Демонстрации за поддршка на Башар Асад во Дамаск. Извор: AP / Билал Хусеин.
Сирија станува сè поинтересна за терористичките групи кои како мршојадци се нафрлија на оваа земја. Очекувањата дека воените дејства ќе престанат со заминувањето на Башар Асад не изгледаат уверливо. Многу поверојатно е дека во Сирија, како и во Авганистан, свое засолниште ќе најдат разно-разни џихадисти кои нема да ја пропуштат шансата оружјето кое денес е добиено од Запад, утре да го свртат против истиот тој Запад.
Американскиот Институт за проучување на војни ги објави резултатите од истражувањето за можниот развој на настаните во Сирија. Според експертите, прогнозите за бунтовниците се поволни – тие ја добија и „одговорната“ воена власт и „делотворните“ воени совети, додека режимот на Башар Асад нема доволно трупи за спроведување на крупни офанзивни операции. И покрај пропагандната позадина на споменатиот документ, од него можат да се извлечат најмалку два важни заклучока. Првиот е дека официјален Дамаск и понатаму ги контролира вооружените сили, а вториот – дека во земјата расте бројот на областите кои фиктивно се под контрола на бунтовниците, но во кои нема фактичка власт. Како што тврдат авторите на извештајот, појавата на сериозни политички сили „може да ги отстрани регионалните разлики и да го спречи хаосот во Сирија.“ Но, каде да се најдат такви политички сили? Засега напорите на Западот да увезе во Сирија неколкумина емигранти и да ги наметне на сирискиот народ како раководители, не вродија со плод. Од друга страна, Западот не сака или не може да најде заеднички јазик со претседателот Асад и со тоа да овозможи достоинствено надминување на граѓанските судири, поради што секојдневно расте бројот на жртвите во сирискиот конфликт.
Советот на министрите за надворешни работи на Европската Унија, во понеделникот го усвои новиот, веќе шеснаесетти по ред, пакет санкции против Дамаск. На „црната листа“ додадени се две нови компании и министерства на Сирија, проширено е ембаргото за испорака на оружје на режимит на Асад од страна на земјте членки на ЕУ, предвидено е замрзнување на европските активи на сирискиот воен ресор и банкарски сектор. Меѓутоа, очигледно е дека ниту претходните 15 пакети санкции, ниту овој нов, шеснаесетти, нема ништо да измени. Сегашната политичка елита на Сирија се бори за опстанок и тешко дека ќе обрнува внимание на провокациите на Европејците.
Кога се зборува за улогата на Русија во сирискиот конфликт, таа најчесто се обвинува за нешто што таа не го сторила. Зошто се случува тоа? Затоа што сѐ уште се во функција старите стереотипи од времето на Студената војна. Во игра се, секако, и геополитички интереси: неодама претседателскиот кандитат на САД од републиканската партија Мит Ромни изјави дека во Москва тој гледа геополитички противник. И во Европа многумина гледаат на политиката на Русија низ нишанот на НАТО пактот.
Меѓутоа, дали ставовите на Русија по однос на ситуацијата во Сирија, толку драстично се разликуваат од ставовите на Запад, како што тоа некои сакаат да го прикажат? Зарем Русија не е загрижена за хуманитарната состојба во Сирија? За време на преговорите на министерот за надворешни работи Сергеј Лавров во Дамаск, Москва инсистираше да се овозможи непречена работа на хуманитарната помош и претставниците на Црвениот Крст во областите кои се најмногу погодени од судирите. И успеа тоа да го издејствува. Русија безрезервно го поддржа планот на специјалниот претставник на ОН и Лигата на арапските држави, Кофи Анан, насочен кон прекин на огнот и кон нормализација на хуманитарната ситуација во Сирија. Советот на безбедност на ОН, повторно на иницијатива на Москва, донесе одлука за значително зголемување на бројот на набљудувачите на ОН и проширување на овластувањата на нивната мисија. Според тоа, обвинувањата дека Русија не е загрижена за хуманитарната состојба во Сирија, најблаго речено, не одговараат на вистината.
Русија и Западот имаат заедничка цел: регулирање на состојбата во Сирија по мирен пат, без интервенција однадвор. Тоа отвора големи можности за дијалог без тенденциозни геополитички шаблони. Не е време Русија и Европа да се караат поради Сирија, дотолку повеќе што и немаат околу што да се караат, со оглед на тоа што ставовите на Москва и на Брисел, во поглед на регулирање на конфликтот, по мноштво прашања се поклопуваат.
„
За решавање на сложената ситуација во Сирија, позицијата на Русија е особено важна. Таа во овој момент има големо влијание на Дамаск и особено важно е Москва, заедно со Пекинг и понатаму да влијае на позицијата на Асад. Во тој потфат Русија има многу повеќе шанси од Запад. Сепак, не сум сигурен дека рускиот притисок врз Дамаск ќе доведе до запирање на граѓанската војна. Вооружениот конфликт во Сирија сега доби сериозни димензии, затоа е неизвесно дали влијанието на Русија ќе го запре крвопролевањето.“
Министер за одбрана на Германија
Томас де Мезијер
На пример, Русија смета дека иднината на Сирија не е можна без учество на шиитскиот Иран во преговорите. Но, и на Запад многу експерти говорат за улогата на Техеран во сирискиот конфликт и неговото влијание на позицијата на официјален Дамаск.
Притоа, треба да се земе предвид дека во зовриената дискусија помеѓу Русија и Западот во врска со Сирија не се решава само политичката судбина на Башар Асад, туку и судбината на руско-европските односи, барем што се однесува за периодот во наредните шест години, колку што ќе трае претседателскиот мандат на Владимир Путин. Во случај сирискиот конфликт да предизвика понатамошна ескалација на „ладното спротиставување“ на Москва и Брисел, тоа ќе биде големо промашување на европските политичари, зашто ќе излезе дека и покрај обилните предуслови, тие сепак не успеале да пронајдат заеднички јазик со Русија.
Дали луѓето на Запад го сфаќаат тоа? Мислам дека го сфаќаат. Во вторникот на итното заседание на Советот на НАТО пактот, свикан на иницијатива на Турција, разгледана е состојбата во Сирија и можниот одговор на воениот блок во врска со соборувањето на турскиот „ловец“ од страна на сириската против-воздушна одбрана. Донесена е одлука да не се преземаат никакви казнени мерки против Дамаск, зашто „сириското клопче“ денес изгледа премногу замрсено, за да би можело да се размрси со помош на воена интервенција.
Овој текст е адаптирана верзија на оригиналната статија из „Росијскаја газета“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче