа односот кон лицата бил повнимателен и токму поради тоа можело да се види дека иконата претрпела промени.

Реставраторите ја исчистиле иконата, отстранувајќи неколку подоцнежни слоеви и откривајќи ги светлите бои на Рубљов.

Во рамките на антирелигиозната кампања по револуцијата 1917 година, болшевиците ги одземале црковните скапоцености за потребите на државата. Сепак, тие можеле да препознаат и зачуваат одредени споменици на „уметноста и минатото“. Троице-Сергиевата лавра е затворена, но специјална комисија ги издвоила предметите со посебна уметничка и историска вредност. Тие се сместени во музејот, основан веднаш до манастирот. Меѓутоа, во 1929 година тој е претворен во буквално „антирелигиски музеј“, а иконата предадена на Третјаковската галерија. 

Иконата се чува таму до ден-денес, а галеријата ја напушташе само неколку пати. Во 1941 година привремено беше евакуирана во Сибир. Од 1997 година, на Денот на Света Троица, иконата се пренесува во храмот-музеј при Третјаковската галерија - храмот „Св. Никола“ на Толмачи.

Во 2022 година, за прв пат по сто години, иконата беше вратена во Троице-Сергиевата лавра по повод прославата на 600-годишнината од пренесувањето на моштите на Сергиј Радонешки. Неколку дена беше на ѕидот на Троицката црква во специјална заштитна капсула која ја одржуваше потребната температура и влажност.

Оригиналот на иконата на Андреј Рубљов „Троица“ пристигна во Лаврата во специјална заштитна капсула и го чуваше обезбедување.

Во црковните и нецрковните кругови веќе низа години се полемизира за тоа дали е потребно светињата целосно да се врати на своето вистинско место. Сепак, експертите тврдат дека на иконата ѝ се потребни посебни услови, клима и постојан надзор, што може да се обезбеди само во галерија.