1. Смешарики
Кога едно петербуршко студио за анимација во 2003 година почна да работи на првите епизоди на анимираната серија за деца Смешарики, тешко дека креаторите можеа да си помислат колку многу ќе стане популарна серијата. Повеќе од десет години подоцна серијата е адаптирана за прикажување во голем број земји, вклучувајќи ги САД и Германија, а ликовите од серијата им се познати на децата ширум светот.
Насловот Смешарики доаѓа од комбинацијата на два руски збора – „смешные“ што значи „смешни“ и „шарики“ во смисла на „топчиња“, и се однесува на ликовите во серијата, стилизирани тркалезни суштества.
Идејата не е сосема оригинална. Насловот на детскиот цртан филм од 1970-тите Лошарик, исто така, потекнува од два збора, од кои едната беше „шарик“, додека главниот лик е коњ направен од топчиња.
Тројца аниматори во услови далеку од идеални работеа за најпознатото петербуршко студио за анимација „Мелница“, користејќи флеш технологија, која во тоа време главно се користеше на интернет. Но, нивната напорна работа се исплатеше.
Првите 6-минутни епизоди беа емитувани на популарниот руски „Прв канал“ во летото 2004 година. Досега се направени преку 450 епизоди од оваа серија. Таа резултираше и со неколку нови серии, вклучувајќи ги и Крош и Панда и Пин-код, како и два филма Смешарики. Легендата за златниот змеј и Смешарики.Почеток. Уште еден филм Смешарики. Дежа ву ќе излезе во 2018 година.
Смешарики е првата руска цртана серија адаптирана за прикажување во странски земји. Во САД се прикажува како GoGoRiki и првпат е емитувана 2008 година, додека германската верзија Кикорики првпат беше прикажана една година подоцна.
2. Маша и мечокот
Цртаната серија за деца Маша и Мечокот, темелена на руските бајки за девојче што живее во шумата и се дружи со измислени животни, вклучувајќи го и добродушниот мечок, беше премиерно прикажана на руската телевизија во 2009 година.
Меѓутоа, развојот на идејата траеше многу години. Концептот беше создаден од аниматорот Олег Кузовков во 1996 година, откако ви текот на еден одмор на море гледал едно немирно девојче, а серијата исто така е инспирирана и од Том и Џери.
Денес серијата, продуцирана од студиото Animaccord, е во својата четврта сезона, со досега прикажани 67 епизоди и две серии кои произлегоа од серијата – Приказните на Маша и Страшните приказни на Маша.
Епизодите се преведени на дваесетина јазици и се прикажани во повеќе од 100 земји, вклучувајќи ги САД, Велика Британија, Канада, Австралија, Германија, Италија и целиот Блиски Исток.
Серијата, исто така, беше многу успешна на YouTube, а епизодата Рецепт за катастрофа собра речиси 2,5 милијарди прегледи и така стана најгледаното видео на YouTube што не е музика.
На Маша во американската верзија, емитувана на мрежите Universal Kids и Cartoon Network, гласот ѝ го позајми Елзи Фишер, која ѝ го позајми гласот на Агнес во франшизата Како Гру ја украде месечината.
3. Снежната кралица
За разлика од Смешарики и Маша и Мечокот, оваа франшиза првично беше замислена како игран филм за прикажување во кино. Адаптацијата на бајката на Ханс Кристијан Андерсен во режија на Владлен Барбе и Максим Свешников пристигна во руските кина кон крајот на 2012 година.
Приказната за сестрата Герд и братот Каи кои се борат против злобната Снежна кралица која го замрзнала светот покажа дека има универзална привлечност.
Снежната кралица, продуцирана од Wizart Animation, е прикажана во кината во повеќе од 80 земји, вклучувајќи ги САД, Велика Британија и Кина, заработувајќи вкупно околу 25 милиони долари низ целиот свет. Следеа филмовите Снежната кралица 2: Снежниот крал (2015) и Снежната кралица 3: Оган и мраз (2016).
4. Трите мачки
Цртаната серија за деца Трите мачки, во продукција на студиото „Метроном“, почна да се прикажува во 2015 година на руските мрежи CTC и „Карусел“.
Досега се направени 70 епизоди за авантурите на трите мачки - Корзика, Карамелка и Компот.
Претходно оваа година „Виаком“ ги купи правата за прикажување на серијата на мрежата „Ник Џуниор“ во 143 земји, вклучувајќи ги Велика Британија, Германија, Франција, Италија, Шпанија, Југоисточна Азија, Латинска Америка и Индија.
Најџел Пикард, кој беше одговорен за програмите за деца на Би-Би-Си и Ај-Ти-Ви, ќе биде извршен продуцент за англиската верзија, додека Сери Барнс, позната по сериите Училиштето за плашење наКаспер, Флугалс, Поштарот Пет и Погоди со Џес, ќе ѝ се приклучи на екипата како уредник на сценаријата.
Серијата на англиски јазик ќе се вика Kid-a-cats, а главните ликови ќе ги носат имињата Колаче (Куки), Пудинг и Бонбонче (Candy).
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче