Леди Смрт и Невидлив ужас: 3 советски снајперистки

Фотографија од архива
За време на Големата татковинска војна стотици илјади советски жени заминале на фронт за рамо до рамо со мажите да војуваат со нацистичка Германија. Дел од нив заминале да бидат снајперисти и дошле до невидени резултати кои помогнале да се направи пресврт во војната. „Руска реч на македонски“ ги собра приказните на трите најпознати советски снајперистки од времето на војната.

1. Људмила Павличенко, Леди Смрт

Људмила Павличенко ја сметаат за најопасната снајперистка во Големата татковинска војна – на нејзината сметка има 309 војници и офицери на противникот. За жената која странските новинари во времето на војната ја нарекле Lady Death пишувани се песни и снимен е филм. Во СССР нејзиниот лик двапати се нашол на поштенска марка.

ТАССТАСС

Павличенко заминала на фронтот како доброволец кога имала 25 години и пред заминувањето во војска минала само низ кус курс за снајперисти.

Павличенко има учествувано во борбите во Украина за Одеса и за Севастопољ. За време на овие борби таа се запознала со еден свој соборец, исто така снајперист, со кој решила да остане до крајот на својот живот. Но, откако тие поднеле барање за венчавање во матично, нејзиниот свршеник бил тешко ранет и починал во болница. Оваа приказна беше основа за филмот кој неодамна беше снимен за Павличенко „Битката за Севастопољ“.

Павличенко учествувала во борбите за Севастопољ практички до самиот крај на одбраната на градот, кој во најтешки услови се бранел долги осум месеци. Во јуни 1942 година Павличенко била ранета и била евакуирана од градот.

Триста убиени војници и офицери е резултатот на Павличенко за помалку од една година. Се смета дека против неа биле испратени најдобрите германски снајперисти, а таа уништила 36 од нив. Еден од нејзините противници, како што велат медиумите, бил германски снајперист кој имал убиено 400 војници.

Откако Павличенко закрепнала заминала како дел од советската младинска делегација во САД и во Канада. Таа била примена од американскиот претседател Франклин Рузвелт, а сопругата на шефот на државата Елеонора за неа организирала патување низ земјата.

На средбите во САД Павличенко ги повикала сојузниците побргу да го отворат вториот фронт во Европа. Во Чикаго таа изјавила: „Џентлмени, имам 25 години. На фронтот веќе успеав да уништам 309 фашисти. Не ви се чини ли вам, џентлмени, дека многу долго се криете зад мојот грб“. Во САД на снајперистката ѝ подариле пиштол Колт, а во Канада Винчестер. Пејачот Вуди Гатри ѝ ја посветил песната „Мис Павличенко“.

Во 1943 година Павличенко станала Херој на Советскиот Сојуз, но повеќе не се вратила на фронтот и се занимавала со подготовка на снајперисти.

2. Алија Молдагулова

Алија Молдагулова е родена во Казахстан, но војната ја начекала во Ленинград. Во март 1942 година детскиот дом во кој учела 16-годишната девојка бил евакуиран од градот под опсада. Веќе во декември истата година Алија станала курсист на неодамна формираната Централна школа за снајперска подготовка. Таму за одличната стрелба таа била наградена со пушка со нејзиното име и во јули следната година Алија Молдагулова веќе била испратена на фронт.

ТАССТАСС

„Во август 1943 година во нашата бригада дојде снајперистот Алија Молдагулова. Нежна и многу симпатична девојка од Казахстан. Имаше само 18 години, но од октомври на нејзината сметка имаше 32 убиени фашисти“, се сеќава една од соборците на Алија.

Според неа, девојката се одликувала со храброст. Освен тоа, таа не само што била добра снајперистка, ами и запленувала германски војници и ги носела од бојното поле ранетите и им давала прва помош.

Алија загинала за време на ослободувањето на Псковската област на северозападот од Русија во јануари 1944 година. Како што раскажуваат очевидци, девојката неколку пати ги предводела војниците во напад со повикот: „Браќа, војници, по мене!“ За време на еден напад, без оглед на ранувањето од шрапнели од мини, таа продолжила да пука. Била ранета уште еднаш од еден германски офицер, но успеала да го убие противникот. Од здобиената рана во таа борба Алија починала.

Во нејзиниот список влегуваат 78 убиени војници и офицери на противникот. Звањето Херој на Советскиот Сојуз ѝ било доделено постхумно. На оваа снајперистка во СССР ѝ бил посветен балетот „Алија“. Во 1985 година за неа е снимен и играниот филм „Снајперисти“.

3. Роза Шанина, Невиден ужас

Роза Шанина била воспитувачка во детска градинка. Таа дошла на фронтот на 19 години по две години молење во воената команда да ја испратат на фронт. Во јуни 1943 година, како и Алија Молдагулова, таа била испратена во Централната школа за снајперска подготовка која ја завршила со одличен успех.

ТАССТАСС

Кога во април 1944 година таа го убила првиот нацист, според сеќавањето на нејзините соборци, викнала: „Човек убив, човек...“. Сепак, веќе по неколку дена на нејзината сметка имало 10 фашистички војници, а по еден месец таа го добила орденот на Славата од трет степен. Нејзин главен адут бил дублетот – двоен истрел во еден здив.

Наскоро таа била наградена со уште еден орден на Славата, но сега веќе од втор степен. Роза станала првата девојка на која ѝ биле дадени овие награди. По ова Шанина била позната во целата земја. За неа пишувале во весникот од фронтот „Да го уништиме непријателот“, а московскиот весник „Огоњок“ нејзината фотографија ја ставил на насловната страна. Странските новинари ја нарекле „Невиден ужас на Источна Прусија“ – имено тука таа војувала есента 1944 година.

 Klimbim Klimbim

Во својот воен дневник Роза напишала дека не ја заслужила сета таа слава. Таа сметала дека направила малку во војната.

Таа минала девет месец на фронтот. Загинала во јануари 1945 година, три месеци пред победата, прикривајќи го ранетиот командир на артилериската единица. Се смета дека таа уништила 59 војници и офицери на германската армија.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња