Секо лето во втората сабота на август траектот испловува од пристаништето во градот Рибинск (260 километри североисточно од Москва) во насока на Рибинското акумулациско езеро, и понекаде запира за патниците да спуштат венци на површината на водата. Ова е годишниот собир на жителите од градот Молога, потопен кон крајот на триесеттите години од минатиот век за време на изградбата на акумулациското езеро. Овој град сè уште го паметат оние кои се родиле во него пред „потопот“.
Панорама на јужниот дел на Рибинското акумулациско езеро.
Андреј Александрович Х.Изградбата на Рибинското акумулациско езеро била оправдана како неопходен дел од системот на водни патишта кои го спојуваат Балтичко море и Касписко езеро. Секако, тогаш од Ленинград (Санкт Петербург) веќе можело да се доплови до Астрахањ, но само со бродови со мал газ. Државниот комитет за планирање во 1935 година усвоил одлука за создавање вештачко езеро кое во тој момент било најголемо на светот.
Во април 1941 година на Волга и Шексна се подигнати брани. Потопени се 5.000 квадратни километри, 663 села и градот Молога, а делумно се потопени и други градови. Преселени се 130.000 луѓе. Уништени се големи земјоделски површини и шуми. Браните главно ги граделе затворениците од Волшкиот затвор. Во тој затвор завршувале и оние кои одбивале да се отселат.
Молога ноќе.
Архивна фотографија„Како низ Молога да мина страшно разорно торнадо. Луѓето мирно спиеја, не сфаќајќи дека веќе следниот ден нивните животи во целост ќе бидат сменети“, раскажува Јуриј Несторов, поранешен жител на Молога.
За Молога се знае од 12 век. Таа на почетокот му припаѓала на Рјазањското кнежевство, за во 14 век да припадне на Москва. Неколку години подоцна овој град станал извор на речна рива за царската трпеза. Во 1777 година Молога добила статус на окружен центар. Градот имал манастир и неколку цркви, а исто така и кула која ја проектирал Андреј Достоевски, помладиот брат на познатиот писател. Кон крајот на триесеттите години од минатиот век во него живееле 7.000 луѓе.
Искушеници на Леушинскиот женски манастир близу Молога.
Сергеј Прокудин-ГорскиСоздавањето на Рибинското акумулациско езеро донело големи страдања за жителите на потопеното подрачје, но, од друга страна, било и спас за илјадници луѓе кога избила Втората светска војна. Ова езеро било од голема корист за транспорт кога нацистите навлегле длабоко на територијата на Русија и кога блокирале многу пруги и патишта. Тогаш Волга служела како најбрза сообраќајница за превоз на товар од Урал и од долниот тек на Волга во централните региони на Русија.
Рибинското акумулациско езеро овозможило минување на големите товарни бродови и за евакуација на луѓето од окупираните територии. Покрај тоа, Рибинската хидроцентрала за време на нацистичката инвазија била единствен извор од кој Москва се снабдувала со електрична енергија.
Информацијата за потопувањето на Молога долго време се држела во тајност, дури и било опасно да се зборува за потопениот град, со цел човечките несреќи да не се толкуваат како осуда на советските власти и на нивните дејствија. Дури во осумдесеттите години од минатиот век за судбината на овој град се дознало од медиумите, а сега поранешните жители на Молога редовно се собираат.
Понекогаш нивото на водата многу опаѓа, како што беше случајот во 1992-1993 година. Тогаш поранешниот град можеше убаво да се види. Кога се случи тоа на поранешните жители на Молога им се укажа можност уште еднаш да зачекорат на својата родна земја, да прошетаат по познатите улици, да поседат на темелите на своите згради и да ги посетат гробовите на своите предци. Онаму каде порано стоел Храмот на Вознесението Христово сега стои импровизиран споменик со натпис „Прости ни, Молога“.
Кулата во Молога која е пројектована од страна на Александар Михаилович Достоевски.
Архивна фотографија„Ние сме сè постари и сè повеќе мислиме на нашето потомство“, вели Николај Новотељнов, некогашен жител на Молога. „Жално е што нè има сè помалку и што не можеме да ја вратиме Молога“.
Секое надоаѓање на водата, секоја пролет и секое топење на мразот дава свој „придонес“ во уништувањето на градот, носејќи ги неговите последни остатоци.
Кога станува збор за судбината на Молога треба да се спомене и извештајот кој, наводно, во 1941 година го напишал поручникот Скљаров на мајорот Журин (обајцата биле офицери на НКВД). Во него е опишано како 294 жители на Молога одбиле да го напуштат градот и дека, наводно, се удавиле кога градот бил потопен. Но, Молога била потопувана постепено. Дури во 1946 година била целосно под вода, што е јасен доказ дека овој документ е фалсификат.
Во некои публикации може да се видат скенирани снимки од копијата на овој документ. Се гледа дека форматот е премногу едноставен и дека не е типичен за советските документи од тој период. Историчарите во архивите го бараа оригиналот, но не најдоа дури ни трага од него. Всушност, звучи чудно што НКВД не е во состојба да ги евакуира тврдоглавите жители на Молога. Секако било можно да се принудат да се преселат.
Стариот град Каљазин.
Од слободни извориПокрај Молога под вода отишле и многу населби. Советите верувале во семоќноста на индустријата и сметале дека човекот треба да ја покорува природата.
„Ние не треба да чекаме дарови од природата, наша задача е самите да ги земеме“ рекол советскиот научник Иван Мичурин, и овие зборови во целост одговараат на советското сфаќање за природата. Подоцна, во текот на шеесеттите години од минатиот век, била започната иницијатива да се сврти текот на сибирските реки за наводнување на јужните подрачја на СССР.
Советската власт во текот на триесеттите години од минатиот век се трудела да изгради национален енергетски систем за да го стимулира порастот на индустријата. Многу градови се делумно или целосно потопени за време на реализацијата на амбициозните проекти за изградба на хидроцентрали: Весегонск и Корчево во близина на Рибинското акумулациско езеро, Пучеж во близина на Горковското акумулациско езеро (Нижегородска област), Болгар во близина на Кујбишевското езеро (Казањска област)... Најпрепознатлив симбол на руската Атлантида е делумно потопената камбанарија во Каљазин.
Каљазин е основан во 12 век. Тој бил напреден трговски и индустриски град на Волга, 190 километри северно од Москва. За време на изградбата на Угличката хидроцентрала и на Угличкото акумулациско езеро потопен е стариот дел од градот каде се наоѓаат историски објекти и споменици. Останала само импозантната камбанарија на урнатиот Никољски храм.
Изгледа како камбанаријата да изнурнува од водата, но таа всушност стои на островче кое останало недопрено за камбанаријата да може да служи како светилник. На ова место Волга прави нагло свртување, така што светилник е потребен. Темелот на камбанаријата е зајакнат во осумдесеттите години од минатиот век, а во 2016 година се поставени нови камбани. Сега камбанаријата е неофицијален симбол на Каљазин и е главна туристичка знаменитост до која може да се дојде со чамец.
Место за туристите.
Станислав Красиљников/TASSПри користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче