Сергеј Бодров реализираше само неколку филмски улоги, но тоа беше доволно последните години од минатиот милениум да стане вистинска ѕвезда на руската кинематографија. Токму Бодров успеа да го оствари она што никому во руската постсоветска уметност ни пред ни после него не му појде од рака. Успеа да ја долови автентичната слика на херојот на нашето време, кому му веруваа и му веруваат милиони гледачи. Во времето на тоталниот хаос на 1990-те, крахот на традиционалните животни вредности и целосната морална дезориентираност, едноставниот и шармантен младич го минува пеколот на првата чеченска војна. Токму тој, кој самиот успева да им се спротивстави на ордите криминалци од секаков вид, станува вистинскиот херој на нашето време.
Данило искрено ја сака Русија, ја сака мајка си, брата си, своите другари од војната, несреќните жени и воопшто сите обесправени луѓе, на кои им помага веднаш и без никакви скриени намери. Но затоа е немилосрден спрема непријателите, а непријатели му се разни криминалци: кавкаската, украинската и црнечката мафија, петербуршките бандити и гангстери, московските новокомпонирани богаташи и американските бизнисмени кои тргуваат со оружје, дрога и луѓе. Данило е бестрашен витез без мана. Тој без напор се пресметува со секаков џган, и тоа го прави темелно, најпрвин во Петроград, потоа во Москва, и на крај во Чикаго, во што му помага поранешниот криминалец и поранешен милиционер, неговиот постар брат Витја.
Ни пред ни по „Брат“ Русија немаше можност да погледне домашен акционен филм од толку висок ранг. И првиот и вториот дел станаа неверојатно популарни, и веднаш по прикажувањето мноштво цитати влегоа во руското секојдневие, а оттаму и во современиот руски јазик. Песните на руските рок-групи кои ја снимија музиката за двата дела со години беа најголеми хитови, а многу од нив станаа познати токму благодарејќи на овој филм.
Реалниот живот, за жал, е многу посложен и потрагичен од филмот. Сергеј во 2001 година реши да се проба во улогата на режисер и го сними мошне добриот филм „Сестри“, во кој дебитираше една од најпопуларните современи руски актерки Оксана Акиншина. Потоа Сергеј и неговата филмска екипа во 2002 година заминуваат на Кавказ, во Северна Осетија, каде што го снимаат новиот филм „Гласник“. Во Кармадонската клисура на 20 септември 2002 од глечерот Колка се одвои огромна маса на мраз долга 5 км. Лавината се насочи кон коритото на планинската река носејќи камења, песок, кал и соборени дрвја, и со брзина од 75 км/ч се сруши директно врз филмската екипа на Сергеј... Покрај Сергеј Бодров, уште 108 лица исчезнаа во Кармадонската клисура.
Оваа година актерската икона ќе наполнеше 46 години. За милиони Руси тој остана „вечно млад“, како што и му прилега на вистински херој. Песната на групата „Смисловни халуцинации“ (Смысловые галлюцинации) е една од главните саундтракот на филмот „Брат-2“. Зборовите на оваа песна сега веќе звучат како пророштво:
Би можел да го испијам морето
Би можел да станам некој друг
Да бидам вечно млад
И вечно пијан
Би можел да станам река
Да бидам темна вода
Вечно млад
И вечно пијан
Вечно млад
Би можел да станам карпа
Ама веќе некој друг
Некој кој е млад
Кој е пијан
Сака да стане река
Да биде темна вода
Вечно млад
И вечно пијан
Вечно млад
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче