„Драги пријатели, денес започнуваме телевизиски курс по руски јазик и ве покануваме на патување по Советскиот Сојуз“. Со овие зборови започнува серијата видео-предавања за странски студенти. Првите видео-курсеви се појавија кон крајот на 1970-тите. Тоа беа неколку десетици видео-предавања во траење од по 15-20 минути. Повеќето од нив сега може бесплатно да ги погледнете на „Јутјуб“.
Системот на предавања по руски како странски јазик беше централизиран во средината на 1970-тите, кога беше основан Институтот за руски јазик „Пушкин“. Таму идните предавачи студираа и пишуваа научни трудови. Советските лингвисти објавуваа учебници и корисни материјали за оние кои сакаа да го учат рускиот јазик. Учебниците беа проследени со аудио и видео-материјали, па дури и со анимирани филмови во кои се прикажани наједноставни секојдневни ситуации.
ТВ-курсот наречен „Зборуваме руски“ („Мы говорим по-русски“) се појави во 1977 година. Тој им помагаше на почетниците да ги совладаат основните руски фрази. Секоја епизода беше посветена на одредена тема: патување, ручек во ресторан, дијалози за работа, хоби и многу повеќе.
Во првата епизода, младич по име Дима ги сретнува Оља и нејзиното куче во паркот и тие се запознаваат. Дима се обидува да погоди каде живее и студира Оља. Потоа заедно одат на прошетка, а подоцна го договараат и првото рандеву. Вистинска љубовна приказна во руски стил! На крајот на видео-предавањето е прикажано како да запознаете пријател со руско семејство.
Темата на следната епизода е снаоѓање во град. Ситуацијата е забавна: главниот лик доаѓа од Москва во Киев и се обидува да пронајде некоја дама. Но, наместо да оди во улицата „Пушкинова“, тој по грешка прво оди на улицата „Чехова“, па на улицата „Толстоева“ и на крајот во улицата „Гогољева“. За 18 минути студентот ќе научи фрази кои ќе му помогнат да не се изгуби во голем град, а во исто време ќе ја види и прекрасната архитектура на Киев.
Една епизода прикажува ситуација која е вообичаена во наше време, но беше невообичаена во советско време. Тоа е ручек во кафе-ресторан, по повод празник или некој јубилеј. Келнерот им нуди на децата риба, каша и палачинки, но тие сакаат само сладолед, чоколади и лимонада. Покрај имињата на руските јадења, можете да ги научите фразите „не сакам“ („не хочу“, „не буду“) и „многу е вкусно“ („очень вкусно“).
Во средината на 1980-тите се појави уште еден видео курс наречен „Давайте знакомиться“ (Ајде да се запознаеме). Тој е посветен на понапредно ниво на знаење на јазикот, а ситуациите се поинтересни. Најважно е, сепак, што благодарение на тие часови можете да ги видите главните градови и знаменитостите на Советскиот Сојуз.
На пример, во епизодата од линкот подолу, едно семејство патува со автомобил до Талин. Мајката и децата се шетаат по градот и се фотографираат насекаде додека таткото Борис ги чека во автомобилот и со слушалки на уши ужива во класична музика. Секогаш некој ќе се изгуби и потоа се прашуваат едни со други каде се останатите, а крајот на приказната е брилијантен!
Темата на една епизода е Академгородок (сибирски град во кој живеат научници). Тука е прикажана не само зимата во Сибир, туку и научниците кои храбро се пробиваат низ шумата покриена со снег. На овој час станува збор за припитомувањето лисици, во што советските биолози забележаа голем напредок. (За тие лисици можете да дознаете повеќе овде!)
Една епизода е посветена на филмската екипа која се подготвува да направи филм за руските културно-уметнички ансамбли. Тие планираат да снимаат сцени во градовите на Златниот прстен. Ликовите разговараат за убавината на старите градови и во исто време за времето.
Една од подоцнежните епизоди е посветена на Самарканд (Узбекистан). Вера од Ленинград им помага на странските студенти да ги научат најпотребните фрази што можат да се слушнат на екскурзијата додека туристите го набљудуваат стариот град.
Во овие видеа се прикажани ситуации со дијалози кои можат да бидат интересни и за децата и за возрасните.
Во еден цртан филм Ник вежба претставување пред друга личност со помош на неговиот папагал и решава да тргне на патување низ Советскиот Сојуз. Во анимацијата се прикажани некои стереотипи како руски убавици со долги плетенки, како и кокошници (женски украс што се носи на главата, како дијадема) и самовари!
Во еден цртан филм се објаснува што да правите ако треба да повикате лекар да дојде и како да разговарате со него на руски. Главниот лик се буди во хотел со висока температура и сфаќа дека е болен. Лекарката (млада и убава девојка со долги трепки) му припишува лекови и по неколку дена го кани во здравствен дом.
Штом ќе оздрави, Ник одлучува да го продолжи своето запознавање со Советскиот Сојуз и го поминува целиот ден во екскурзии - посетува музеј, стадион и зоолошка градина.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче