„Горе, долу, лево, десно“, гласеа инструкциите на соработникот на Центарот за контрола на летот во моментот кога вселенскиот брод „Сојуз МС-19“ му се приближи на рускиот сегмент на МВС. „Правете како што учевте, сѐ ќе биде во ред“, вели тој со рамен глас.
Меѓутоа моментот на спојување со станицата го следи прилична нервоза. Поради откажувањето на системот, бродот не може да ја изврши работата во автоматски режим, па пробниот космонаут Антон Шкаплер мора да се спои рачно. Во тоа им помага 37-годишната актерка Јулија Пересилд која пред три месеци немаше никаква врска со космосот.

Рамиљ Ситдиков / Sputnik
Таа како членка на првиот космички „филмски екипаж“ е избрана за овој лет заедно со режисерот Клим Шипенко за да се сними првиот игран филм во космосот на светот. Јулија на МВС стаса на 5 октомври и во вселената се најде пред својот холивудски колега, глумецот Том Круз кој го имаше истото на памет.

Рамиљ Ситдиков / Sputnik
„Сѐ уште ми се чини како да не сум се разбудила“, вели Пересилд кога стаса на МВС. „Тешко е да се поверува дека сево ова е стварност“:
Во филмот „Предизвик“ таа ја игра главната женска улога, кардиохирургот Жења која има еден месец да се подготви за лет на МВС и таму да му го оперира срцето на космонаутот. Практично актерката го мина истиот пат кон нејзината филмска хероина. Јулија Пересилд е денес една од најангажираните актерки во руската кинематографија, иако своевремено, како што самата вели, никој од нејзиното блиско опкружување не веруваше сериозно во тоа дека ќе ѝ се оствари желбата да стане актерка, а да не зборуваме за лет во вселената.
Sergei Savostyanov / TASS
„Мајка ми многу ме сакаше и веруваше дека имам некаков талент, но секогаш ми велеше дека е подобро да станам директор на училиште, одошто глумица“, откри Пересилд во едно интервју.
Пересилд е родена и израсната во Псков, мал град на северозападот од Русија, на границата со Естонија и со Латвија. Отсекогаш сонувала да замине од родниот град. „Пукање, алкохоличари, тепачки, наркомани. Сето тоа го имам видено. Во градската дискотека едноставно можеа да земат гасен пиштол и да почнат да пукаат. Тој можеше да се купи во киоск, заедно со 'Баунти'. Ние сме тука на границата, тоа е пограничен град“ вели актерката за осумдесеттите и за деведесеттите години од минатиот век.
И Јулија решила да избега во Москва. Ги спакувала работите и рекла дека оди да се „прошета“ во престолнината, а всушност отишла на приемен испит во театарска академија. Иако никогаш претходно во својот живот нема гледано ниту една претстава на театар. На почетокот морала да спие на станица, во собата за мајки и деца.
Сергеј Кузнецов / Sputnik
Откако е примена релативно брзо почнува да се појавува во телевизиски серии, претежно во споредни улоги, а потоа го пронајде и „својот“ филмски режисер Алексеј Учитељ (режисер на „Матилда“, фил за љубовницата на Николај Втори за кој се крена голема прав) со кој има две ќерки.
Екатерина Чеснокова / Sputnik
Нејзиниот подем во кариерата започна со филмот на овој режисер „Заробеник“ вод 2008 година, а две години подоцна одигра улога во драмата „Крај“ на Учитељ за која доби бројни признанија.
Смета дека нејзината најдобра улога е во воената драма „Битката за Севастопољ“, снимена во 2015 година, каде ја игра познатата снајперистка на Црвената армија Људмила Павличенко која не ги промашуваше непријателските војници во Втората светска војна.
Sputnik
Пред почетокот на снимањето мораше да мине вистинска воена обука. „Имаше и пукање, и модринки на рамото, сериозни подливи. А, најкомплицирано беше да се научи да не трепкаш додека пукаш, зашто снајперистите не трепкаат. Инаку, тоа може да биде кобно и да те чини живот. Тие со години ја развиваат оваа вештина“.
Екатерина Чеснокова / Sputnik
Јулија Пересилд мошне често игра на театар, а веќе неколку години е покровител и соосновач на фондот за помош на децата заболени од церебрална парализа „Галчонок“ (чавкиче). Нејзината популарност вртоглаво расте, има одиграно повеќе од 70 улоги на платно, а стручните списанија ја вброија во десетте најдобри актерки до 35 години.
Пересилд редовно ги добива главните улоги во најпопуларните серии и во големите патриотски блокбастери. Истовремено и понатаму игра во авторски филмови, а последно вакво остварување беше во „Грипот на Петрови“ на Кирил Серебреников, премиерно прикажан оваа година на фестивалот во Кан.
Екатерина Чеснокова / Sputnik
Меѓутоа, за лет во космосот не беше доволно тоа што е позната, но мораше да се избори во силна конкуренција од 3.000 кандидатки од разни професии, пилоти, психолози, научници. Откако ги мина медицинските и другите селекции, следуваа три месеци космичка обука која опфаќаше тестирање на центрифуга и многу други работи. Мораше да биде подготвена и за случај капсулата со екипажот да слета некаде во дивина, а не на зададеното место, и да научи да преживее, и за лет во услови на бестежинска состојба.
Екатерина Чеснокова / Sputnik
„Обука... лансирање... спуштање... во скафандери... под маски... утре четири до шест часа со гас-маска без пауза... анализа на летот со најискусните космонаути... илјадници непознати зборови... и ноќе обработка на информацијата... повторно читање на документацијата... анализа на грешките за да не се повторуваат“, вака актерката ги опишуваше деновите во пресрет на летот на својата страница на Инстаграм.
Mikhail Japaridze / TASS
Пересилд е петтата Русинка во космосот од кога се започнати летовите со човечки екипаж и е прва на МВС по 2015 година. За себе зборува како за личност чиј живот е создаден од надминувања. Ова за неа, како што вели самата, е клучната мотивација. Што би се рекло народски сака да „удира контра“.
NASA TV
„Штом ми кажат 'нема да можеш', е баш тогаш можам“, искрена е Јулија.