13 најубави „тереми“ во Русија

Патувања
АЛЕКСАНДРА ГУЗЕВА
Марија Савина, авторка на проектот „Теремите на Русија“ пропатува низ цела Русија и направи стотици фотографии на ремек-дела на дрвената архитектура.

Необични контури, изобилство декоративна резба и шаторест покрив – ако видите ваква куќа која личи на дворец од руските бајки знајте дека тоа е „терем“ (овој збор на руски значи „горен дел од дрвена градба сличен на замок украсен со резба, балкони и кули“). Поголемиот дел се изградени кој крајот на 18 и почетокот на 19 век, кога во архитектурата бил во мода „рускиот стил“. Најчесто ги граделе богатите претприемачи или трговци (обично имашни луѓе од селска класа) за да им служат како викендички за одмор.

На Светската изложба во 1878 година во Париз архитектот Иван Ропет изградил павилјон на Руската Империја во облик на дрвен теремен дворец, и тој станал своевидна „визит-картичка“ на Русија.

Еднаш, патувајќи по Костормската област, фотографот Марија Савина видела таков терем. Толку била импресионирана што следните две години одела на експедиции ширум Русија во потрага по слични градби. Направила стотици фотографии на највпечатливите објекти. Така настанал проектот и воедно книга под називот „Теремите на Русија“ (Ова е прв том, посветен на најубавите дрвени градби во Централна Русија и Поволжје, а ја објави издавачката куќа „Ексмо“ во 2024 година).

1. Терем во Асташов, Чухломски реон, Костромска област

Ова е веројатно најпознатиот терем во Русија. Го изградил месниот жител Мартјан Сазонов во 1897 година по скица на Иван Ропет. Ентузијасти во текот на минатата деценија го реставрирале теремот и направиле од него хотел во руски стил.

2. Руска бања во Абрамцево, Московска област

Имотот на големиот индустријалец Сава Мамонтов во близина на Москва служел како своевидна „уметничка резиденција“. Тука практично е искован рускиот стил. Во неа работеле познати уметници, од браќата Васнецови, до Иљја Репин. А, Иван Ропет, благодарение на кого теремот се прочул во целиот свет, на имотот ја изградил оваа фантастична парна бања како од бајките.

3. Теремот на Виктор Васнецов во Москва

„Нешто меѓу модерна селска куќа и дрвен кнежевски терем“, воодушевено велел пејачот Фјодор Шаљапин за куќата на Виктор Васнецов. Естетиката на рускиот стил во голема мера е формирана токму благодарение на фантастичниот талент на сликарот Васнецов. Во овој стил тој во 1894 година ја изградил и својата куќа. Денес ова е музеј посветен на овој сликар.

4. Бугровљевата викендичка во Володарск, Нижегородска област

Николај Бугров, кој потекнува од семејство трговци и мелничари, бил толку влијателен што дури и го нарекувале „некрунисан крал на Нижни (Новгород)“. Не е познато кога точно е изграден неговиот терем, но се знае дека оваа вила ја посетувал дури и Сергеј Вите, министер за финансии на Царска Русија. Нему Бугров во 1896 година му предложил да организира Серуска индустриска и уметничка изложба, но не во Москва, туку во Нижни Новгород.

5. Терем во Кулебакија, Нижегородска област

Овој терем е најважната знаменитост на малиот град Кулебакија. Дури и е претставен на градскиот грб. Изграден е кон крајот на 19 век, специјално за забава на работниците и занаетчиите, како Дом за народна забава при рударскиот комбинат во Кулебакија.

6. Бахтеевлевата куќа во Татарстан

Во реонот на населбата Старотатарска Слобода во Казањ стои прекрасен виолетов терем. Куќата од 1903-1906 му припаѓала на Сафа Бахтеев, трговец со галантерија. Сегашниот изглед на теремот е вратен по обновата по еден голем пожар. Во Татарстан во многу тереми има и елементи на традиционалните татарски орнаменти коишто се додадени на рускиот стил.

7. Куќата со сирени во Владимирската област

Куќата на Фјодор Пришљецов, почесен граѓанин на градот Гороховец, е пример како на рускиот стил му се додаваат елементи од западниот стил Art nuvo. Покрај необичниот облик, главна специфичност на овој терем се изрезбаните декоративни прозорски рамки со фантастични битија – русалки и лавови. Денес ова е станбена зграда.

8. Куќата трговецот Гордеева во Рибинск, Јарославска област

Ова не е обичен „терем“; ова е комплетна вила од дрво. Прозорските рамки се украсени во стилот на рускиот барок. Сопственикот Семјон Гордеев се збогатил тргувајќи со жито и недвижнини. По неговата смрт во 1905 година „теремот“ служел како куќа за издавање, а во советско време ова бил заеднички стан т.е. „комуналка“. Денес е станбена зграда, во неа главно живеат уметници коишто работат на обнова и на реставрација на самиот објект.

9. Летниот клуб на Благородничкото собрание во Рјазањ

Овој „тантелест“ терем е изграден во 1905 година во Долната градска градина во Рјазањ, на територијата што порано му припаѓала на локалниот милионер Гавриил Рјумин. Зданието за свои потреби го подигнало Благородничкото собрание на трошок на локалното благородништво. Во него се наоѓал летниот клуб.

10. Теремот на Сергеј Маљутин во Фљоново, Смоленска област

Овој чудесен „терем“ со изрезбарени прозорски капци, конзоли во вид на глава на Змејот Горинич и печка со насликани керамички плочки е проектиран на преминот од 18 кон 19 век од уметникот и стручњак за руска декоративна и применета уметност Сергеј Маљутин. Фундаментот од тула е изработен во облик на „кокошкини нозе“, како колибата од приказната за Баба Рога. Нарачател на „теремот“ била Марија Тенишева, добротвор и љубител на сѐ што е руско. Маљутин за нејзиниот смоленски имот изградил цел комплекс објекти во руски стил.

11. Имотот на Каликини во Галич, Костромска област

Овој терем од 1911 година му припаѓал на Александар Каликин, кој потекнувал од селска „династија“ произведувачи на кожа. Рускиот стил тука е комбиниран со стилот „арт нуво“ којшто станувал сѐ позастапен. Основните карактеристики на „теремот“ се билни орнаменти и покрив со гребен (сличен може да се види на Јарославската железничка станица во Москва).

12. Ахунските тереми кај Пенза

Ахуни, мирно и сликовито предградие на Пенза, од крајот на 19 век почнале да го населуваат богати трговци, производители на дрвени куќи, службеници и сопственици на фабрики. Изградиле и неколку „тереми“ во руски стил. До денешен ден одлично се зачувани три трговски куќи – На Осетровлев, на Журављов и на Ашанинов.

Тие имаат слична архитектура и украси, односно камена основа, мезанин, отворени балкони и слични шари на прозорските рамки. Денес се наоѓаат на територијата која му припаѓа на едно лекувалиште.

13. Куќата на Лужини во Кимри, Тверска област

Лужини тргувале со жито во градот Кимри. Нивниот терем и пред Револуцијата бил толку необичен и оригинален што ги красел разгледниците со поглед на Тверската губернија. Еден трговец кој тргувал со Санкт Петербург дошол на оваа идеја кога нешто слично видел во едно списание.

На фотографијата го импресионирале огромните тркалезни прозорци од имотот „Песчанка“ во Гатчино (овој објект повеќе не постои). Денес во „теремот“ во Кимри е сместена продавница за чевли.