- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
МНОГУ КРАТКО РЕЗИМЕ:
Прекрасната Маргарита потпишува договор со ѓаволот за да нејзиниот Мајстор успешно го заврши пишувањето на својот роман за Исус.
Чуден странец по име Воланд, претставувајќи се како професор по црна магија, пристигнува во советска Москва. Тој по случаен избор разговара со двајца советски писатели и е изненаден што тие се атеисти и не веруваат ни во Бога ни во ѓаволот. После ова почнуваат да се случуваат чудни работи. Еден од писателите со кои разговарал е случајно прегазен од трамвај, а другиот е однесен во душевна болница. Излегува дека Воланд е лично Сатаната, кој пристигнува во Москва во триесеттите години, полна со корумпирани чиновници, бирократи, профитери и циници.
Во истата таа болница го наоѓаме првиот главен лик во книгата, Мајсторот. Тој е советски писател кој пишува роман за Исус. Меѓутоа, ракописот на ова негово животно дело бил толку критикуван што го запалил, потоа долго талкал и на крајот завршил во болница.
Неговата сакана Маргарита многу го поддржува, сметајќи го за гениј. Таа е мажена за угледен воен инженер, но својот луксузен живот го менува за сиромашното катче на Мајсторот. Откако Мајсторот ќе исчезне, Маргарита му се враќа на сопругот, но потајно и понатаму очајно копнее да го пронајде својот сакан маж.
Воланд ја запознава во ваква состојба и ѝ предлага повторно да ја спои со нејзиниот Мајстор, доколку таа се согласи да биде домаќинка на балот што тој го организира. Маргарита се согласува и притоа станува вештерка.
По успешно исполнување на нивниот договор, таа повторно се сретнува со својот Мајстор и заедно наоѓаат засолниште некаде помеѓу Рајот и Пеколот.
Поглавјата кои ја раскажуваат приказната за Маргарита и Мајсторот се испресечени со поглавја од романот за Исус од Назарет и Понтиј Пилат, гувернерот на римската провинција Јудеја, кој има задача да го изведе Христос на суд. Пилат е брутална личност, меѓутоа чувствува чудна привлечност кон Исус, кој ги смета сите луѓе за добри (и, на чуден начин, ја лекува ужасната главоболка на Пилат). Пилат не сака да го погуби, сфаќајќи дека тој е само наивен филозоф-скитник, но од политички причини мора да го спроведе тоа судење. По егзекуцијата на Исус Пилат само се надева дека Јешуа ќе му прости.
Скриени пораки
Како што романот за Исус и Пилат беше животно дело на Мајсторот, романот за Мајсторот и Маргарита беше животно дело на Булгаков и тој работеше на него до својата смрт во 1940 година, без воопшто да го објави.
Романот има многу автобиографски детали - проблемите што ги имал Мајсторот со романот за Исус, Булгаков ги искусил со своите книги, како и борбата со советската цензура. Исто како и Маргарита, саканата сопруга на Булгаков Елена била мажена за угледен човек, но го оставила заради сиромашен писател, жртвувајќи сè и посветувајќи му го целиот живот.
Истражувачите на Булгаков веруваат дека Елена била таен доушник на КГБ и дека Булгаков можеби знаел за тоа и ја оправдувал во романот. Наводно, таа потпишала договор со „лошите сили“ за тој да не заврши во затвор.
Имаше мали шанси романот да биде објавен во СССР поради својата тема, библиските алузии, прашањата за Бог и ѓаволот и очигледната критика на советското општество од 1930-тите. Меѓутоа, во 1967 година е објавена скратена, цензурирана верзија. Целосната верзија, пак, ја здогледа светлината на денот во странство, а исто така незаконски беше дистрибуирана меѓу Советите преку самиздат (книги препишани на машина кои можеа да поминат низ стотици раце). И, во 1973 година, во СССР конечно беше дозволено објавувањето на комплетната верзија на книгата која наиде на голем одек.