5 филма на Рјазанов што ги знае секој Русин

 Ељдар Рјазанов.

Ељдар Рјазанов.

Антон Денисов / РИА Новости
Ноќта на 29 кон 30 ноември во Москва почина легендарниот советски и руски режисер Ељдар Рјазанов. Имаше 88 години. Според медиумите, причина за смртта била срцева маана.

„Тој е автор на прекрасни, уникатни филмови. Рјазанов е најсоветскиот режисер и најнесоветскиот во исто време. Комедиограф и трагичар. При тоа тој не беше Протеј, мајстор за сè, неговиот стил и неговата интонација се веднаш препознатливи“, напиша на Фејсбук филмскиот критичар Антон Долин.

Филмски режисер, актер, сценарист, продуцент, телевизиски водител и професор – Ељдар Рјазанов. Роден е на 18 ноември 1927 година. Неговиот долгометражен игран филм „Карневалска ноќ“, снимен во 1956 година, не само што стана лидер во прикажувањето во Советскиот Сојуз и не само што доби статус на култен филм во Русија, ами беше награден и со специјална диплома на Меѓународниот филмски фестивал во Единбург.

Понатаму речиси сите филмови на Рјазанов стануваа хитови во СССР, но практично беа игнорирани од фестивалите.

„Од гледна точка на таканаречениот авторски филм, неговите филмови се лесни. Овие категорично 'нефестивалски' филмови не ги опијануваа гурманите со посебен ритам, не беа бавни и не даваа секој да си мисли како што сака, одгледувајќи се во кадарот со пејзаж кој постојано умира. Но, ваквиот филм лесно победуваше кај најважното, кај најпочитуваното во натпреварот – кај публиката“, забележува филмскиот критичар Валериј Кичин.

Во филмографијата на режисерот се вбројуваат 28 играни филмови, 12 документарни, 22 сценарија и многубројни телевизиски циклуси за светскиот филм. Освен големиот број руски награди, Ељдар Рјазанов е удостоен со Орденот за литература и уметност на Франција.

„Руска реч на македонски“ ви ги претставува петте најпознати филмови на Рјазанов.

1. „Варди се од автомобилот“, 1966

Лирична комедија во чија основа е градската легенда за „современиот Робин Худ“, кој ги краде колите од бандитите и од корупционерите, ги продава, а парите ги префрла на детските домови. Веднаш по излегувањето на филмот името на главниот херој Јуриј Деточкин стана прекар во СССР, а во 2012 година во Самара дури и беше откриен споменик на овој лик. Интересно е и тоа што филмот беше забележан и од страна на филмските фестивали: тој доби дипломи од жиријата во Мелбурн, во Сиднеј и во Единбург.

2. „Неверојатните авантури на Италијанците во Русија“, 1973

Овој филм од руско-италијанска копродукција беше снимен заедно со режисерот Франко Проспери, а како продуцент се појави Дино де Лаурентис. Комедијата говори за италијански авантуристи кои во Русија бараат богатство, скриено од руска емигрантка, и стана пародија на западните гангстерски акции, меѓу другото и на оскаровецот „Тој луд, луд, луд, луд свет“ на Стенли Крамер.

3. „Иронија на судбината или На здравје бањање!“, 1975

Апсолутен руски телевизиски хит, чие прво емитување беше на 1 јануари 1976 година, а филмот до денешен ден го видоа 100 милиони луѓе (филмот секоја година се прикажува за новогодишните празници на главните национални канали). Во филмот игра позната полска актерка Барбара Бирлска. Станува збор за иронична новогодишна комедија за љубовта и за проблемите на типските градби, кога не само зградите, ами и бравите на становите можат да бидат сосема идентични, на пример во Москва и во Санкт Петербург.

4. „Жестока романса“, 1984

Екранизација на пиесата на рускиот писател Александар Островски „Безмирасчика“. Ова е еден од малкуте филмови на Рјазанов, кој е снимен во жанрот на љубовна драма и кој доби гневни оценки од советските критичари (за несовпаѓање со литературното сиже), но ја доби народната љубов. Една од најдобрите свои улоги (на дворјанинот-плејбој Сергеј Паратов) во филмот ја одигра оскаровецот, режисер и актер, Никита Михалков. Филмот беше удостоен со гран-при на Меѓународниот филмски фестивал во Делхи.

5. „Ветеното небо“, 1991

 По руското признание (наградата Ника за режија и за најдобар филм), филмот беше високо оценет во Мадрид (гран-при на меѓународниот филмски фестивал). „'Ветеното небо' ја доби главната награда за најдобар фантастичен филм. Кога ја добивав наградата не можев да се воздржам од смеење. Филмот со болка и тага зборува за нашите несреќи, за тешкиот живот, за сиромасите, за луѓето отфрлени од системот, но тој од страна на Западот беше прифатен како елегантна фантазија на руски режисер. Сепак, беше убаво“, напиша потоа режисерот во своите мемоари „Несумирани резултати“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња