Кратко резиме на романот „Браќа Карамазови“ од Фјодор Достоевски

Култура
АЛЕКСАНДРА ГУЗЕВА
Овој роман е полн со психолошка и религиозна контемплација, но истовремено е и неверојатно возбудлива детективска приказна! Ако некој сака да остави впечаток на образована и начитана личност, треба да биде запознаен со содржината и смислата на оваа книга.

Дмитриј, Иван и Алексеј се синови на Фјодор Карамазов, похотен и циничен провинциски спахија. Сите тројца имаат сосема различен карактер и поглед на светот.

Најмладиот син Алексеј на 20-годишна возраст веќе се подготвува да се замонаши. Тој е човек што верува и сето свое време го поминува во блискиот манастир со стариот и мудар монах Зосима. Средниот син Иван е научник, филозоф и скептик со прилично ладен ум. Постојано се бори со своите мисли, обидувајќи се да разбере дали постои Бог или нема, и постои ли душата или не... И секогаш се расправа со Алексеј за верски прашања.

И Алексеј и Иван се загрижени за односот на нивниот татко спрема нивниот постар брат. Дмитриј, најстариот син од првиот брак на Фјодор, никогаш не почувствувал таткова љубов и внимание, а да не зборуваме за татковите пари. Тој се преселил кај своите роднини уште кога бил многу мал и подоцна не се гледал често со татка си. Дмитриј е чувствителен, импулсивен и страстен човек (според темпераментот во суштина најмногу личи на татка си). Романот започнува така што Дмитриј бара од својот татко пари и дел од наследството и го обвинува дека не учествувал во воспитувањето на Дмитриј. Но, Фјодор нема намера да му даде ништо. Нивните и онака лоши односи дополнително се усложнуваат со тоа што и двајцата сакаат иста жена - Грушенка... А таа? Таа флертува со двајцата.

Дмитриј очајно ја следи Грушенка и се обидува да ги затекне неа и нејзиниот татко кога се заедно. Иван дури се плаши дека Дмитриј може и да го убие татка си заради пари и жена. Една ноќ, додека Дмитриј и Грушенка бурно се забавуваат во крчма, доаѓаат жандарми и соопштуваат дека татко му е убиен. Дмитриј е уапсен како главниот осомничен.

Вистинскиот убиец, сепак, му го открива своето злодело на Иван. Убиецот, судејќи според сé, е Смердјаков, лакејот на убиениот Фјодор Павлович. Тој е истовремено и негов таен син, кого на Фјодор му го родила селанка од неговиот имот. Тој вели дека на убиство го поттикнале размислувањата на Иван, бидејќи ако нема Бог, тогаш нема морал и сé е дозволено. Од друга страна, Смердјаков има алиби, бидејќи во моментот на убиството се правел дека има епилептичен напад. На крајот, убиецот не може да го поднесе сето тоа и се самоубива.

На крајот од романот детално е опишано судењето на Дмитриј Карамазов. Иван на суд го изнесува случајот со Смердјаков, но на крајот од таа приказна добива напад на хистерија и затоа никој не му верува. Сите мислат дека тој само се обидува да го спаси својот брат. Во меѓувреме, обвинителот ги изнесува своите обвинувања, а познат адвокат својата одбрана. И конечно, поротата го прогласува за виновен невиниот Дмитриј, а судот му изрекува казна затвор.

Која е подлабоката смисла на романот?

Достоевски го позајмил заплетот од реалниот живот, т.е. од вест за злосторство што ја прочитал во весник. Но, тоа е само детективската линија на романот, додека неговата смисла е многу подлабока. Последното дело на Фјодор Достоевски е квинтесенција на неговите размислувања за природата на љубовта, гревот, Бога и моралот. Романот има исклучително психолошка содржина (Достоевски е инаку пионер на психолошкиот пристап во руската литература). Тој се обидува да ја разбере руската душа и ги анализира мислите и однесувањето на ликовите. Зошто се однесуваат така? Што ги тера да ги направат сите свои гревови? Тоа се прашањата што го мачат големиот писател.

Ликот по име Зосима е стар монах кој им дава мудри совети на верниците и живее совршен христијански живот во голема духовна дисциплина и молитва. Прототип на старецот Зосима е свети Амвросиј Оптински, старец и монах, кој уште додека бил жив бил почитуван како светец. Неговиот лик е пример за силна вера која може да ја спаси душата.