Што сакаа холивудските sвезди да видат во Москва?

Квентин Тарантино на гробот на Пастернак

Квентин Тарантино на гробот на Пастернак

Valery Sharifulin/TASS
Кога ќе се најдат во руската престолнина, нејзините гости брзаат кон Црвениот плоштад и Кремљ. Сепак, овие ексцентрици не се грижеа многу за задолжителната програма, претпочитајќи малку поинакви знаменитости.

Квентин Тарантино – Гробот на Пастернак и Музејот на филмот

Последен пат славниот режисер престојуваше во Москва во 2019 година, по повод премиерата на филмот „Си беше еднаш... во Холивуд“. Тогашниот министер за култура го прошета по Кремљ и неговите музеи, по што Тарантино стана јунак на шеги и мемиња. Министерот на гостинот му подари стихозбирка од Борис Пастернак. И тоа ни најмалку случајно.

Пред тоа Тарантино ја посети Москва во 2004 година и веднаш отиде право на гробот на Борис Пастернак, како што се покажа, омилениот поет на култниот режисер. Тарантино помина околу час и половина на гробиштата, и според очевидците, тоа не беше вообичаена посета, бидејќи седеше потпрен на надгробната плоча и со мислите луташе некаде. Подоцна призна дека воспоставил духовен контакт со генијалниот руски писател.

По гробиштата, кои се наоѓаат во предградието на Москва, Тарантино побара да намине во „Мекдоналдс“, а потоа одненадеж се појави во Музејот на филмот. Директорот Наум Клејман лично го прошета низ неговите сали, обидувајќи се да му го покаже она што образованиот режисер можеби сé уште не го видел, што го направи апсолутно воодушевен.

Џони Деп – Мавзолејот на Ленин и Музејот на Мајаковски

Најпознатиот пират на светот неколку пати престојуваше во Москва по повод премиерата на неговите филмови, но најнеобичната посета е поврзана со 2018 година. Деп пристигна да одржи концерт со групата „Холивудски вампири“, која ја формираше со рок-легендите Алис Купер и гитаристот на „Аеросмит“, Џо Пери.

Пред концертот на Олимпискиот стадион, Деп го посети музејот на Мајаковски. Се покажа дека актерот одамна сакал да го посети музејот. Тој бил фасциниран од поетот уште како тинејџер и бил за вљубен во неговата страст, драматиката и неверојатната сила. На времето купил книга со песни, фасциниран токму од портретот. „Кога ја видов таа избричена глава и непријатното лице, си помислив, дефинитивно го земам ова“. 

Актерот го посети и мавзолејот на Ленин и ги посети гробовите покрај sидовите на Кремљ. Подоцна, на прес-конференција, тој се пожали дека секогаш има малку време да ги види сите прекрасни знаменитости во Москва.

Том Харди – Ледената пештера и Московското метро

Том Харди пристигна во Москва во 2018 година за премиерата на неговиот филм „Веном“. Се сретна со обожавателите и се прошета во познатиот парк Зарјадје во близина на Кремљ, каде што сврати во павилјонот што симулира Ледена пештера. Доби и крзнена капа за да не му замрзнат ушите, што многу му се допадна, па се пофали на конференцијата.

Покрај тоа, Харди се возеше со московското метро! Иако со обезбедување, актерот успеа да ја посети подземната железница и за среќа го протри носот на бронзеното куче на станицата „Плоштад на  револуцијата“.

Арнолд Шварценегер – Центарот за иновации „Сколково“ и Третјаковската галерија

Челичниот Арни беше во Москва повеќе пати. Веројатно најпознатата снимка на актерот на Црвениот плоштад е онаа од филмот „Црвено вжештување“ од 1988 година, делумно снимен во руската престолнина. Во времето на перестројката и недостаток во СССР, тој сакаше да ѝ купи бунда на сопругата, што беше многу тешко изводливо. Беа потегнати врски со новинарите и функционерите, па Шварценегер на крајот беше испратен во „Торгмех“, а неговата сопруга доби прекрасна бела бунда. Покрај тоа, Арни се виде со својот идол од младоста, советскиот светски шампион во кревање тегови, Јуриј Власов.

Шварценегер пристигна во Москва во 2010 година како општествен деец, а не како актер. Тој донесе група американски бизнисмени, подготвени да инвестираат. Арни возеше со метрото во утринскиот шпиц и заглави во толпата луѓе кои брзаа на работа, заклучувајќи дека Русите го сакаат својот јавен превоз.

Подоцна, Дмитриј Медведев, тогашниот премиер, лично го одвезе Арни до паркот за иновации „Сколково“, каде што ги разгледаа можностите за американски инвестиции. Медведев, исто така, му правеше друштво на актерот и во спортска сала. Арни изрази желба да ја посети Третјаковската галерија, која на крајот беше отворена специјално за него, иако не работеше тој ден.

Мадона – интернат за деца

Својот прв настап во Москва поп-дивата го имаше во 2006 година, предизвикувајќи вистинско лудило. Билетите беа скапи, а по концертот на стадионот Лужники сакаа да ја видат ѕвездата во сите ноќни клубови. Хроничарите на светските настани дежураа пред скапиот ресторан „Пушкин“, со цел да ја видат пејачката на состанок со припадниците на ЛГБТ-заедницата. Сепак, Мадона ги запрепасти сите со тоа што не се појави на ниту една журка.

На аеродром отиде директно од хотелот, а патем тајно посети деца-сирачиња и му донираше заокружена сума пари на интернатот. Новинарите не успеаја да дознаат за која сума станува збор.

Стивен Тајлер - отиде на Арбат да отпее нешто

За време на неговата последна посета на Москва, фронтменот на легендарната група „Аеросмит“ се упати директно на Арбат за да отпее нешто таму со уличните музичари. Се разбира, тоа беше сосема случајно. Додека шеташе, слушна момче со гитара како ја изведува неговата песна I don't want to miss a thing. Тајлер се приближи до микрофонот и му се придружи на младиот интерпретатор на воодушевување на публиката.

Пејачот има руски корени, неговиот дедо е роден во Украина. На прес-конференција тој спомена дека неговиот дедо секогаш се сметал себеси за Русин. Славниот музичар пораснал на боршч и обожава руска храна.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња