12 вистински филмови за Источниот фронт од руско и од странско производство

Андрей Шальопа, Ким Дружинин/28 панфиловцев, Gaijin Entertainment, 2016
Воените и, воопшто, историските филмови често сведочат за незнаењето на авторите, за отсуството на талентот и на имагинацијата или се претвораат во банално пропагандно оружје. Но, постојат и филмови на кои сакаме да им верувам и тогаш велиме: токму така изгледала Втората светска војна! А, такви се, на пример, овие филмови:

1. Сталинград (1993)

Осум години пред филмот „Непријател пред вратата“ (2001), во кој Црвената армија се однесува како стадо овци, Германците снимија пообјективен, но, за жал, помалку познат филм за Сталинградската битка. Во овој филм советската пешадија не трча на германските митралези без оружје, а комесарите не се задолжително нелуѓе.

Во „Сталинград“ следиме група војници на Вермахтот кои од топлата, сончева Италија се испратени во ледениот пекол на Источниот фронт. Тука германските и советските војници се прикажани како професионалци кои ја извршуваат својата војничка должност. Не се карикатури, ами обични луѓе, способни и за херојски дела и за покажување плашливост и паника.

2. Во бој одат само џомбите (1973)

Филмот зборува за секојдневието на пилоти на ловечки авиони за време на Втората светска војна, за луѓето кои по битките се собираат во аматерски оркестар. Снимен е врз основа на вистинка приказна за „распеаната“ ескадрила која навистина постоела во Петтиот гардиски ловечки авијациски полк. „Распеана“ била зашто имала сопствен хор. Хорот приредувал концерти на ослободените територии, а во 1944 година на еден таков концерт во Краматорск уште како момче присуствувал режисерот на овој филм Леонид Биков.

3. Непознатиот војник (2017)

Филмот од 2017 година е веќе трета адаптација на романот на финскиот писател Вјајно Лина за секојдневието на финската војска која се борела на страната на Хитлер за да ги поврати териториите изгубени во Зимската војна и истовремено ја одзеде советска Карелија. Во „Непознатиот војник“ Русите не се диви варвари од Истокот кои се способни за акции со кои не треба да се гордеат, како уништувањето автомобили со ранети. Истовремено, ниту финските војници не се ангели и стрелаат советски војник без да го судат.

4. Ослободување (1967-1971)

Филмскиот еп „Ослободување“ стана еден од најголемите советски кинематографски проекти посветени на темата за Втората светска војна. Петте филмови детално го опишуваат судирот помеѓу СССР и Третиот рајх, од пресвртницата во битката кај Курск до заземањето на Рајхстагот.

Во снимањето кое траеше 4 години учествуваа филмски студија на СССР, Југославија, Источна Германија, Полска и Италија. Проектот привлече стотина историчари и учесници во тие настани, 3.000 војници, 150 тенкови и десетици советски и чешки летала преправени во авиони од Втората светска војна.

5. 28 панфиловци (2016)

Есента 1941 година германската војска, која се наоѓала во реонот на Волоколамск, на само два часа од Москва, се подготвувала за конечен јуриш и за заземање на руската престолнина. На патот им се испречила 316 пешадиска дивизија под команда на генералот И.В. Панфилов.

Овој филм е вистинска приказна за тој 16 ноември кога панфиловците се спротивставиле на германската тенковска дивизија и со својата пожртвуваност во голема мера ја затапиле германската острица во походот кон Москва.

6. Брестската тврдина (2010)

Филмот зборува за херојската одбрана на тврдината Брест, која прва го примила ударот на германската војска на 22 јуни 1941 година. Настаните ги прераскажува човек која ја преживеал опсадата, а тогаш бил 15-годишно момче, и видел тројца командири кои најмногу се истакнале во одбраната, а по војната се прогласени за херои на СССР.

И покрај тоа што германската војска била во голема мера побројна, тврдината ја држела одбраната речиси еден месец.

7. Бункер (2004)

Еден од најдобрите германски филмови за Втората светска војна, „Бункер“, зборува за последните денови на нацистички Берлин. Третиот рајх е во агонија: старите лица и децата се изведени да се борат против Црвената армија, офицерите се пијани, а командата си ја крши главата за да се извлече од настанатата ситуација. Централна фигура е Хитлер. И додека руската публика е навикната на кино да го гледа како хистеричен невротичар кој постојано вреска, германските филмаџии го имаат прикажано Фирерот како немоќен старец.

8. Се бореа за татковината (1976)

Заснован на истоимениот роман на Михаил Шолохов, лауреатот на Нобеловата награда за литература, овој филм раскажува за полкот војска кој се спротивставува на германската офанзива на Сталинград летото 1942 година. Познатиот советски писател и глумец Василиј Шукшин во овој филм ја одигра својата последна улога, и покрај него играа и голем број водечки советски глумци, вклучувајќи го и Бондарчук.

9. Оди и гледај (1985)

Воената драма на Елем Климов во две епизоди е снимена според мотивите на делата на Адес Адамович „Хатинска повест“, „Партизани“ и „Казнениот одред“. Дејствието се случува во Белорусија во 1943 година. Главниот јунак е белоруското момче Фљора Гајшун, кој по нацистичката казнена операција и покрај негодувањето од страна на неговата мајка, заминува во партизани.

Првобитно било замислено филмот да се вика „Убијте го Хитлер“. Насловот бил променет по интервенцијата на цензурата на што режисерот се согласил.

Подоцна филмот беше прикажан во единаесет земји во светот. Тој за странците беше толку шокантен, што во текот на проекцијата покрај кината дежураа возила на брза помош за премногу чувствителните гледачи.

10. Во август 1944 (2000)

Летото 1944 година германските агенти беа активни во заднината на советската војска во Белорусија. Контраразузнавачката служба на Смерш добива задача да ги пронајде и да ги неутрализира, зашто од тоа зависи судбината на целата офанзивна операција на Балтикот.

Филмот доби добри критики и од страна на критичарите и од страна на обичните гледачи. Највредна беше пофалбата од Федералната служба за безбедност која овој филм го призна за најдобра екранизација на животот и на работата на советските контраразунавачи.

11. А, зорите тука се тивки (1972)

Главното дејствие на филмот, снимен според култното истоимено дело на Борис Василев, се одигрува во 1942 година во Карелија. Група од пет девојки кои војуваат во единиците на противвоздушната одбрана под команда на старешината Федот Васков стапува во битка со германски падобранци.

Сцените од военото време се снимени исклучително реалистично во црно-бела техника, а сцените пред и по војната, како и сцените на сеќавањата и мечтите на девојките, се снимени во колор.

Во филмот постои епизода во руска бања во која глумиците се појавуваат голи. Режисерот Станислав Ростоцки цели пет часа ги наговарал девојките да се согласат да ја снимат оваа сцена. Тој вака им ја објаснил својата режисерска замисла: „Девојки, ја сакам да покажам каде погодува куршумот. Сакам да покажам дека куршумот не убива апстрактен човек, ами убава и млада жена која треба да раѓа деца“.

12. Ѕвезда (2002)

Доколку сега руските воени филмови се слични на компјутерските игри како што е World of Tanks, со апсолутно неоправдано истакнување на љубовната линија во прв план, тогаш „Ѕвезда“ која е снимена во 2002 година ги следи најдобрите примери на советската кинематографија, кога во воените филмови се зборувало крајно реалистично за својата војна.

„Ѕвезда“ е приказна за група набљудувачи кои летото 1944 година ги ризикувале своите животи на непријателската територија за да добијат важни информации за претстојниот германски контранапад. Љубов има и во овој филм, но таа на ниту еден начин не го свртува вниманието од главните настани, како што тоа често се прави во руските воени филмови од последниве години.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња