Петте омилени советски цртани филмови

Советските анимирани филмови со својата уметничка вредност, човечките особини што ги пропагираат и со специфичната убавина претставуваат голем свет за себе и културен феномен од посебен вид, а веројатно и единствена од најголемите епизоди на човековата креативност во историјата на филмот. Тие останаа дел од културата на современите руски деца и денес исто толку често се емитуваат на руските телевизиски канали. Ви ги претставуваме петте најпопуларни цртани филмови, за кои без претерување може да се каже дека ги знаат апсолутно сите во Русија.

„Ну, погоди!“ („Ќе видиш ти!“) 


Советските деца си имаа свои „Том и Џери“, само што во главните улоги беа волкот и зајачето, наместо мачор и глувче. Станува збор за најпопуларната анимирана серија во Советскиот Сојуз со наслов „Ну, погоди!“. Заплетот е мошне едноставен: Волкот (нема одредено име) се обидува да го фати Зајакот. Сепак, „Ну, погоди!“ воопшто не е обична копија на „Том и Џери“. Секако, и тука станува збор за урнебесна комедија која изобилува со брканици и со комични паѓања, но, за разлика од американската серија, во него нема екстремно насилство. Волкот е карикатура на хулиган – пуши, пие и носи модерна облека (како што е хавајска кошула и ѕвонарки), а тоа се работи на кои во советското време не се гледало со одобрување. Од друга страна, пак, Зајакот беше пример за секој советски младинец: скромен, спортист, секогаш подготвен да помогне. И како таков, Зајакот беше креативен и сакаше да прави груби шеги со кутриот Волк. 

Дијалог речиси и да нема: само запомнете дека изреката на Волкот „Ну, Зајац, погоди!“ значи „Ќе видиш ти, Зајко!“ и тоа е сè што ви е потребно за да можете да го следите цртаниот филм. Но, немојте сосема да го намалите тонот: случувањата на екранот се проследени со музика која беше популарна во тоа време, вклучувајќи дури и мелодии од Запад кои советските граѓани не можеа да ги слушнат на радио. Серијата „Ну, погоди!“ и понатаму се емитува – последната, дваесетта епизода беше создадена во 2012 година, но само 16 епизоди кои беа снимени од 1969 до 1986 се сметаат за класични.

„Крокодилот Гена“ 


„Крокодилот Гена“ е анимиран филм кој се состои од 3 епизоди, а снимен е со техника „кадар по кадар“. Зборува за пријателството помеѓу јунакот од насловот, крокодилот Гена, кој преку ден работи како крокодил во зоолошката градина, и Чебурашка, животно кое не ѝ е познато на науката, со меко крзно и со големи уши, кое во СССР стасало од Африка во кутија со портокали. Дејството е топло и емотивно, ликовите – дури и оние злите, како што е старицата Шапокљак и нејзиното домашно милениче стаорецот Лариса – се мошне слатки, додека филмската музика претставува ремек-дело. Роденденската песна на Гена (ја пее во втората епизода со наслов „Чебурашка“) стана омилена на роденденските прослави во СССР, исто како што е „Happy Birthday“ низ светот. 

Во 2004 година Чебурашка стана официјална маскота на руската олимписка репрезентација. Славата на овој анимиран фил се прошири и надвор од границите на СССР. Јапонците, кои се познати љубители на убави и на симпатични работи, неодамна снимија две обработки: во едната Чебурашка се појавува во оригинална приказна, додека другата претставува римејк на филмот. 

„Бременските музиканти“


Во Советскиот Сојуз во 1969 година рок-музиката, модните списанија, хипиците и другите трендови на популарната култура настанати на Западот се сметале за непријателски и за забранети во официјалните медиуми. Но, советските аниматори можеби размислувале на следниов начин: ако не можеме да го правиме тоа во реалниот живот, затоа можеме да направиме цртан филм на свој начин. Така и настанала рок-операта „Бременски музиканти“. Трубадурот има „битлс“ фризура, ѕвонарки, и дискокошули со шпицеста јака. Неговата симпатија, Принцезата, се шета во минифустан по последна мода и заедно пеат: „Наш тепих е ливадата, наши ѕидови се дрвјата, наш покрив е ведрото сино небо! Блескавите ѕидови на палатите никогаш нема да бидат замена за нашата слобода.“ 

И навистина, сите што се родени во СССР ја знаат оваа „хипи“ песна. Петел со диско-очила, Магаре со џокеј-капа и сите тие имаат гитара: сликата на поп-културата од почетокот на седумдесеттите години од минатиот век е целосна. Не зачудува што овој цртан филм беше популарен, па дури и денес „Бременските музиканти“ претставува еден од најомилените и најпопуларни советски анимирани филмови. Сите машки гласови (освен гласот на Магарето) во „Бременски музиканти“ ги пее еден човек – познатиот актер Олег Анофриев. 

„Тајната на третата планета“ 


Кир Буличов во СССР беше мошне познат како писател на научно-фантастични романи за деца чија главна хероина е Алиса, девојче од високотехнолошката комунистичка иднина. „Тајната на третата планета“ е адаптација на неговиот роман од 1981 година. Овој анимиран филм се одликува со сложен детективски заплет во кој има патување низ вселената, интергалактички криминалци, разни вонземјани и, секако, роботи. Но, ова не е само една замрсена приказна: како што „Бременските музиканти“ се приказ на седумдесеттите години во мало, така и „Тајната на третата планета“ го одразува сето она што значи поп-култура од почетокот на осумдесеттите години од минатиот век. Обрнете внимание на електронски прогресивната „космичка“ музика, блескавите дискобои и на целокупната футуристичка атмосфера на филмот. Доколку знаете барем нешто за советската анимација, веројатно сте го гледале „Тајната на третата планета“, зашто во текот на деведесеттите години од минатиот век се прикажуваше во многу земји во странство. 

„Еже во магла“ 


„Еже во магла“ ја носи официјалната титула „најдобар анимиран филм на светот на сите времиња и на сите народи“. Според мислењето на 140 аниматори од целиот свет, кои во 2003 година одлучуваа за 20 најдобри анимирани филмови направени дотогаш, „Еже во магла“ на Јуриј Норштејн го зазеде првото место. „Еже во магла“ е ремек-дело на уметноста на анимацијата, полно со напрегнатост и емоции кои не се карактеристични за детските цртани филмови. Дејствие нема – малиот Еж тргнува во посета на својот другар Мечето и се наоѓа во густа магла. Останатиот дел од филмот го прикажува патувањето на Ежето проследено со впечатлива музика, додека визијата и стварноста се преплетуваат во маглата. Филмот ја пренесува убавината и неизвесноста на природата во нијанси на сиво и кафеаво. Како кај сите големи уметнички остварувања, пораката на авторот може да биде толкувана различно, но едно е извесно – „Еже во магла“ остава впечаток на сите што го гледаат, без разлика дали станува збор за возрасни или за деца. Овој филм неспорно ужива култен статус во поранешните советски републики. На церемонијата на отворањето на Зимските олимписки игри 2014 во Сочи „Еже во магла“ покрај „Спутник“, Периодниот систем на елементи, Толстој и Достоевски беше претставен како големо достигнување на руската цивилизација.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња