Oлимпијада: и покрај сѐ

Руската олимписка репрезентација по враќањето од Лондон. Извор: РИА „Новости“.

Руската олимписка репрезентација по враќањето од Лондон. Извор: РИА „Новости“.

На олимпијадата во Лондон репрезентацијата на Русија го зазеде третото место по бројот на освоените медали, веднаш зад Кина и за првпат по 12 години забележа победи во екипните дисциплини. Благодарение на ударната завршница на олимпијадата, домашниот спорт го зачува образот, така што лондонскиот настап на руските спортисти најверојатно ќе биде оценет како успешен.

Последните денови на олимпијадата, како што од Лондон најавуваа спортските функционери, навистина беа златни за репрезентацијата на Русија, така што таа сега беше поуспешна отколку во 2008 година во Пекинг, според бројот на златните одликувања и особено во вкупниот број на освоени медали. Генерално, тоа може да значи дека издвојувањето милионски суми за врвниот спорт има ефекти и покрај тоа што тој систем сè уште не е до крај разработен, што од друга страна доведе до крупни промашувања во прогнозите врзани за медалите. Во суштина, на олимпијадата во Лондон поразени сме во спортовите и дисциплините на кои најмногу се надевавме, а освоивме одликувања таму каде малку кој ги очекуваше.

Општоприфатениот систем за сметање на екипниот пласман на Олимписките игри врзан е за бројот на освоените златни медали, па според тој показател репрезентацијата на Русија мора да се задоволи со четвртото место, за првпат во постсоветската историја. Но, затоа во однос на вкупно освоените медали, цврсто стоиме на третото место, со тоа што сме далеку поблиску до Кина која е пред нас, отколку до Велика Британија, која го зазеде четвртото место. Ваквиот пласман на репрезентацијата на Русија ќе биде најсериозно анализиран на највисоко ниво, но може да се каже дека токму последните денови на олимпијадата беа и најпродуктивни за руските спортисти.

Освоени медали од репрезентацијата на Русијa на Олимпијадите

Атланта-1996 (2. место во вкупен пласман): 26 златни + 21 сребрени + 16 бронзени = 63 

 Сиднеј-2000 (2): 32 + 28 +29 = 89 

 Атина-2004 (3): 28 + 26 + 38 = 92 

 Пекинг-2008 (3): 23 + 21 + 29 = 73 

 Лондон-2012 (4): 24 + 25 + 33 = 82 

Многу повеќе се очекуваше од натпреварите во мечување, стрелаштво и пливање. За слабите резултати во овие спортови сериозни критики заслужуваат не само тренерите и селекторите, туку и функционерите од повисок ранг, но сепак на крајот се памети само конечниот биланс, па така неуспесите од првата олимписка недела веќе се заборавени.

Во конечниот биланс се зачувани првите позиции во синхронизирано пливање и во ритмичка гимнастика, традиционално добрите резултати во атлетика, како и ненадејниот успех во спортовите како што се џудо, веслање, кајак и кану, бадминтон, кои на Русија ѝ донесоа неочекувани медали. Чудна е таа коинциденција што се работи за т.н „претседателски“ спортови, така што државниот врв имаше посебна причина за радост.

Не случајно претседателот преку својот портпарол соопшти дека никој нема да биде казнет, односно нема да има спектакуларни оставки, но ќе бидат наградени сите оние кои постигнале резултати, а лично Путин ќе им ги врачи наградите.

Да не беше џудото, првата недела од олимпијадата ќе беше вистински кошмар за домашниот спорт и сметам дека дури ни добриот финиш немаше да ја испере таа срамота. Интересно е дека на овие олимписки игри џудо-тренерот Ецио Гамба беше можеби единствениот што спроведе систематска и делотворна работа која донесе одлични резултати и напредок, а тој преку ноќ стана извонредно популарен.

Точно е дека зад секој медал се крие пеколен напор и работа, но сепак освен синхроните пливачки и „ритмичарките“, на кои нивната работа со децении им гарантира злато, ниту еден од нашите олимписки победници не беше супериорен во однос на останатите, односно не однесе убедлива победа на олимпијадата по низа најдобри резултати забележани во изминатите години. Повеќе се оние кои неочекувано останаа без злато, а тоа особено се однесува на стрелците, борачите и боксерите, како и на атлетичарките Елена Исинбаева и Марија Абакумова.

Секој ден ни започнуваше со нови надежи, секој ден погодувавме кој ќе освои медал, но како изминуваа деновите, се поретко говоревме: „Е, таа сигурно ќе победи“. По бронзата на Елена Исинбаева и неуспехот на Борчин во брзо одење, се трудевме да не им одиме „пред рака“ на синхроните пливачки и „ритмичарките“. За секој освоен медал буквално горевме, во секоја победа беше вложен огромен напор.

Имаше многу спортисти кои не дадоа сѐ од себе и не ги постигнаа своите најдобри резултати, а без тоа не е можно да се победи на една олимпијада. Многумина од нив освоија по некој медал, така што не заслужуваат некоја критика, но огромниот број четврти и петти места не зборува за високото ниво на рускиот спорт во целина (што сигурно ќе се обидат да го прикажат спортските функционери кога ќе ги бројат „дрвените“ медали), туку дека тие луѓе сепак не можат да направат чуда.

Конечен биланс: зачувани првите позиции во синхроно пливање и ритмичка гимнастика, традиционално добри резултати во атлетика и ненадеен подем во спортовите како што се џудо, веслање, кајак, кану и бадминтон, кои на Русија и донесоа крајно неочекувани олимписки медали.

Во пливачките натпревари очигледно имаше многу „туристи“ и покрај тоа што овој факт беше покриен со потребата во Лондон да заминат што повеќе спортисти, за во екипата да има повеќе тренери и помошен персонал. Очигледната криза во домашното пливање веќе стана вообичаена појава, така што никој од нив не очекуваше успех во Лондон. Системот на работа во овој спорт задржан уште од советското време, јасно е дека не функционира, така што ниту масовната изградба на пливачки базени не е гаранција дека ќе се појават такви спортисти како Литванката Рута Меилутите.

Можеби тренерите и функционерите нема да се сложат со оваа констатација, но на олимпијадата се посрамија и борачите и боксерите, во споредба со очигледниот напредок на традиционално „туѓите“ боречки вештини како што се џудото и теквондото.

Генерално гледано руските спортисти ја исполнија својата норма. Сепак, уште долго време ќе се водат полемики дали оваа олимпијада за нас беше успешна или четвртото место зад Велика Британија е срам за нашиот спорт. Првпат во поновата историја изгубивме (според бројот на освоените злата), не само од Кина и од САД, туку и од Британците. Секако треба да се земе предвид дека тие се натпреваруваа на домашен терен, што дава некаква предност и дополнителен мотив. Но, таквото образложение ќе биде оправдано само ако забележиме триумф или барем голем напредок на олимпијадата во Сочи.

Друго е прашањето што неуспешните спортисти во Лондон толку се воздржани во коментарите, што ги изненадија дури и искусните новинари. Тоа не дозволува да се изврши адекватна анализа на оние дисциплини во кои потфрливме. Некој ќе каже дека е тоа работа за стручњаците и дека тие ќе направат детална анализа, но дали токму тие што претрпеа неуспеси во Лондон ќе можат да дадат објективна проценка, без да се обидат да се оправдаат себеси? Тешко е да се признае дека се залудно потрошени многу пари. Освен тоа во некои спортски федерации се забележуваат интересни неслагања околу тоа колку пари се вложени кај нив и што е најважно: кој ги вложил парите?

Во секој случај мора да се признае дека издвојувањето огромни средства од касата на министерството за спорт, како и од џебовите на најбогатите бизнисмени (како „принудно-доброволни донатори“) во целост ги оправда очекувањата. Значи, кога ќе се каже дека за подготовки на спортистите е потребно да се обезбедат пари, се мисли на многу пари.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња