Македонската претстава „Разговори во четири очи“ наградена на театарски фестивал во Русија

Култура
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА

На 6 меѓународен театарски фестивал „Подмосковски вечери 2018“ што се одржа од 5-9 октомври во градот Митишчи во Московската област, наградата „Симпатии на жирито за најдобра претстава“ ја доби претставата „Разговори во четири очи“ на Македонскиот народен театар.

„Разговори во четири очи“ е во режија на Нина Николиќ, според текст на Ингмар Бергман, а во адаптација на Тамара Барачков. Претставата е копродукција меѓу Македонскиот народен театар и продуцентската куќа „Скопје Филм Студио“. Премиерно беше изведена во декември 2015 година. Главната улога ја толкува Амернис Нокшиќи-Јовановска, додека во останатите улоги настапуваат: Нина Деан, Петар Арсовски, Дамјан Цветановски, Дарја Ризова, Катина Иванова и Благој Веселинов. Продуцент е Томи Салковски, костимограф е Ивана Каранфиловска-Угуровска, а сценографијата е на Сања Аврамоска.

На фестивалот учествуваа руски и странски професионални драмски театри со претстави како на руски, така и на странски јазик.

Гран-при наградата (награда од гледачите) ја доби претставата „Војцек“ на театарската група „28 Theatre“ од Алмати, Казахстан.