Маша и Мечокот: приказна за нивниот успех

kinopoisk.ru
„Маша и Мечокот“ е еден од најпознатите анимирани филмови во странство. Една епизода од оваа серија дури ја надмина и бројката од 1 милијарда прегледи на Јутјуб.

Серијата за другарувањето и за авантурите на малечкото руско девојче и на големиот мечок бргу ја освои публиката во светот. Анимираниот филм се прикажува во 22 земји во светот, а една од епизодите, „Маша+каша“, на Јутјуб има повеќе од милијарда прегледи, со што стана еден од 17 најпопуларни клипови во целата историја на сајтот.

Популарноста на серијата авторите ја објаснуваат едноставно: толку безгрижна, шеговита и весела „Маша“ постои во секое семејство, без оглед на националноста.

Која е Маша?

„Идејата дојде од фактот што сакавме да ги покажеме односите на возрасните и на децата во една комична форма, со цел на гледачите да им бидат јасни чувствата на хероите“, вели режисерот на проектот Денис Червјацов.

Според Червјацов, нацртаната Маша има и реален прототип. Во деведесеттите години од минатиот век уметничкиот раководител на проектот Олег Кузовкин се одморал на море и видел на плажа едно малечко девојче. Тоа било толку непосредно и отворено за разговор што можело едноставно да му се приближи на некој непознат човек и да одигра со него шах или да си ги земе перките и да отиде да плива. Секако, по неколку дена луѓето што биле дојдени на одмор почнале да се кријат од девојчето, зашто тоа било мошне активно и здодевно. Оваа приказна му останала на Кузовкин во глава и по неколку години се појавила идејата за серијата.

Press photo
Press.photo
Press photo
1Press photo1
 
1/4
 

Сижеите за серијата авторите ги земаат, меѓу другото, и од личниот живот, вели Червјацов. „Дури и оние што се занимаваат со анимација, го копираат однесувањето на своите деца или на децата на своите пријатели, како што е случај и со сценаристите“.

Меѓународен успех

„Ми се чини дека сите деца до 5 години во секоја земја малку се разликуваат едно од друго“, се смее Денис Червјацов. Освен тоа во серијата отсуствуваат долги дијалози. Според авторот, ставајќи акцент на дејствието, а не на дијалозите, тие се поблиски до форматот на немиот филм, каде сѐ е јасно и без зборови.

Освен признанието од публиката, студиото „Анимакорд“ кое е создадено специјално за овој проект, има добиено и меѓународно признание. Во 2015 година „Маша и Мечокот“ ја доби наградата Кидскрин, своевиден Оскар за мултипликација, во номинацијата  за најдобра анимација. Исто така студиото беше признаено за едно од најуспешните продукциски претпријатија на годината, заедно со величини како што се Cartoon Network Studios и Dreamworks Animation Television.

Програмскиот директор на „Големиот фестивал на анимирани филмови“ Марија Терешченко го објаснува успехот на проектот и со тоа што авторите успеале да ги прикажат последните тенденции во воспитувањето на децата. Претходно класичната анимирана кловнијада беше поврзана со насилство прикажано преку хумор. Но, во 21 век ова почна да се смета како штетно за психолошкиот развој на децата. „Маша и Мечокот“ успеаја да ја најдат таа граница на кловнијадата кадешто отсуствува насилството. Освен тоа, на децата почнаа да им даваат поголема слобода и почнаа помалку да ги ограничуваат за разлика од минатиот век. Затоа малата и палава Маша се појави имено тогаш, кога современите деца можеа да се пронајдат себеси во неа, смета Марија Терешченко.

Што понатаму?

Во моментов, освен основната серија, светот на „Маша и Мечокот“ се прошири на два спин-офа. Во 2012 година беше започнат проектот „Скаските на Маша“, а во 2014 година излезе вториот спин-оф „Страшните приказни на Маша“. Во скаските Маша го запознава гледачот со светот на руските народни сказни, а во страшните приказни раскажува „страшни“ истории, кои потоа излегуваат смешни и поучни. Авторите на серијата не сакаат да запрат тука, се надеваат и понатаму да го прошируваат проектот. Заедно со партнерите од „Анимакорд“ создаваат мрежа интерактивни образовни музеи „Маша и Мечкот“, издаваат списанија, како и едукативни компјутерски игри.

Сега во студиото работат околу 100 соработници кои создаваат истовремено неколку епизоди од цртаната серија. Секоја епизода се прави околу три месеци.

Според пресметките на Soсial Blade, за сметка на рекламите на Јутјуб „Маша и Мечокот“ му носат на „Анимакорд“ околу 1.5 милиони американски долари месечно. Голем дел од заработката од проектот е од лиценцираните производи „Маша и Мечокот“. Станува збор за прехранбени производи, канцелариска галантерија, играчки и друго. Договори за производство на ваква стока продукцијата „Анимакорд“ има склучено со крупни играчи на пазарот, како што се Danon, Burger King и со германскиот производител на играчки Simba Dickie. Според пресметките на студиото, оваа година приходите од продажбата можат да достигнат 300 милиони американски долари, што значи 15 милиони американски долари добивка за самата компанија.

Успехот на „Анимакорд“ продуцентите го објаснуваат едноставно: „Маша и Мечокот“ се прави со љубов и со мошне добра екипа составена од професионалци. „Ние работиме според принципот дека следната епизода треба да биде подобра од претходната“, вели Ловејко.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња