Извор: РИА Новости
Масленица – прв ден... Понекаде се пржат палачинки. Но, веднаш се оградуваат дека тоа се први палачинки. Првата палачинка секогаш се стуткува, па затоа во Русија постои и изреката „Первый блин комом“, што во слободен превод на македонски јазик значи „Првата палачинка се тутка“, и обично таа се фрла. Но, сепак, постојат и голем број љубители на ваквите палачинки. Со овие први, „неуспешни“ палачинки многу добро оди нежинскаја рјабиновка (вид алкохолен пијалак од рјабина – заб. прев.). По првите палачинки луѓето стануваат и се тетерават - или некој не навикнал на неа, или рјабиновката „малку им ги фатила нозете“.
Втор ден. Работите стануваат сериозни. Се печат палачинки од пченично брашно, од брашно од хељда или мешано, полнети и празни. Домаќинките со негодување набавувале лосос, со колнење црн пресуван кавијар. За познатиот кавијар само мечтаеле. Кај сите напредници (политичка партија од 1912 година која заговарала уставна монархија – заб. ред.) се служел црвен кавијар. Постоела тајна спогодба белиот лосос да не се лови. Гастрономите го нарекуваат донскиот балик (посолен и сушен на сонце страничниот и предниот дел од црвената риба – заб. ред.) „вистински државен советник“, а оние палачинки што се полнети со него ги нарекувале „палачинки со генерал“. Во име на воведување на трезвеност започнува заедничкото уништување на „Горките солзи“ (ликер со англиски црн пипер), ликерот од билки, медовиот ликер, пелинковецот и ликерот од рибизла. На улиците се појавуваат замислени субјекти со матен поглед, но засега со цврст чекор.
Трет и четврти ден. Палачинки, за палачинки, со палачинки, од палачинки. Општо и неизоставно „труење“ на желудникот. Огромна побарувачка на лекови кои се потребни за тоа: шустовски коњак, кашинска мадера, горбуновски тенериг, руска брикаловка (алкохолен пијалак – заб. ред.). Националистите пијат виски и англиски портер. Во едно провинциско друштво за апстиненција се напиле сите членови, заедно со претседателот Ф. И. Родичев (политичар, пратеник во Државната Друма – заб. ред.) и со кочијашот на еден достоинственик одиграле „меч“ кој ќе изеде повеќе палачинки и ќе испие повеќе вотка. Победил господинот Родичев. В.А. Маклаков кој вложил голема сума пари на кочијашот, ги изгубил сите хонорари што ги добил за време на судскиот процес Бејлис (ритуални убиство организирано од страна на радикално десните политичари – заб. ред.), интендантите и забарите...
Од ваквата опиеност со палачинки попуштаат нервите. На една улица се случил судир на цела група интелектуалци. Сметале дека тоа е борба на десните и на левите, но учесниците во тепачката биле непартиски пијани. Лековите од продавниците за алкохол престанале да делуваат. Почнале постепено да преминуваат на капки од нане и сода (народни средства со кои се намалува делувањето на алкохолот – заб. ред.)
Петти и шести ден. Успешна пародија на вавилонскиот пандемониум: луѓето почнуваат да се изразуваат на неразбирливи јазици: богот Бахус ги измешал јазиците, откако видел дека пирамидата изедени палачинки би била повисока од Вавилонската кула...
Некои жители се целосно исцрпени: некои изговараат зборови кои се блиски по значењето. Палачинките се јадат и се јадат. Мудрите луѓе, кои со проникливо око гледаат во мрачната иднина се плашат од глад. Алкохол се пие и се пие. Рестораните во кои се јадат палачинки потсетуваат на патнички пароброд кој се ниша. На улиците има различни тела: што се движат, што се нишаат, што се растегнуваат, „мртви изморени“. По домовите се прават прослави со палачинки и со разни говори. „Отворањето“ на желудникот многу влијаело на главата. Говорниците мешаат настани и имиња.
Седми ден и (за среќа!) последен... Завршува Масленицата, догоруваат свеќите, сите јунаци еден по друг паѓаат... Јунаците од гозбата со палачинки. Оргијата е заменета со диета. Палачинките предизвикуваат идеја за крвава одмазда. Многумина се предале на насилството од омраза кон објектот на лакомост. Така од записникот на еден литературно образован полициски надзорник се гледа дека во ресторанот „Јаготка“ еден прогресивен трговец, осудувајќи ја руската лакомост и пропагирајќи суров аскетизам, кршел шишиња и приредувал скандали. Веројатно составувачот на записникот имал премногу лаконски стил, и затоа не треба да се мисли дека во тој прогресивен трговец видели некаква есетра со кавијар... Не, тука станува за нешто подлабоко: спиритуално.
Масленицата завршува со тажни воздишки и покајнички молитви:
„Дајте кисела зелка... расолница од краставици!“
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче