Ленин на тркала – Депо на Ленинградската железничка станица
Mos.ru
Ова е еден од првите споменици подигнати на Ленин во Русија. Многу е необичен. Постаментот е направен од заварени делови на локомотиви: клипни прачки, крила и пожавести запчаници. Стои на четири тркала од расходуван помошен вагон. Споменикот го направија 1925 година железничари со цел да се искористи за организирање масовни комунистички митинзи во градовите и селата каде што сé уште немаше споменик на водачот на Револуцијата (статуата на Ленин на постаментот може да се сврти за 360 степени). Меѓутоа, споменикот никогаш не беше изнесен од железничкото депо каде што сé уште стои и може да се посети.
Ленин со џиновски раце – Улица „Бураков“ 8
Генадиј Грачов (CC BY 2.0)
Овој споменик на Ленин стои до местото каде што на 12 април 1919 година е одржан првиот комунистички „суботник“ (општествено корисна работа, која најчесто се изведуваше во сабота), т.е. во депото „Москва – Сортирање“ на железничката пруга Москва - Казањ. Вниманието го привлекуваат џиновските раце (џиновска е и шапката што Ленин ја држи во левата рака). Десната рака, изгледа, повеќе пати била „надградувана“бидејќи некој сакал да ја украде.
Работниците го носат Ленин – Прва Карачаровска улица 8
Yandex maps
На повеќето споменици е прикажан само Ленин. Ретки се спомениците каде што тој се наоѓа во група луѓе. И секогаш е сериозен, никогаш не се насмевнува. Но, постои еден исклучок. На споменикот што се наоѓа до фабриката за преработка на дрво во Првата Карачаровска улица во Москва е прикажана група работници-револуционери кои го носат Ленин, а тој за тоа време им се обраќа на присутните со кренати раце и насмевка на лицето.
Ленин за селфи – улица „Грузински Вал“ 26
Legion Media
Во дворот на станбената зграда на улицата „Грузински Вал“ 26 може да се види понизок споменик на Ленин. Бистата е поставена на многу низок постамент и всушност претставува огромна човечка глава. Ова место е во центарот на градот. Од Белоруската железничка станица до ова место може да се стигне пеш за две минути.
Гробишта на споменици на Ленин – улица „Кримски Вал“ 10
Сергеј Фадејчев / TASS
Зад зградата на Третјаковската галерија во улицата „Кримски Вал“ 10 се наоѓа паркот Музеон, кој во текот на 1990-тите стана еден вид гробишта на споменици. Тука се донесени многу споменици на различни советски политичари, кои на почетокот на 1990-тите по распадот на СССР беа отстранети од нивната првична локација. Овде на едно место можете да најдете неколку Ленини и уште подобро да ја согледате целата иронија на „споменичната“ идеологија на советскиот период.