Филмот „Хармс“ награден на фестивалот за филмска монтажа „Синематик“

Култура
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Филмот „Хармс“, направен во заедничка копродукција на Русија, Македонија и Литванија, е награден со „Златен рез“ на вториот Фестивал на филмската монтажа „Синематик“ што се одржуваше во Скопје.

Наградата ѝ припадна на Татјана Кузмичова од Русија, која стои зад монтажата на филмот.

Жирито ја истакна нејзината работа на филмот во кој се зборува за животот на писателот Даниил Хармс.

„Монтажерката Татјана Кузмичова ја води приказната врз стенограмот на една емоција која постепено се остварува низ уфрлување на документарни елементи од минатото како пластични визии, а притоа гледачот ништо не го условува при визуелната перцепција. Таа се спротиставува на стереотипите на монтажата и го опишува дејствието во прогрес на ритамот и емоционалните моменти, како треба да ги доживее гледачот“, се вели во образложението на жирито што го пренесува „Макфакс“.