Зошто мора да го гледате „Бајка над бајките“, надреалниот советски анимиран филм на Јуриј Норштејн

Сказка сказок, 1979 / Юрий Норштейн / Союзмультфильм
Некои приказни се како виното. Колку постари, толку подобри. Овој филм, снимен пред повеќе од 40 години, критичарите ширум светот одново и одново го прогласуваат за најдобриот анимиран филм на сите времиња.

Повеќе од четири децении по премиерата на ремек-делото на Норштејн, неговата визуелна нарација сè уште е неразбирлива за многумина. Треба да се гледате одново и одново за да се разбере.

По малку надреален 

Полн со мистерија и мудрост, „Бајка над бајките“ (1979) не е просечен анимиран филм. Тоа е 29-минутна медитација за осаменоста, загубата и еволуцијата на животот, со мешавина на реални и надреални елементи.

Еден од најпочитуваните руски драматурзи, Људмила Петрушевскаја, беше коавтор на сценариото за „Бајка над бајките“. Ремек-делото на Норштејн освои бројни престижни меѓународни награди, а во 1984 година на Олимпискиот фестивал на уметноста во Лос Анџелес беше прогласен за најдобар анимиран филм на сите времиња.

Норштајн го позајмил името „Бајка над бајките“ од истоимената песна на турскиот поет Назим Хикмет, чија поезија е преведена на повеќе од педесет јазици, вклучувајќи го и рускиот.

Во „Бајка на бајките“ на светот се гледа низ ширум отворените, тажни, исплашени очи на малиот сив волк, кој нé води низ оваа сложена приказна. Доминантен лајтмотив на целата приказна е познатата руска приспивна песна која предупредува дека по расплаканите деца доаѓа сив волк и ги носи во шумата.

На прв поглед, „Бајка над бајките“ е цврсто сошиен „печворк“ составен од разни метафори и лични спомени, како што се мало девојче кое скока јаже, жена што пере алишта, поет со харфа, капка што се слева по лист, вкусни, црвени јаболка кои паѓаат на бел снег...

Тоа е и поетски осврт на болните рани од Втората светска војна кои тешко дека некогаш ќе се излечат. Јуриј Норштејн е роден во Москва во 1941 година. Сеќавањата на разорната војна отсекогаш го следеле.

Една од најмоќните сцени во анимираниот филм на Норштејн е онаа во која жените и нивните мажи танцуваат на прекрасните звуци на тангото „Лажливо сонце“, додека следниот момент остануваат сами, а нивните сакани партнери ненадејно се затекнати пред стрелачки вод. Војната е виновникот што колоните војници засекогаш исчезнаа во темнината. Кутрите жени ќе бидат информирани само дека нивните браќа, сопрузи и синови биле убиени во борбите...

Спомени и соништа 

„Сите имаме свои временски машини. Оние кои нé враќаат во минатото се спомените. А оние што нé влечат напред се соништата“, смета Херберт Велс. Во својата „Бајка над бајките“ Јуриј Норштејн, живата легенда на руската анимација, ги меша слоевите на спомените и соништата за да поттикне мир и надеж. Норштејн е гуру на анимацијата кој не користи компјутерска графика во своите филмови. Еден од неговите филмови „Еже в магла“ беше најдобро рангиран според анкетата спроведена 2003 година на фестивалот за анимација „Лапута“ во Јапонија, каде 140 аниматори од цел свет ги избраа најдобрите анимирани филмови во историјата.

При создавањето на „Бајка за бајките“ Норштејн користел повеќе слоеви стаклени плочи за да постигне неконвенционални тридимензионални ефекти. И успеал! „Бајка над бајките“ е како ретровизор што го дели нараторот од болното минато. Сликите на детството, со големите надежи и горчливите разочарувања, им помагаат на гледачите да се поврзат со приказната со универзална и хуманистичка привлечност. За да додаде автентичност, Норштејн користел документарни снимки на оган, вода и снег во својата анимација. Супернатуралистичките рамки, спротивставени на повеќе или помалку познатата природа на светот, помогнаа „Бајка над бајките“ да стане рачно изработено визуелно ремек-дело.

Музиката во анимираниот филм служи како отскочна даска за поттикнување на мудроста. Триумфалниот Моцарт ги илустрира епизодите на радост и среќа, додека трагичниот Бах се слуша во сцените на разочарување, осаменост и очај. Во „Бајка над бајките“ сè е обмислено до последен детаљ - застрашувачките звуци, морничавите слики, минливите рефлексии и точките на ненадејна, треперлива светлина. Во ретроградната визија за светот на Норштејн дефинитивно има малку светлина на крајот на тунелот и чувство на припадност.

„Бајка над бајките“ можете да ја погледнете тука.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња