Зошто велиме „Убав како руски генерал“

Портрет на генералот Иван Фјодорович Паскевич, Воена Галерија на Зимскиот дворец, Државен музеј Ермитаж, Санкт Петербург. Автор: Џорџ Доу.

Портрет на генералот Иван Фјодорович Паскевич, Воена Галерија на Зимскиот дворец, Државен музеј Ермитаж, Санкт Петербург. Автор: Џорџ Доу.

Википедија
Во богатата историја на Русија постојат многу нешта кои влегле во јазичното секојдневие на народот и станале крилатици или фразеологизми. Но, тие не се ограничиле само на рускиот јазик, ами нашле свое место и во другите јазици. „Руска реч на македонски“ започнува нова рубрика во која на своите читатели им објаснува за некои изрази кои имаат руско потекло, а се користат до денешен ден во македонскиот јазик. Денес ви раскажуваме за тоа зошто велиме „убав како руски генерал“.

Споредбените фраземи (изрази во чија компонента е содржана споредба, најчесто со зборот „како“) се мошне чести не само во македонскиот, ами и во сите останати јазици. Пред извесно време, додека се занимававме со споредбените фраземи во македонскиот јазик, наидовме на изразот „убав како руски генерал“ што за нас претставуваше вистинско откритие. Тогаш се запрашавме зошто токму руски генерал? И така започна нашата потрага по историјата на појавувањето на оваа фразема.

Руската војска се од дамнина се славела со својата храброст, бестрашност и, секако, со успесите. На почетокот таа била мала и се состоела од дружини кои ги бранеле кнежевствата на земјата руска. Со зајакнувањето на државата почнала да се зголемува и да се зајакнува и армијата.

Сепак, најголем подем и најголема преобразба руската армија добива во времето на владеењето на Петар Велики. Тој освен што направил реформи во поглед на ефикасноста, поставеноста и хиерархијата на руската војска, се зафатил и со изгледот на членовите на армијата. Така, тој ги сменил сите униформи и вовел попригодни и „поевропски“. Особено ова се однесувало на повисоките чинови. Пешадијата и обичната војска се задоволила со лесна и едноставна униформа, а офицерите и генералите добиле облека за која секое воено лице може само да мечтае.

Секако, тука се и реформите кои Петар Велики ги вовел и во изгледот, не само кај војската, ами и кај граѓаните. Тој исклучително ја ценел хигиената, па затоа повелал граѓаните на Русија да си ја бричат брадата како што прават Европејците, со оглед на тоа дека руските мажи често носеле долги и густи бради, со кои не само што не изгледале убаво, ами биле и хигиенски несоодветни.

На тој начин Петар Велики вовел „мода“ во руската војска. За него изгледот на војниците, а особено на високопоставените воени лица бил многу важен, оти сметал дека секој оној што ја брани земјата треба да изгледа угледно и достоинствено.

Традицијата за добриот изглед во високите воени редови продолжила во текот на историјата. Офицерите и генералите добивале убава и луксузна униформа, а самите тие се грижеле таа да биде проследена и со личната убавина.

Во многу филмови кои можеме да ги проследиме како на телевизија, така и онлајн, ќе забележиме дека навистина офицерите и генералите од времето на Руската империја, па и по Октомвриската револуција изгледале навистина елегантно и привлечно. Сетете се само на серијата „Школа за благороднички“ („Институт благородных девиц“) кој пред неколку години се прикажуваше во Македонија. Таму сите војници беа убави, стројни, дотерани, „стегнати“ и токму поради тоа во нив се вљубуваа младите благороднички.

Затоа и не изненадува фактот што во македонскиот јазик велиме дека некој е убав како руски војник, со што се означува дека станува збор за некој што се грижи за својот изглед, висок, строен и дотеран маж.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња