Дваесетте книги од руски писатели кои светот најмногу ги сака

Russia Beyond Македонија ги претставува интересните факти за книгите на руските писатели кои оставиле најголем впечаток во светот и инспирирале голем број филмови и различни други обработки.

Лeв Толстој. Дело на Илја Репин, 1901.

 

1. Лолита, 1955.

Еден од најпровокативните романи на Владимир Набоков. Напишан е на англиски јазик. Приказна за односите помеѓу возрасен маж и дванаесетгодишно девојче која ја возбудувала имагинацијата на Американците. Романот во 1962 година го екранизирал Стенли Кјубрик, а сценариото за филмот го напишал лично Набоков. Според верзијата на Modern Library, „Лолита“ е на 4 место според рејтингот на најдобрите дела напишани на англиски јазик.

 

2. Злосторство и казна, 1866.

Денес во Санкт-Петербург се организираат екскурзии по местата каде се одвивале случките во ова најпознато дело од Фјодор Достоевски. Тоа е урбан роман за обичен студент со Наполеоновски комплекс. Достоевски бил принуден да го напише, бидејќи ги прокоцкал сите свои пари и немал од што да ги врати долговите. Еден од најчесто екранизираните руски романи (8 екранизации во странство) послужил како основа за многу театарски дела.

 

3. Ана Каренина, 1873-1877.

„Принципот на Ана Каренина“ – така во општествените науки се нарекува почетокот на романот: „Сите среќни семејства личат едно на друго, секое несреќно семејство е несреќно на свој начин“. Многу читатели ги иритира главниот јунак (прилично хистерична личност) и мелодраматичната содржина, но романот и покрај тоа доживеал 20 екранизации во светот. Најновата британска филмска варијанта со Кира Најтли во главната улога ќе се појави на големиот екран во септември.

 

4. Војна и мир, 1863-1869.

„Направа за мачење“ на сите руски ученици (задолжителна лектира во школската програма), роман-епопеја во четири тома кој е замислен како приказна за судбината на декабристите (учесници во руското опозициско движење во 19 век). Меѓутоа, во потрагата по идејни извори од декабристичкото движење, Толстој морал да се посвети на војната против Наполеон во 1812 година. Околу седум пати Толстој со својата рака го препишал целиот роман, а поединечни епизоди и преку дваесет пати. По секоја редакција, тој во сопствениот роман пронаоѓал идејни и литерарни недостатоци.

 

5. Браќа Карамазови, 1880.

 Најдлабоко и најсложено дело на Фјодор Достоевски. Писателот умрел пред да ја заврши работата над романот. Овој роман е само првиот дел од замислената „Животна приказна на големиот грешник“. Според замислата, Алексеј Карамазов требало да стане револуционер. Писателот не го дочекал првиот атентат на царот Александар II, а ако го дочекал, таа случка него, како убеден монархист, веројатно ќе го мотивирала да го насочи романот во сосема друг правец.

}

Фјодор Достоевски. Дело на Василиј Перов, 1872.

 

6. Мајсторот и Маргарита, 1929-1940.

„Мајсторот и Маргарита“ од Михаил Булгаков руската критика неофицијално го смета за најинтересен роман на 20 век. Приказна која воопшто не е вообичаена за руската книжевност, содржи „роман во роман“, сцени од разни култури и епохи, описи на ѓаволот и Исус кои противречат на прифатените канони... Сето тоа го фасцинира читателот. Меѓутоа, советската власт воопшто не можела да прифати роман кој ги опфаќа прашањата на религијата, така што книгата долго време кружела во ракопис. Прв пат е објавена дури по смртта на писателот во целосно скратена, цензурирана верзија. Денес, секако, романот се објавува со неговата целосна содржина.

 

7. Идиот, 1868.

Зборот „идиот‘‘ за Фјодор Достоевски не е ниту погрден, ниту навредлив. Овој збор за него не значи дека некој човек е ментално заостанат, ами дека е неверојатно смирен и кроток. Во романот идиотот е кнезот Мишкин, олицетворение на христијанскиот морал, „избран човек‘‘. Сликата на Ханс Холбејн помладиот „Христос во гробот‘‘ го поттикнала авторот да го напише овој роман. Преку кнезот Мишкин, Достоевски ја искажува сопствената мисла за тоа дека гледајќи ја оваа слика „човек може да ја изгуби и верата‘‘.

 

8. Доктор Живаго, 1945-1955.

„Доктор Живаго“ истовремено е роман и зборник на стихови од главниот јунак, лекарот и поетот Јуриј Живаго. Комунистичката партија на Советскиот Сојуз дошла до заклучок дека Борис Пастернак двосмислено ја интерпретира Октомвриската револуција и другите „славни достигнувања на комунизмот“. Пастернак во 1958 година за оваа книга ја добил Нобеловата награда, но тогашниот лидер на СССР, Никита Хрушчов бил незадоволен со високата оценка на антисоветскиот роман, па Пастернак морал да се откаже од наградата. „Доктор Живаго“ е објавен во СССР на крајот на периодот на „перестројката“ (1988). Тогаш Нобеловата награда наменета за Борис Пастернак е врачена на неговиот син.

 

9. Записи од подземјето, 1864.

Ова дело на Фјодор Достоевски не е големо по обем, но ги рефлектира неговите уметнички и идејни принципи. Мошне искомплексиран човек на границата на лудило не излегува од своето подземје и се мачи самиот себе. Од овој „антијунак“ подоцна израснале трагичните ликови во романот „Злосторство и казна“, „Идиот“, „Демони“ и „Браќа Карамазови“. Тој е еден од последните интелектуалци кој му се спротивставува на целиот свет.

 

10. Еден ден од животот на Иван Денисович, 1959.

Класично прозно дело за советските работни логори, книга од Александар Солженицин која го потресе СССР и целиот свет со ужасите и секојдневието во концентрациониот логор. За „Еден ден од животот на Иван Денисович“, поетесата Ана Ахматова напишала: „Оваа повест секој треба да ја прочита и да ја научи напамет“. Никита Хрушчов по некое чудо го одобрил издавањето на оваа антисоветска приказна, па таа не морала да биде во „илегала“, за разлика од другите вистински сведочења за логорите. Потоа следеле и други дела од Солженицин на истата тема, но тие во СССР не биле добро пречекани. Згора на тоа, писателот е протеран од земјата кога му е доделена Нобеловата награда.

}

Николај Гогољ. Дело на Фјодор Молер, 1840.

 

11. Ние, 1920.

САД и Франција за овој роман дознале пред сонародниците на писателот – романот на Евгениј Замјатин прв пат е објавен во Њујорк. Во СССР овој роман стигнува заедно со „перестројката“, како и многу други „непожелни“ книги. Антиутопијата „Ние“ влијаела на „1984“ од Џорџ Орвел, „Фарејнхајт 451“ од Рој Бредбери и „Прекрасен нов свет“ од Алдус Хаксли. Самиот Евгениј Замјатин го инспирирала фантастиката на Херберт Велс.

 

12. Блед оган, 1962.

Владимир Набоков го осмислувал ова дело пред да се пресели во САД, но го напишал дури за време на емиграцијата, и тоа на англиски јазик. На руските читатели овој роман им е познат само во превод. Тоа е поема со нелинеарна структура и мноштво книжевни реминисценци. Дури и насловот е преземен од Шекспировата трагедија „Тимон Атињанинот“:„The moon's an arrant thief, / And her pale fire she snatches from the sun“.

 

13. Мртви души, 1842.

И покрај прозната структура, Гогољ своето дело го сметал за поема. Лирското интермецо е присутно во книгата на секој чекор, поради што романот навистина е далеку од поезија. Николај Гогољ планирал да напише три тома од „Мртви души“ кои би одговарале на Рајот, Чистилиштето и Пеколот на Данте, со тоа што јунаците би поминале пат на преобразба од бездушни и празни луѓе во првиот том, до просветлени во третиот. Меѓутоа, вториот том на самиот Гогољ не му се допаднал, па го запалил незавршениот ракопис. Сепак, несреќниот ракопис е зачуван и објавен по смртта на писателот. Идејата за романот на Гогољ ја дал самиот Пушкин, што воопшто не ја намалува книжевната генијалност на писателот.

 

14. Татковци и деца, 1861.

Иван Тургењев прецизно ја опишал сета длабочина на непомирливиот судир меѓу генерациите. Главниот јунак Евгениј Базаров станува антисимбол на нихилизмот, еден од претставниците на „излишните“ луѓет во книжевноста. Рационалните идеали тој ги става во прв план и отфрла какви било чувства, што го води во пропаст. Но, сепак, занесените интелектуалци и револуционери во 19 век биле одушевени од ликот на Базаров.

 

15. Смртта на Иван Илјич, 1882-1886.

Читателите и критичарите ладно го дочекале ова дело од подоцнежниот период во творештвото на Лев Толстој кое содржел премногу натурализам. Толку детален опис на болеста и смртта на еден човек бил невообичаен за Толстој. Главниот јунак на крајот, сепак, во смртта наоѓа среќа и просветлување и со самото тоа му дава повод на Владимир Набоков да ги препознае во ова дело одеците на будизмот.

}

Александар Пушкин. Дело на Орест Кипренски, 1827.

 

16. Стража на самракот, 1998.

Фантастиката на Сергеј Лукјаненко создал цел универзум, свет на Другите, моќни волшебници кои живеат меѓу луѓето. И додека Светлите и Темните магови се судираат во манирот на елитните тајни служби, користејќи огнени топки и магични зборови наместо автомати и снајперски пушки, а сивата инквизиција се обидува да ја чува несигурната рамнотежа помеѓу светлината и темнината, јунаците непрекинато се во дилема дали можат да ги користат „темните“ методи во „светли“ потфати. Првите два романа од серијата за „стражата“ ги екранизираше Тимур Бакмамбетов.

 

17. Демони, 1870-1872.

Темата на шестиот роман на Фјодор Достоевски не е социјална, туку политичка: радикален револуционерен тероризам. Во руската книжевност вообичаено е револуцијата да се интерпретира како побеснета незадржлива стихија. Демоните се олицетворение на темните сили кои креваат револуција и кои живеат во јунаците, приморувајќи ги да ги кршат законите на човечноста и моралот.

 

18. Евгениј Онегин, 1823-1831.

Писмото на Татјана до Онегин и писмото на Онегин до Татјана претставуваат еталон за изјава на љубов. Ги знае нив напамет секој руски ученик. Романот во стихови е жанр кој Пушкин го открил во потрагата по уметничката слобода и тежнеењето да се оддалечи од традиционалните форми на романот. Авторот на романот истовремено може да се третира и како негов главен јунак. Пушкин го пишувал и објавувал романот по поглавја. Поради тоа на почетокот на романот признава дека не знае како ќе заврши неговото дело. Познатиот критичар од 19 век, Висарион Белински рекол за „Евгениј Онегин“ дека е „енциклопедија на рускиот живот“.

 

19. Вишновата градина, 1903.

Чехов во поднасловот на драмата напишал „комедија“, иако во неа воопшто ништо не е смешно. Распаѓањето на фамилијата е прикажано во светлото на промените низ кои поминува земјата по појавата на нови вредности на преминот од 19 кон 20 век. Тоа е последната драма на Чехов пред револуцијата од 1905 година. Тешко може да се најде некоја друга драма која толку често е поставувана на театарската сцена, како во Русија, така и надвор од нејзините граници.

 

20. Херојот на нашето време, 1838-1840.

Романот има многу сложена структура со нарушена хронологија на настаните, а за случките најпрво зборува нараторот, а потоа неговиот сопатник и на крајот главниот јунак. Лермонтов постепено го запознава читателот со ликот на Печорин, младич кој е веќе уморен од животот и затоа е неспособен за силни чувства, човек кој на своето опкружување му носи само страдање. На овој лик сродни главни јунаци се „Евгениј Онегин“ (А.С. Пушкин) и „Татковци и деца“ (И. Тургенев). Освен овие јунаци („излишни луѓе“), својствена е и чајлдхаролдовската меланхолија која поттикнува на двобој и уништување на сопствениот живот.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња