Пет причини зошто да го гледате рускиот воен филм „Пилот“

Ренат Давлетјаров/Интерфест, Star Media, ДаПродакшн, 2021.
Новиот филм е комбинација од ефектни сцени како оние од „Данкирк“ (Dunkirk) и тешка атмосфера како во „Повратникот“ (The Revenant“). Во снимањето е користен советски јуришен авион Ил-2 кој беше „вратен меѓу живите“, а сцените со волците се автентични.

1. Се заснова на вистински херојски настани

Дејството се одвива во декември 1941 година. Битката за Москва е во полн ек. Советскиот јуришен авион Ил-2 на капетанот Николај Комлев отвора оган врз колона германски оклопни возила, по што непријателските ловци и ПВО отвораат оган врз него. Оштетениот авион паѓа на окупираната територија, а преживеаниот пилот се мачи да се пробие на слободната територија среде зима низ непроодна шума, полна со германски патроли и глутници гладни волци.

Филмот е заснован на вистинската приказна за Алексеј Маресјев, чиј ловец беше соборен во април 1942 година во Новгородската област. Ранетиот пилот осумнаесет дена и ноќи ползејќи се пробивал до слободната територија. Лекарите му го спасиле животот, но морале да му ги ампутираат двете нозе. Маресјев не паднал духом. Напротив, тој упорно тренирал со протези и се избори за дозвола повторно да седне во авион-ловец.

Ликот на пилотот Комлев е генерализиран. Не се заснова само на биографијата на Алексеј Маресјев, туку и на многу други советски пилоти кои, по ампутирањето на нозете, успеале да се вратат во воената авијација и да се борат против непријателот во воздух. На крајот на филмот се прикажани нивните кратки биографии.

2. Во снимањето е користен автентичен авион од Втората светска војна

Советскиот јуришен авион Ил-2 игра една од главните улоги во „Пилот“. Тоа не е компјутерска анимација, туку вистински авион од времето на Втората светска војна. Во таа смисла, овој филм потсетува на „Данкирк“ на Кристофер Нолан, каде на снимањето беа користени вистински борбени машини.

Во ноември 1943 година непријателски ловци се устремиле врз Ил-2, управуван од Валентин Скопинцев од 46-от јуришен авионски полк од Военото воздухопловство на Северната флота. Во таа прилика советскиот авион бил сериозно оштетен, па морал принудно да слета на замрзнато езеро во Мурманската област, каде што подоцна потонал. Авионот беше под вода речиси 70 години, а во 2012 година беше подигнат од дното и реставриран. Повторно полета во 2017 година.

„Се расплакавме кога тоа нешто долета на снимањето, толку добро беше тоа“, вели Петар Фјодоров, кој ја игра главната улога во филмот: „Според договорот јас немав право да управувам со авионот, во воздухот ми беше дублер Владимир Барсук, единствениот кој умее да управува со таа машина. Дојде еден тип со уред и камера што снима 360 степени, па тоа го закачивме на хеликоптер и тој леташе и го снимаше Ил-2“.

Во декември 1941 година, кога се случува дејствието во филмот, Военото воздухопловство на Црвената армија имало само еден едносед Ил-2, додека двоседите (со кабина за митралезецот) биле пуштени во сериско производство дури во 1943 година. На прашањето зошто во „Пилот“ гледаме двосед, режисерот Ренат Давлетјаров одговори: „За време на војната беа направени 40000 такви авиони, а денес има само два примерока. Едниот е во Канада, кај колекционери, а другиот е во Русија. Едноставно не можев да го отфрлам овој единствен Ил-2 што лета и пука, особено што Ил-2 е симбол на таа војна, како и „Катјуша“ и Т-34. Затоа смисливме финта дека се работи за експериментален модел и дека наскоро ќе има многу такви“.

3. „Пилот“ е „Повратникот“ на Втората светска војна

Давлетјаров признава дека еден од неговите извори на инспирација во создавањето на „Пилот“ бил филмот „Повратникот“ на мексиканскиот режисер Алехандро Гонзалес Ињариту со Леонардо ДиКаприо во главната улога. Зашто, приказната за Комлев не се само воздушните битки што го одземаат здивот, туку е и жестоката борба на земја - како со Германците, така и со дивата природа.

„Што е тоа руска шума во зима? Ако сте во удобно одморалиште со девојката и шетате низ шума на скии, тогаш тоа е убавина. Но, ако сте ранети, мокри и гладни, тогаш тоа е смрт. Реката низ која поминувате е смрт. Недостатокот на храна е смрт. Гладните волци се смрт. Тоа е ледена пустелија во која смртта демне зад секоја грмушка“, вели режисерот.

4. Филмот е сниман во вистински екстремни услови

Креаторите на „Пилот“ се потрудија филмот да биде што поблиску до реалноста. Сниман е во зима, во длабочините на Новгородската област, токму на подрачјето каде што бил соборен Маресјев. Актерот Петар Фјодоров неколку пати морал да влезе во ледената вода, со часови мрзнел на ветрот што минува „низ коски“, па дури и јадел сирова риба која специјално за таа прилика била замрзната во мраз.

5. Во филмот играат вистински волци

На земја Комлев не го демнеле само германските војници, туку и глутница волци што тргнал по неговите стапки. Овие опасни животни не ги играа кучиња, како што тоа често се случува во филмовите, туку вистински волци.

Од подмосковското зоолошко студио „Кашира“ беа доведени волците  Шакира, Јуки и Драго, како и Саркус, чехословачки волчјак (хибрид на карпатски волк и германски овчар). Длабоко во шумите на Новгородската област овие уникатни актери учествуваа во снимањето на многу важни сцени, каде што мораа долго да трчаат пред камерите, да скокаат во јама, па дури и да нападнат човек. А познато е дека волкот по природа многу тешко се дресира.

„Секој ден носеше нови потешкотии“, раскажува кинологот Ана Пономарева: „Еднаш ветерот покрај езерото беше толку силен што гласовите ни се губеа во него, па волците не ги слушаа командите. Вториот пат Драго се исплаши и не сакаше да го нападне човекот, па наместо него, тоа мораше да го направи волчицата. Таа беше и во свената со „покажувањето заби“, додека во јамата скокаше Саркус. Со волците не успеавме многу да најдеме заеднички јазик“.

Во една ситуација беше потребно итно да се сними злокобното волчјо завивање, но на кинолозите не им поаѓаше од рака да предизвикаат соодветни емоции кај своите миленици. Проблемот беше решен дури кога на снимањето беше доведен стар алабај.

 

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња