Путин: Треба да се губи достоинствено

Алексеј Дружинин / РИА Новости
Претседателот на РФ Владимир Путин ја имаше својата годишна прес-конференција за руските и за светските медиуми. Осудениот украински режисер, маркантната недвижност на функционерите и плановите за следните избори – за ова и за други теми во кратките тези на претседателот.

За трката за вооружување

„САД почнаа да изјавуваат дека тие се најмоќни. Да, навистина, ние со тоа не спориме. Ние просто велиме дека ние сме посилни од кој било потенцијален агресор. Толку“.

„Неодамна Американците беа во нашите нуклеарни фабрики и гледаа како ние правиме (оружје) – никој тоа не го заборави, нели? <…> САД излегоа од договорот за противракетна одбрана. Значи, ние не го измисливме тоа, ние сме принудени да одговориме на овој предизвик“.

„Русија дејствува во строга согласност со сите меѓународни договори за нуклеарните сили, меѓу другото и за СНВ-3“.

За претседателските избори во РФ во 2018 година

Спроведување предвремени избори „е можно, но не е целесообразно“.

„Ќе дојде времето, ќе видам што се случува во земјата и оттаму ќе видиме што сме направиле и што можеме да направиме. Тогаш ќе биде донесена одлука за мое учество или неучество“.

За изборите во САД и за демократите

„Сите свои проблеми раководството на САД се обидува да ги префрли на надворешниот фактор. Јас имам свое мислење. Демократската партија на САД не само што ги изгуби претседателските, ами и изборите во Сенатот, во Конгресот, каде републиканците се мнозинство. И за тоа ли сме виновни? Тие  имаат системски проблеми. Треба да се губи достоинствено“.

„Се гледа дека демократската партија ги изгубила корените на својот назив. Бесрамно користење на административните ресурси, повик на избраните да не се потчинуваат на изборот на избирачите – тоа е лошо“.

„Тоа што голем дел од американските избирачи го поддржуваат претседателот на Русија не го ставам на своја сметка. <…> Тоа значи дека кај голем дел од американскиот народ постои совпаѓање за претставата за светот со традиционалните вредности на Русија. Реган, ми се чини, би се израдувал затоа што претставниците на неговата партија победуваат секаде. И би се израдувал за новиот претседател, кој рафинирано го почувствува расположението на општеството, работеше во таа парадигма и одеше до крај. И на крај победи, иако никој не веруваше во тоа, освен ние. А, видните демократи со сигурност би се превртеле в гроб. Со сигурност“.

За Украина и за осудените Украинци

„Сите треба да работиме вистински, а не да поставуваме ограничувања и услови“.

„Нормандискиот формат навистина работеше неактивно, но друг формат не постои“.

„Во врска со уапсените новинари и режисери (станува збор за украинскиот режисер Олег Сенцов кој беше осуден во РФ на 20 години затвор за подготовка на терористички напад во Крим). Тие треба да се занимаваат само со една работа – со новинарство и со филмови. Никој нема желба да затвора режисери и новинари. Кажете што да правиме ако еден режисер, а тоа е докажано на суд, се подготвува да изврши терористички напади? Да го ослободиме само поради тоа што е режисер? По што се разликува тој од припадниците на разузнавањето во тој случај? Денес ќе пуштиме едни, а утре да има други?“

За руско-турските односи и за убиениот амбасадор

„Тоа е безусловно напад врз Русија и врз руско-турските односи. Искрено ќе ви кажам дека со скепса гледав на тезата дека нашиот авион (бомбардерот Су-24) беше соборен без наредба на турското раководство. Но, сега почнувам да го менувам своето мислење. Ми се чини дека сè е можно. Проникнувањето на деструктивни елементи во милитантите структури на Турција има длабок карактер“.

За обвинувањата на властите на САД за сајбер-напади

„Страната што изгуби бара виновници настрана. Подобро да се бараат тие проблеми во себе. Некои хакери ја отвориле поштата на раководството на Демократската партија. И како што кажа избраниот претседател (Доналд Трамп): „Кој знае кои хакери го направиле тоа?“ Можеби тие не се во Русија, ами си лежеле на кревет во некоја друга земја.

За WADA и за скандалот со допингот

Путин вели дека не го помни презимето на поранешниот прв човек на Руската антидопинг агенција  - Григориј Родченков, кој стана главен информатор за случајот со допингот и забележува дека Родченков работел во Канада, потоа бил назначен во Русија на висока позиција, а на крајот „влечел секакво ѓубре во земјата“ од Канада. „Го направи тоа свој бизнис, терајќи ги спортистите да земаат, а оние што не сакале, како пливачите, ги казни со санкции“.

„Сметам дека немам право да давам оценка на дејноста на WADA, тоа треба да го прави Меѓународниот олимписки комитет. Но, јас сум уверен дека таа дејност треба да биде транспарентна – кој се проверува, какви се резултатите и какви мерки се преземени. Што е тоа, некаква одбранбена сфера? Не. А, зошто тоа се прави во затворен режим? Не е јасно“.

За новинарските истраги за топ-менаџерите и за функционерите

„Сега за изградбата на маркантните недвижнини. Се согласувам со вас дека тие треба да бидат поскромни (функционерите). Се надевам дека тие ќе ме слушнат. Треба да се сфати во која земја живееме и да не ги нервираме луѓето“.

„Често доаѓаат и ми зборуваат за новинарски терор, дека нивните деца се следени. Се обраќам кон вас, кон новинарите: треба да се биде внимателен, да не се навлегува во приватниот живот. Мерка, мерка треба сите да имаме“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња