Десет најинтересни места во Тверската област

Патувања
АЛЕКСАНДРА ГУЗЕВА
По површина Тверската област е речиси двојно поголема од Московската. Ја красат голем број знаменитости, од древни храмови и разнолики историски старини до природни убавини. Што неизоставно треба да се види?

1. Патниот дворец на Екатерина Велика во Твер

Градот е основан на Волга во 1135 година. Дванаесет години е постар од Москва и во текот на својата историја се борел за статусот престолнина на Стара Русија. Денес ова е прилично голем регионален центар со 414 илјади жители.

Во Твер отсекогаш отседнувале оние што патувале од едната во другата руска престолнина. Императорката Екатерина Велика има изградено патен дворец наменет за одмор во Твер.

Во палатата денес се наоѓа галерија слики во која се изложени збирки уметнички предмети на тверските губернатори од дворските имоти национализирани по Револуцијата. Ѕидовите на галеријата ги красат делата на Алексеј Венецијанов, Константин Коровин, Аркадиј Пластов, Валентин Серов, Михаил Врубељ и други познати сликари.

2. Ржевски меморијален комплекс

Градот Ржев е оддалечен 120 километри од Твер. Во периодот од октомври 1941 година до март 1943 година тука се воделе најкрвавите борби во Втората светска војна, вклучувајќи ја и Битката кај Ржев. Вкупно 1,3 милиони припадници на советската војска тука се убиени, ранети, исчезнати и заробени.

Во Ржев во 2020 година е отворен меморијален комплекс посветен на војниците кои паднале во оваа битка.

Во центарот на композицијата се наоѓа 25 метри висока бронзена скулптура на советскиот војник, чиj шинел на дното се претвора во јато жерави. Оваа е референца на една од најпопуларните песни за војната „Жерави“ (стихови на Расул Гамзатов, музика на Јан Фролин).

3. Езерото Селигер

Љубителите на одмор во природа барем еднаш во животот морале да го посетат брегот на Селигер. Во огромното глацијално езеро со површина од 250 квадратни метри живеат триесетина видови риба. Рибарите доаѓаат тука да ловат риба во сите годишни времиња, без разлика дали од чамец, од брегот, или во дупки назима.

На кривулестиот брег на езерото има голем број хотели, кампови (но и глампинг), така што туристите можат да избираат на кој начин сакаат да одмораат. А, покрај бањите може да се скокне директно во езерото!

Една од знаменитостите на Селигер е градот Осташков, најголемиот на езерото и притоа мошне симпатичен. Особено е интересен советскиот локален музеј што се наоѓа во самата црква.

Тука можете да се повозите со ретровоз на маршрутата Селигер-Осташков-Бологое.

4. Нило-Столобенска пустина

Една од најинтересните дестинации во Тверската област е Ниловата пустина од 16 век – активен машки манастир коj исто така се наоѓа на прекрасниот брег на езерото Селигер.

Во советско време тука се наоѓала и колонија за малолетни злосторници, како и логор за воени заробеници, болница, туристички центар.

Според легендата на островот Столобни на езерото се населил монахот пустиник Нил кој станал познат по своите сесрдни молитви. Се зборувало дека никаква катаклизма или разбојници не можеле да го отселат од езерото. По неговата смрт на местото каде што се наоѓала ќелијата почнале да доаѓаат монаси коишто на крајот и основале манастир. Пред Револуцијата тука се наоѓал еден од најпочитуваните манастири. На поклонение на моштите на свети Нил доаѓаат илјадници аџии.

5. Торжок

Во слободно време ручај, пржени котлети пробај, и тргни без багаж, напишал Александар Пушкин кој често патувал од Петербург во Москва кај својот пријател Соболевски.

На иницијатива на најголемиот руски поет „котлетите на Пожарски“ од сечкано пилешко месо, пред пржењето се валкале во сушени парчиња бел леб, и станале главен специјалитет на градот, кои се препознатлив знак до денешен ден.

Градот, меѓутоа, не е познат само по гастрономијата. Порано големиот трговски центар денес станал мал провинциски град со импресивна природа на кејот на реката Тверца, Борисоглебовскиот манастир, несомнено еден од најстарите во Русија (се верува дека е основан во 1938 година), како и уникатната дрвена Старовознесенска црква од 17 век.

6. Потопената камбанарија во Каљазин

Една од најпознатите знаменитости е потопената Каљазинска камбанарија. 74 метри високата кула ѕирка од водата недалеку од брегот. Туристите често ја фотографираат, без да знаат дека под водата се кријат урнатини на некогашен манастир.

Поголемиот дел од Троицко Макариевскиот манастир е урнат во 1940 година и светињата се нашла на подрачје поплавенa за време на изградбата на Угличката хидроелекрана на Волга и Угличката акумулација. На овој манастир денес потсетува камбанаријата која неодамна е реконструирана и варосана, а по некое чудо се спасени и фреските од манастирот. Подетално за ова прочитајте тука.

7. Изворот на Волга

Тешко е да се поверува дека овој извор и поточе на Валдајската висорамнина е место на коешто извира една од најголемите реки на светот (и најголема во Европа). Во близина се наоѓаат капела и мост со табла на која може да се направи селфи за спомен.

Во Русија односот кон Волга отсекогаш бил посебен, се нарекува „матушка“, на реката се изградени голем број градови, таа хранела и денес храни голем број региони во Русија. Затоа нејзиниот извор со векови е цел на посети. Уште во 17 век тука се наоѓал манастир, но изгорел и не бил обновен. А, во 1912 година изграден е новиот Ољгин женски манастир.

8. Ширков погост

Ова место на брегот на езерото Вселуг (денес тоа е дел од реката Волга) се нарекува Тверски Кижи. Како и познатиот остров Кижи на Омешкото езеро Ширков погост е препознатлив по својата Црква на Јован Претеча – ремек-дело на руското дрвено градежништво. Храмот е подигнат во 1697 година.

Според една легенда името го има добиено по браќата Ширков, трговци коишто ја подигнале црквата. Браќата од Новгород во Москва носеле две икони на Јован Претеча. На ова место ги спуштиле и сакале да се одморат, но не можеле повторно да ги подигнат, па одлучиле на ова место да изградат црква без ниту еден клинец.

9. Вишни Волочок

Називот на градот потекнува од зборот „волок“ (копнена делница меѓу водни резервоари коишто ги влечеле бродовите - тащили волоком - по земја). И навистина Вишни Волочок се наоѓал на вододелница на Балтичкиот базен (реката Цна) и Каспискиот базен (приток на Волга, реката Тверца). За време на Петар Велики меѓу овие реки изграден е првиот вештачки канал во Русија.

Вишни Волочок отсекогаш било важно место за претовар на стока на патот од Москва (и од централна Русија) во Санкт Петербург. Поради добрата локација тука секогаш имало многу фабрики, од шивачници до фабрики за преработка на дрво и за производство на стакло. Волочок покрај тоа е познат и по производството на валенки, тука има и музех посветен на овој вид облека и рачно валање сукно.

Во градот е зачуван голем број стари фабрики, како и домови на богати трговци изградени во различни стилови. Тука бил изграден и Императорскиот патен дворец (зачуван е, но со бројни реконструкции преземени во текот на историјата, а денес тука се наоѓа училиште).

10. Конаково

Селото до 1929 година се викало Кузнецово, а потоа го променило името во чест на Порфириј Конаков – учесник во револуцијата од 1905 година. Ова место познато е по својот фајанс. Фабриката за производство на фајанса во Конаково започнала со работа во 1809 година и е една од најстарите во Русија. Иако денес повеќе не работи, локалните мајстори на просторот на фабриката во која порано се наоѓала и уметничка лабораторија отвориле претпријатие и се обидуваат да го обноват овој стар занает.

На современите туристи, меѓутоа, ова место им е попознато како модерна ривиера. Конаково и соседното Завидово денес се пожелни места за одмор и водени спортови. Мошне е популарно возењето со јахти и вејкбординг, а постојат и бројни хотели и мошне популарни глампинзи за одмор. Во близина е патот М-11, со што локацијата е привлечна, особено за московјаните кои стасуваат тука за нешто повеќе од еден час.