Петок попладне. Работната недела е завршена. На сите правци што водат надвор од Москва има колони возила кои се долги по десетици километри. Неколку часа московјаните нервозно „ползат“ по асфалтот со желба што побргу да стасаат во природа, и... конечно ете ја дачата!
Дачата е еден од симболите на Русија. Во другите јазици овој збор воопшто и не постои. Во рускиот јазик зборот „дача“ се појавил во 18 век. Изведен е од глаголот „дава“ (рус. „давать“), зашто царот на својата аристократија ѝ давал парче земја со вазали како награда за верната служба.
Оттогаш Русите од летната жега во градовите бегаат на дачите со семејствата на неколку месеци. Единствено кутриот татко на семејството морал да се вози со поштенска кола и да менува коњи, патувајќи во градот на служба. Од тие времиња во Русија сè се има сменето, но Русите и понатаму летото го минуваат на дача.
Советскиот Сојуз на граѓаните исто така им доделувал плацови за различни заслуги. Тоа биле мошне мали парцели со површина од само 600 квадратни метри, па затоа народот и ги има наречено „шест стотки“ (односно „шест ари“). На овие мали плацови луѓето ѕидале куќи, а на останатото земјиште си правеле градина.
Традицијата на одење на дача е зачувано и во современа Русија и стана еден вид глобална народна разонода.
Според податоците на Серускиот центар за проучување на јавното мислење (ВЦИОМ), оваа година поголемиот дел од московјаните летото го минале недалеку од својата куќа, 31% летувале на дача, а 31% останале во Москва и за викендите заминувале надвор од градот. Значи, 62% од жителите на руската престолнина традиционално летуваат на дача.
Што е тоа дача?
Керстин Томас, новинар
„Обичајот на заминување на дача за граѓаните претставува извесна компензација за градската врева и за градското секојдневје... На дачата, во прегратка на природата, луѓето уживаат во риболов и во капење, собираат печурки или одгледуваат тиквички и домати, <...> Еден мој пријател вели дека во Москва не може да се диши и ме повика да одиме во неговото родно село... Дрвената куќа на крајот на стариот селски пат изгледа како цртеж од некоја сказна. Прозорците се украсени со бели резбани рамки, како некоја штиркана јака, а на една од нив си дреме мачка. Домаќинката нѐ пречекува со сарми... но, најпрво мораме добро да се препотиме и да се испариме во врелата парна бања“.
Борис Рајтшустер, писател
„Дачата е како создадена за добро да се наспиете, да уживате во лежалка, да пиете чај на терасата и да водите бесконечни разговори, преку ден да шетате, а долгите ноќи да ги минете со вино или со вотка“.
Но, и Русите не можат точно да одговорат на прашањето што е тоа дача. Секој ја доживува на свој начин, зашто на дачата го прави она што го сака.
Зинаида, пензионерка (73 години)
„Веќе 30 години секое лето го поминувам на дача. Таму имам градина во која одгледувам компири, краставици, домати, тиквички, кромид, моркови, јагоди и рибизли. Налето го јадеме сиот тој зеленчук и сето овошје од градината, а кога ќе залади уживаме во зимницата и се сеќаваме на топлите денови“.
Виктор, бравар (58 години)
„Оваа куќа ја имам направено со сопствени раце. Самиот ја имам поставено секоја тула. Сега се подготвувам да доѕидам гаража. Жена ми се грижи за градината, а планираме и да одгледуваме кокошки. Кога ќе заминеме и двајцата во пензија, ќе живееме тука“.
Зинаида и Виктор ѝ припаѓаат на постарата генерација љубители на дачи. Дачата за нив е дел од домаќинството, место за духовен одмор и за физичка работа.
Младите луѓе дачата ја користат, пред сè, за одмор.
Василиј, инженер (30 години)
„Со жена ми купивме плац за дача кога дознавме дека ќе добиеме дете. Не направивме градина. Наместо неа создадовме детско игралиште. На дачата обично одиме за викенд, а често ни доаѓаат и пријатели со нивните деца. Секако, печеме јагнешки раженчиња, а сакаме и да запееме покрај огнот“.
Денес мнозинството нови жители на дачите, како што е Василиј, не добива плац, ами го купува. Ретко кој додека е млад и тукушто започнал да работи може да купи стан во големиот град, но многумина себеси можат да си дозволат парче земја на село. Во населбите што се обезбедени се градат куќарки, дворовите се сеат со трева, во центарот на композицијата се става скара за раженчиња и некакви други интересни нешта за разонода. Но, низ цела Русија уште од советско време постои мрежа на „професионални“ дачни населби. Во СССР се делеле по „шест стотки“ преку задругите што постоеле во рамките на различни организации. Така на картата на Русија се појавиле населби со дачи на писатели, на рудари, на сликари, на градежници или на хидротехничари...
Главната особеност на ваквите професионални населби, се разбира, е професионалната ориентација. На некој чуден начин, имено, на дачата, далеку од работното секојдневје, се случува најважниот процес на интеракција меѓу колегите. Генадиј, кој многу години има дача, по професија е драматург. Тој има дача во населбата Московски писател. Тој за својот престој на дачата вели:
„На дачата доаѓам со желба да се осамам... Но, многу ретко можам да се одморам и да бидам сам. Писателите се дружељубиви луѓе, понекогаш дури и премногу. Ако некому му е роденден или ако има некој повод за славење, се повикува целото соседство и започнува бучна прослава. Се обидувам да ги избегнам ваквите дружења, а доколку не успеам во тоа, гледам што побргу да заминам дома. Сепак, понекогаш е добро да се намине кај некого, зашто во градот многу работи премолчуваме, а во природата со вотка зборовите сами лизгаат. Затоа многу работи се решаваат токму на дачата. Имам напишано драма во која има многу впечатоци од ваквите седенки. Во руската литература тоа не е ништо ново. За дачите пишувале Чехов, Достоевски и Толстој“.
Без оглед на тоа каква е дачата, голема или мала, раскошна или скромна, ваша или на некои ваши пријатели, таа има мошне важно место во животот на секој Русин. Некои го формулираат тоа вака: во Азија се одмораат за подобро да работат, а во Русија работат за да се одмораат, и тоа токму на дача.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче