Што носи рускиот културен живот во 2013?

Легендарен филм на стариот режисер, премиера во Бољшој театар, симфонискиот маратон на Гергиев, нова сцена на Мариинскиот театар, воен филм за Сталинградската битка во формат IMAX и многу друго.

Во 2013 година, по долга низа години, конечно во Русија ќе биде завршено снимањето на филмот на стариот, генијален режисер. Ќе има и нови премиери во Бољшој театар, ќе се одржат музички фестивали во Казањ и на Црно Море, а во Москва ќе се соберат најдобрите театарски групи на Русија, додека гостите на фестивалот и други културни случувања можеби ќе бидат ослободени од виза. Во истата година ќе се отвори нова сцена на Мариинскиот театар во Санкт Петербург, а воениот филм за Сталниградската битка ке биде првиот што е снимен во IMAX формат.

Филмот на Алексеј Герман Постариот „Тешко е да се биде Бог“

 Леонид Јармолник во филмот „Тешко е да се биде Бог“ на Алексеј Герман. Извор: kinopoisk.ru

Алексеј Герман е автор на генијалниот филм „Проверка на патиштата“ и исклучително мрачниот филм „Хрустаљов, кола!“. Тој повеќе од една деценија го снима филмот „Тешко е да се биде Бог“ . Станува збор за екранизација на култниот советски фантастичен роман на браќата Стругацки за научникот од Земјата, кој е испратен во феудално општество на друга планета и постепено губи можност да остане неутрален, а воедно го губи и човечкиот облик. Герман вети дека филмот ќе се појави во 2012 година, но сè уште боледува и сѐ уште го монтира звукот. Одбрани руски филмски критичари го видоа филмот во фаза на монтирање, а поединечни кадри се беа појавиле и на разни сајтови. Тоа ќе биде, по сè изгледа, најмрачниот, најкрвав и најмонструозен среден век во историјата на филмот. 

Филмот на Фјодор Бондарчук „Сталинград“

 Сцена од идниот филм „Сталинград“ на Фјодор Бондарчук. Извор: kinopoisk.ru

Фјодор Бондарчук е син на генијалниот режисер на „Војна и мир“ Сергеј Бондарчук. Бондарчук Помладиот е искусен и во голема мера успешен режисер, а во 2013 година ќе ни го претстави филмот „Сталинград“ – љубовна сторија среде најстрашната битка во историјата на човештвото. Буџетот за филмот е 30 милиони долари. Филмот се снима истовремено во 2D, 3D и IMAX формат. Творештвото на Бондарчук е мошне неизедначено, но ова ќе биде најстрашен филм за една од најмонструозните и најславните епизоди во Втората светска војна. 

Годишнина од раѓањето на Сергеј Рахманинов

 Рахманинов бил еден од најдобрите пијанисти во своето време. Се смета дека овој композитор во 20 век е последен голем претставник на романтизмот во руската класична музика. Извор: РИА Новости.

Во московската концертна сала „Чајковски“ на 1 и 2 април ќе биде прославена 140- годишнината од раѓањето на Сергеј Рахманин, еден од најголемите руски композитори на 20 век. Два дена пијанистот Денис Мацујев и Државниот оркестар „Светланов“ ќе ги изведуваат сите клавирски концерти на Рахманинов. Ќе диригира прочуениот американски диригент Леонард Слаткин. 

Велигденски фестивал

 Валериј Гергиев е уметнички директор на Московскиот велигденски фестивал и на Мариинскиот театар. Извор: Росијскаја газета.

Московскиот велигденски фестивал се одржува секоја година на православниот Велигден, кој најчесто паѓа кон крајот на април. Организатор на фестивалот е главниот диригент и управник на Мариинскиот театар од Санкт Петербург. Денес тоа во Москва е најважно годишно случување од областа на класичната музика. Засега не е објавена програмата на новиот фестивал, но можеме да бидеме сигурни дека неговиот основен симфониски дел ќе биде грандиозен. Традиционалните елементи на фестивалот се: хорски настапи, детски дел од програмата и „Недела на црковните ѕвона“, која претставува посебен фестивал на ѕвонарите, каде што инструменти се традиционалните руски ѕвона од црковните ѕвонци. Тие денови ќе може да се слушне оваа неверојатна музика во секоја уличка, бидејќи ѕвонарите од разни храмови ќе настапуваат еден по друг, така што ѕвонењето ќе одекнува од сите страни. 

Отворањето на нова сцена на Мариинскиот театар 

Во главниот оперски театар во Санкт Петербург во мај ќе биде отворена нова сцена. А, подоцна, наесен, на таа сцена ќе биде пренесена најсложената и најголема поставка, пред сè најуспешните Вагнерови достигнувања. Изградбата на сцената е долго планирана. На конкурсот учествуваа прочуени архитекти, а уметничкиот раководител на театарот Валериј Георгиев безрезервно го поддржуваше проектот на архитектот Ерик Мос. Тој проект воопшто не им се допаѓаше на жителите на Петербург, бидејќи никој од нив не сака во центарот на градот, кој сам по себе е музеј, да се издигне модерна зграда. На конкурсот во 2003 година победи проектот на Доминик Перо, кој потоа беше одбиен. На новиот конкурс, распишан во 2009 година, победи проектот на канадското архитектонско биро Diamond & Schmitt Architects. Министерот за култура на Русија, Владимир Медински, е мошне задоволен од зградата. „Тоа ќе биде најдобрата театарска зграда во светот!“, напиша Медински на својот Твитер-профил. 

„Царската невеста“ во Бољшој театар

 „Царската невеста“ во Бољшој театар. Извор Дамир Јусупов.

Бољшој театар ќе ја обнови претставата „Царска невеста“ од Николај Римски – Корсаков во оној вид како што била поставена во 1960 година. Во време кога успешните режисери навистина ја сакаат операта и поставуваат „модернизирани верзии“, кои понекогаш оперската публика ја доведуваат во дилема, театарот излегува во пресрет на своите верни поклоници и ја обновува старата поставка со раскошни костими и традиционална сценографија, т. е. демонстрира голем оперски стил во своето најдобро издание. Режисерот на оваа обновена поставка е гостинка од Израел, Јулија Певзнер, која ја има обновено претставата во САД и во Европа, а диригент е музичкиот уредник на Бољшој театар, Василиј Синајски.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња