Јуриј Власов: Советскиот идол на Арнолд Шварценегер (ФОТОГРАФИИ)

Култура
АНТОН ИСАЕВ
Јуриј Власов беше необичен и мошне талентиран човек. Во свое време беше врвен дигач на тегови, а исто така интелектуалец, писател, новинар, политичар, па дури и кандидат на претседателски избори во Русија. Пиеше вотка со Јуриј Гагарин, го креваше Фидел Кастро како мало дете и го носеше знамето на Русија на олимписките игри.

Во февруари 2021 година Арнолд Шварценегер на Твитер напиша дека почина Јуриј Власов, човекот што во младоста го инспирирал како дигач на тегови. Арни додаде: „Токму поради таквите луѓе како што е тој, јас не можам за себе да кажам дека сум постигнал сè“. Оваа изјава ќе стане многу појасна кога подобро ќе се запознаеме со животниот пат на Власов.

Младост

Јуриј Власов е роден во 1935 година во Макеевци, гратче во СССР (денешна Украина). Имал тешко детство, па поради тој факт неговите достигнувања заслужуваат уште поголемо восхитување. Тој, меѓу другото, постави 31 светски рекорд во кревање тегови и напиша 15 романи.

Родителите на Власов биле сметани за интелектуалци. Неговата мајка имала козачко потекло и била шеф на библиотеката во Макеевци. Неговиот татко, потомок на селани од Воронеж, бил советски разузнавач и дипломат во Кина за време на Втората светска војна.

Јуриј Власов во текот на војната како дете бил евакуиран на Сибир заедно со мајка си и со братот. Таму бил сведок на ужасни глетки на ранети и трпел неподнослив глад. Од недостаток на храна во 1943 година како осумгодишно дете ја изгубил косата. Тоа го опишува во својата книга „Под тешки околности“. Може само да си замислите колку подоцна во животот би бил силен, доколку не бил изложен на такво гладување.

Супермен во спортот

По завршувањето на Втората светска војна Јуриј се запишал на Суворовската воена школа во Саратов каде што учел од 1946 до 1953 година и во тој период му се вратила силата. Како млад кадет започнал да се занимава со спорт заедно со своите врсници. Брзо излегло дека тој не е воопшто полош од врсниците во борење, во склекови, во стомачни и во скок во далечина.

По воената школа го продолжил образованието на Военовоздухопловната инженерска академија „Жуковски“ во Москва. Таму започнал да се занимава со кревање тегови, но не се вљубил веднаш во овој вид спорт. Во својата книга „Правичноста на власта“ Власов пишува: „Не ме привлекуваше кревањето руско ѕвоно. Што има привлечно во монотоното набивање мускули. Каков памет треба да има човек за вакви егоистични вежби да му даваат задоволство!“

Сепак продолжил да тренира: „Во текот на првите месеци од тренингот внимателно ја набљудував шипката со тегови додека срамежливо стоев пред неа. Започнав да правам клекнувања без поголем напор со двете килограми на грбот. Можев да ги развијам мускулите на нозете до кое било ниво. Колку и да тренирав, никогаш не дојдов до границите на своите можности“, пишуваше Власов.

Рекордер

Власов успешно ја заврши академијата, а во телесна смисла сè повеќе личеше на „руска мечка“. Тој, како и Шварценегер, имаше свој „идол“. Тоа беше американскиот џин Пол Андерсон, кој имаше повеќе килограми одошто сантиметри во висина. Младиот Власов во 1955 година во Москва го видел Андерсон како соборува светски рекорди пред 12.000 гледачи, кревајќи вкупно 518 килограми. Подоцна се сеќаваше како Американците тогаш на шега велеле: „Вие имате сателит, ние го имаме Андерсон!“.

Една година по својата победа во Москва Андерсон стана олимписки шампион. Инспириран од неговиот пример, Власов цврсто реши да ги собори рекордите на Андерсон. За жал, двата џинови никогаш не ги одмерија своите сили во директен натпревар, зашто Андерсон го напушти спортот набргу по Олимписките игри во 1956 година.

Само две години подоцна, кога имаше 22 години, сè уште непознатиот Власов ги собори сите рекорди во тегнење и исфрлање. Неговите достигнувања набргу потоа беа надминати, но стана очигледно дека се појави нов голем дигач на тегови.

Во едно интервју Власов изјави дека неговиот тренер „мечтаел за нови рекорди“. И тој не го разочарал. Имено, во следните години Јуриј четири пати стана светски првак, постави 31 светски рекорд и освои 11 златни олимписки медали. Цената на тешките тренинзи и на големите победи беше платена со доживотна повреда на ‘рбетот, која за малку ќе го чинела живот за време на операцијата во 1986 година.

Суперѕвезда

На светското првенство во Виена во 1961 година на Власов срамежливо му се приближи слабичко момче додека спортистот се одмораше помеѓу сетовите. На рускиот дигач на тегови не му се допадна тоа што младиот навивач му пречи за време на натпреварувањето. „Но, поразговаравме, излезе дека тој е инспириран“, рече Власов. На Јуриј му се допадна приказната за тоа како сувото момче потоа дигало тегови дури и за викенд – кога теретаната беше затворена, така што ставаше скали покрај ѕидот и низ прозорецот влегуваше да тренира. Се викаше Арнолд Алојз Шварценегер.

Кога Шварценегер се подготвуваше да дојде во Русија за снимање на филмот „Црвено вжештување“ („Red Heat“) во 1988 година, сакаше две работи: да ѝ купи бунда на жена си и да му ја стегне раката на човекот кој го инспирирал да стаса до Холивуд.

Арни не беше единствената „суперѕвезда“ на која патиштата ѝ се вкрстија со Власов. Претседателот Хрушчов во 1961 година го повика Власов во Кремљ на прослава на Нова година. На прославата ненадејно се појави неговиот имењак Јуриј Гагарин кој беше уште поголема ѕвезда. Тој му пријде на Власов, носејќи шише вотка и му рече: „Јура, со тебе да испијам некоја“. Сите беа восхитени! Целиот дочек го поминавме заедно, седејќи и пивнувајќи“ се сеќаваше подоцна Власов.

Уште една впечатлива средба се одигра кога Фидел Кастро ја прими советската делегација во која беше и Власов. Кастро се шегуваше со него, сè дури тој не го фати под рамењата Кастро кој тежеше 90 килограми, го подигна како мало дете и го префрли на друго место. „Ел Команданте“ се навреди и за време на вечерата рече дека на Јуриј не му е доволно без оглед колку храна ќе му стават во чинијата, и дека е потребен камион за да го повлече, зашто само така може да се движи.

Новинарство и политика

Приказните за Јуриј Власов се толку бројни што врз основа на нив можеше да се пишуваат книги. И Власов навистина ги напиша тие книги. Тој беше познат како спортист, но и како интелектуалец и создавач. Сметаше дека литературата е најубавата работа на светот. Во интервју што го даде во 2021 година неговата ќерка изјави„ Тој многу пишуваше [...] Татко ми инаку повеќе сакаше да биде писател одошто спортист“. Власов има објавено 15 романи, голем број раскази и статии. Меѓу другото ги проучуваше и архивите и дневниците на својот покоен татко и врз основа на тоа објави книга.

Покрај сето тоа Власов беше и кандидат на претседателските избори во 1996 година, како опонент на Борис Елцин. Подоцна во интервју изјави дека неговите прочуени победи во спортот му ја овозможиле оваа кандидатура, но дека тој, со оглед на определени „околности“, бил свесен дека никогаш нема да може да победи на избори.

Јуриј Петрович Власов почина од старост на 13 февруари 2021 година во 87 година од животот. Кога имаше 70 години сè уште можеше да подигне 185 килограми. Зад себе остави рекорди во кревање тегови, но и нешто многу повеќе од тоа: остави книги и мисли кои и понатаму ги инспирираат луѓето ширум светот.

Прочитајте исто така: Пет нешта кои го фасцинирале Шварценегер во Москва