Потсекретарот за разузнавање на Министерството за одбрана на САД Марсел Летре (од лево на десно), директорот на Националното разузнавање Џејмс Клапер и директорот на Агенцијата за национална безбедност адмирал Мајкл Роџерс сведочат на сослушувањето пред Комитетот за вооружените сили на Сенатот за странските сајбер-закани, на Капитол Хил во Вашингтон, САД, 5 Јануари 2017 година.
РојтерсИзвештајот на американските разузнавачки служби „Оцена на руските дејствија и намери за време на изминатите избори во САД“, со директни обвинувања кон рускиот претседател Владимир Путин за организација на хакерски напад и вмешување во американските избори, во Русија беше пречекан со збунетост. Неговата јавна верзија не содржи никакви убедливи докази – и тоа е главната замерка од страна на политичарите и на јавноста.
Москва е веќе „сериозно изморена“ од ваквите обвинувања – така заедничкиот документ на ФБИ, АНБ и на ФБР беше искоментиран во Кремљ. „Ние сфаќаме дека нашите американски колеги во различни етапи на својата историја имаат минувано периоди на 'лов на вештерки'“, изјави портпаролот на Путин Дмитриј Песков. Но, ваквите „емоционални изливи“ се минливи и по нив доаѓаат попромислени приоди, забележа тој, уште еднаш подвлекувајќи дека Москва, официјалните лица и структури немаат никаква врска со хакерските напади.
Во Државната дума документот на специјалните служби беше наречен „навреда“, при што навреда нанесена на американскиот народ. Половина од јавната верзија на извештајот е посветена на дејноста на рускиот телевизиски канал Russia Today (RT). Од документот се заклучува дека за време на кампањата Russia Today му давал предност републиканскиот кандидат Доналд Трамп, а демократката Хилари Клинтон ја претставувал во негативно светло. „Изјавите за тоа дека руските информациски ресурси можеле сериозно да влијаат на американските гласачи се директна навреда на американското јавно мислење“, изјави првиот човек на комитетот за информациска политика на Државната дума Леонид Левин. Уште попонижувачко за политичкиот систем на САД е тврдењето дека „објавувањето на неколку факти за една од партиите претставува закана за двестегодишната американска државност“, смета парламентарецот.
Официјалниот претставник на МНР на РФ Марија Захарова се ограничи со ироничен коментар на Фејсбук: Ми се чини дека „руските хакери“ доколку нападнале нешто во Америка, тоа биле две работи: мозокот на Обама и, секако, самиот извештај за „руските хакери“.
Рускиот провладин печат ја дочека американската „сензација“ не помалку критички, обрнувајќи внимание на оној дел од извештајот каде самите автори признаваат дека „определени заклучоци“ во врска со намерите на Кремљ се направени врз основа на изјавите на руски политичари, публикации во руски медиуми и постови на социјалните мрежи. „Во САД направиле извештај за сајбер-напади врз основа на ТВ и на Твитер“, пишува изданието Взгљад.
Деловите во кои се зборува дека руските официјални лица „ја празнувале“ победата на Трамп на изборите, а тоа значи дека имаат врска со нападите, за многумина навистина се чудни (во извештајот, на пример, како доказ за тоа се наведува цитат од лидерот на ЛДПР Владимир Жириновски: Доколку тој /Трамп/ победи, на 9 ноември ќе пиеме шампањско!). Оваа радост може да се сфати, зашто никој не го криел фактот дека руските официјални лица не би сакале продолжување на политиката на Обама во односите со Русија и, соодветно не сакаат да биде избрана Хилари Клинтон, рече во емисија за радиостаницата Комерсант FM политикологот и експертот за меѓународни односи Михаил Троицки. „Самата по себе нивната радост... не значи дека тие активно се обидувале да му помогнат“, заклучува тој.
Некои руски корисници на Фејсбук реагираа на немањето докази (поточно на нивното отсуство во јавната верзија) со шеги, како на пример: Итно!!! Извештај на шведското и на германското разузнавање во ООН на 8 јануари 2017 година! Руските хакери го нападнале мразот на Чудското езеро во 1242 година!!!“/
Можеби постојат докази во тајната верзија на извештајот, која беше преставена на тимот на Трамп, на тимот на Обама и на комитетот за разузнавање. Но, на јавноста ѝ се дава можност да донесува заклучоци само според оној дел во кој нема ништо содржајно. „Без таа половина извештајот изгледа крајно беспомошно. Во него не постојат никакви нови заклучоци, ниту (како што беше ветено!) каква и да е аргументација“, напиша на социјалните мрежи Леонид Волков, опозиционер и близок соработник на Алексеј Наваљни, додавајќи дека авторите „отишле дотаму што како доказ даваат отпечаток на дигиталната активност на RT на социјалните мрежи во вид на неколку графика“. „Сакам да верувам дека аналитиката во неоткриениот дел од извештајот е на посериозно ниво“, пишува Волков.
Сега работата не е толку во тоа колку е реален извештајот на специјалните служби, сметаат во Русија. Поважна е политичката клима која се создава и е не помала реалност од самиот извештај, смета Троицки, а неговата сериозност се определува сo тоа што под него се потпишани сите американски специјални служби. „Тие ја ризикуваат својата професионална репутација, можеби и својата кариера, правејќи вакви заклучови... Така што репутациските ризици тука се мошне големи“.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче