Овие двајца писатели од 19 век биле во сосема спротивни идеолошки табори. Иван Тургенев, автор на романот „Татковци и деца“, бил западњак и либерал, додека Фјодор Достоевски бил конзервативец. Во романите „Идиот“ и „Зли дуси“ тој проповедува дека либералите ја расипуваат Русија и ја водат во пропаст, и дека Русите мораат да го зачуваат својот специфичен историски пат и православието.
Не е ни чудно што тие двајца не се сакале. Тургенев од детство бил богат благородник и се шегувал на сметка на намуртениот колега. Во потсмешливите стихови тој го карактеризира Достоевски како „акна на носот на руската литература“. Достоевски возвратил со нескриена нетрпеливост и негодувал што Тургенев и покрај своето богатство добива четири пати повисок хонорар за објавено дело.
Григориј Авојан
Но, главната причина за нивниот судир не била идеологијата. „На сите тие либералчиња им е најголемо задоволство да ја кудат Русија“, пишува Достоевски во 1867 година во писмо до еден пријател по повод новиот роман на Тургенев „Чад“. Тургенев тогаш веќе живеел во Франција, па Достоевски саркастично му посоветувал да си купи телескоп „зашто [Русија оттаму] навистина не се гледа добро“. Тургенев се навредил.
Него, пак, го нервирал психологизмот на Достоевски и буричкањето по мрачните длабочини на човековата душа. „Киселост и болничка смрдеа“, „психолошко чепкање“, така пишувал тој за романите на Достоевски.
„Знаеш ли зошто сум јас поет, а Мајаковски не е ништо особено и нејасно е со што тој всушност се занимава? Затоа што јас имам татковина“, пишува Сергеј Есенин, зборувајќи за својот ривал во борбата за статусот за најпопуларен поет на сребрениот век. Есенин израснал на село, 200 километри од Москва, и се прославил како „селски поет“. Главниот ориентир во неговото творештво било лирското доживување на Русија, нејзината природа и нејзиниот живот.
На Владимир Мајаковски како на „поет на револуцијата“ овие теми му биле туѓи. Тој пеел за триумфот на идниот свет во кој управуваат пролетерите и машините. И едниот и другиот живееле во СССР, но тоа не му пречело на Мајаковски да го жигосува Есенин како заостанат човек и класен туѓинец. „Тоа е свирач на балалајка од [селски] хор!“, презирно пишува Мајаковски во стиховите „Јубилејно“. Импулсивниот Есенин понекогаш за време на јавните читања на своите стихови извикувал: „Мајаковски е антиталент!“
Сепак, и покрај препирките, обајцата биле свесни дека се талентирани. Поетот Матвеј Ројзман пишува дека Мајаковски гласно ги фалел стиховите на Есенин, по што го предупредил Ројзман во никој случај тоа да не му го пренесува на Есенин. Од друга страна, пак, Есенин истакнувал дека „Мајаковски не може да се исфрли од литературата“, па дури и сакал да се смири со него, но тоа не го направил – се обесил во 1925 година.
Нобеловецот Иван Бунин никогаш не штедел навредливи зборови кога станувало збор за колегите, особено за оние кои ја поддржувале руската револуција од 1917 година. Бунин како аристократ сметал дека таа е најголемото зло и во 1920 година ја напуштил Русија. Тој сите советски писатели ги третирал како „слуги на човекојадството“. Од друга страна, Бунин не бил во идеални односи ниту со Владимир Набоков, авторот на „Лолита“, иако тој исто така бил емигрант.
Григориј Авојан
Набоков бил 30 години помлад од Бунин и најпрво кон него чувствувал страхопочит. Бунин бил веќе познат писател кога на почетокот на дваесеттите години од минатиот век Набоков му испраќал писма со фрагменти од своите дела, споредувајќи го тоа со изјава на љубов, па пишувал: „На големиот мајстор од прилежниот ученик“. Бунин му покажувал наклоност, но со тек на време станал љубоморен зашто Набоков станал познат, така што нивните односи се расипале.
Соперништвото помеѓу Бунин и Набоков не преминало во поголеми скандали, зашто обајцата биле доста резервирани и се критикувале еден со друг „зад грб’. Бунин во 1951 година во разговор со еден пријател изјавил за Набоков дека е „лакрдијаш“ и дека не му е соперник. Набоков рекол дека Бунин е „стара слаба желка“ и не сакал да учествува во вечерната програма по повод 80 роденден на Бунин.
Односите помеѓу поетите Јосиф Бродски и Евгениј Евтушенко не започнале лошо. Евтушенко бил признат мајстор на поезијата во СССР. Тој во 1965 година успешно се залагал за младиот бунтовник Бродски да го вратат од север каде бил во прогонство. Се запознале и се спријателиле, но по неколку години нивното пријателство доживеало крах.
Функционерите од Комитетот за државна безбедност (КГБ) му соопштиле на Бродски во 1972 година дека мора да го напушти СССР. Младиот поет во зградата на КГБ го сретнал Евтушенко и помислил дека тој го шпионирал по налог на разузнавачката служба и оти тој е виновен за принудната емиграција. Евтушенко секогаш тврдел дека тој ден бил во КГБ од друга причина. Имено, самиот тој бил приведен зашто увезувал забранета литература. Но, односите веќе биле расипани.
Григориј Авојан
„Евтушенко, секако, е мошне лош поет. А, како човек е уште полош“, изјавил Бродски во едно од првите интервјуа во емиграција. Како што поминувало времето тој сè поцврсто се придржувал кон овој став. Писателот Сергеј Довлатов во делото „Соло на Андервуд“ наведува дека на Бродски му раскажал дека Евтушенко е против колхозот, а Бродски му одговорил: „Ако е тој против, јас сум за“. Бродски не сакал ништо што е советско, а уште помалку го сакал Евтушенко.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче