Најстрашните ликови во советските и руски филмови

Култура
ЕКАТЕРИНА СИНЕЉШЧИКОВА
Познато е дека хорор-филмовите се немилосрдни спрема психата на гледачот. За вас направивме избор од најстрашните и најсуровите ликови од руската кинематографија од овој жанр. Па, држете се!

Баба Јага од „Кошмарот на мрачната шума“, 2020.

Уште еден главен лик на руските бајки со зли духови - Баба Јага. Според легендата, изгледа како мртовец, го чува влезот во другиот свет и јаде деца. Тоа е всушност она што таа го прави во филмот.

Русалката од „Езерото на мртвите“, 2018.

Русалките од словенските легенди воопшто не изгледале како во филмовите на Дизни. Немале опашки и биле многу злобни. Според легендата, удавените жени кои се самоубиле поради невозвратена љубов станувале русалки. Оваа русалка е олицетворение на најмрачните легенди.

Виј од истоимениот филм од 2014 година

Суштество од подземниот свет кое се појавува во словенските легенди и чиј поглед убива. Неговите очи се покриени со огромни капаци кои висат до подот и не може да ги подигне без нечија помош. Познат е по фразата „подигни ми ги капаците“, по што убива со молскавична брзина.

Капетан Журов од филмот „Каргo 200“, 2007.

Единаесеттиот филм на култниот режисер Алексеј Балабанов жанровски не е хорор, меѓутоа неговиот херој, полицискиот капетан Журов, е ѓавол во тело. Ја киднапира ќерката на локален функционер и ѝ приредува незамисливо мачење. Неколку водечки актери одбија улога во филмот посветен на залезот на советската ера, а подоцна во прашање беше доведена и неговата кино дистрибуција.

Хаги-Трагер од истоимениот филм од 1994 година

Кукла позната речиси како познатата „Чаки“. „Хаги Трагер“ е приказна за вештачка интелигенција сместена во кукла. Таа можеше да се телепортира, беше многу силна и, што е најважно, поседуваше хипнотички вештини. За впечатокот на ужас придонесуваат и вистинските цртежи на ментално болни кои за прв пат се појавија во руски филм.

Жената-кокошка и нејзиното дете од „Неговата сопруга-кокошка”, 1990.

Надреалистичните ликови на овој цртан филм се за возрасни, но не и за оние со слаби нерви. Во еден сосема обичен советски стан живеат син човек, неговата сопруга-кокошка и дете во вид на гасеница со човечка глава. Еден ден, во нивната куќа непознат маж доаѓа и му кажува на сопругот дека неговата сопруга е всушност кокошка. После тоа ќе дојде до вистинска семејна драма проследена со еден куп метафорични и психоделични сцени. Но, дејствието на филмот воопшто не е толку важно, бидејќи самиот изглед на ликовите е доволен да ве полазат морници.

Паночка од „Виј“, 1967.

„Виј“ беше еден од најгледаните советски хорор-вфилмови. Филмската адаптација на расказот на Николај Гогољ им влеваше страв на гледачите не само поради суштествата од оној свет, тешката шминка и ѓаволската тема. Најспектакуларни беа сцените снимени во реалистичен манир, во кои вештерката паночка без зборови и со морничава музика се обидува да се пробие низ нацртан круг или лета во ковчег.

Иван-мечката од „Морозко“, 1964.

Иван скапо ја плаќа својата дрскост и суровост. Со оглед на тоа што е претворен во човек-мечка, тоа ќе му го отежне барањето невеста. Овој лик од руските народни бајки изгледа доволно морничаво во неговата филмска верзија за да се најде на нашата листа.