Како се слави Масленица во Москва (ФОТОГРАФИИ)

Антон Белицки
Немојте сега да мислите на диета! Ова е недела на непрестајни гозби и палачинки.

Се чини како некои луѓе штотуку се „повратија“ од повеќедневните новогодишни празници, а еве, повторно мора да го олабават ременот – овој пат по повод „неделата на палачинките“, т.е. Масленица.

И новогодишниот декор во главниот град на Русија е прилагоден на новиот празник. Огромните новогодишни елки со кои е начичкан целиот град го сменија „рувото“ и сега се украсени со традиционалните словенски симболи, вклучувајќи го и симболот на Сонцето.

Масленица трае целата оваа седмица – толку долго Русите ја испраќаат зимата. Децата особено го сакаат овој празник затоа што им е дозволено да изедат еден куп палачинки со различни додатоци. Се разбира, и возрасните го сакаат тоа.

Ова е празник во кој луѓето им се радуваат на пролетта, храната (особено на палачинките) и на дружењето.

Се организираат народни веселби, масовно мавање со топки снег, возење на санки влечени од коњи (главно на село), а тоа е и пригода луѓето да се облечат во разновидни костими.

Палачинките се симбол на Сонцето, според словенските пагански обичаи. Масленица е последната седмица пред почетокот на Великите пости. Православните христијани оваа недела јадат јајца, млеко, сирење и други млечни производи.

Во недела е кулминацијата на празникот, кога се пали огромно страшило од слама. 

Завесата врз оваа магија се спушта во понеделник, кога почнуваат Великите пости кои траат 40 дена, сѐ до Велигден.  

Прочитајте го нашето детално упатство за тоа како Русите ја празнуваат Масленица и какво значење во руската традиција има секој ден во оваа седмица.

Патем, не заборавајте да направите и неколку автентични палачинки.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња