- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
Од одредени населби денеска не останале ниту патокази. Патем наидувате само на остатоци од темели и ѕидови, а колку подалеку одите, толку повеќе остатоците од градбите изгледаат како дел од пејзажот и некако се претопуваат со него.
Бројот на рудници и населби долж обиколницата околу Воркута постепено растеше до средината на 1970-тите. Во моментот на распадот на СССР, на „прстенот“ имаше 13 рудници и десетина населби.
Денеска има 4 рудници и еден површински коп, и 4 населени места кои сè уште имаат жители.
Воргашор
Најголемата населба во воркутскиот прстен е Воргашор. Се наоѓа во близина на Воргашорскиот рудник, најголемиот подземен рудник за јаглен во Европа. Се добива впечаток дека во населбата животот се одвива нормално.
На улиците има луѓе, видовме дури и нарти (санки) на жители на тундра со впрегнати ирваси. Велат дека одгледувачите на ирваси доаѓаат тука по намирници и сите потребни работи. Името на населбата на јазикот на народот Коми значи „поток на ирвасовиот пат“.
Пред распадот на СССР населбата имаше речиси 25 илјади жители, а денес има помалку од 7 илјади.
Зимно време Воргашор не изгледа лошо, но лете, кога ќе се појави асфалтот под снегот, се гледа колку е сè дотраено. Особено чудно изгледаат полупразните згради со деловите каде што веќе нема ни прозорци, или каде што преку прозорците е закована шперплоча, додека во другите станови навечер гори светло и во нив живеат луѓе.
Северни
Втората по големина населба е Северни. Има 3600 жители (пред распадот на СССР имаше 20000). И сè уште е жива. Рудникот Северни беше затворен во 2016 година по несреќа во која во експлозија загинаа 36 лица. Во знак на сеќавање на влезот во населбата е поставено спомен-обележје.
Домот на културата изграден во 1951 година во стилот на советскиот класицизам сведочи за фактот дека населбата Северни некогаш била многу убаво место. И денес во неа тлее општествен живот и се организираат креативни содржини за неговите жители.
Многу од зградите однатре изгледаат како жителите штотуку да ги напуштиле.
Некои сопственици се обидуваат да го продадат својот стан по заминувањето. Трособните станови во Воргашор и Северни се нудат од 100000 до 150000 рубли (1000-1500 долари) заедно со мебелот и апаратите за домаќинство, но нема многу заинтересирани купувачи.
Комсомолски
Ни се стори дека оваа населба е сосема пуста. Според официјалните податоци овде сé уште има пет жители, но ние не ги видовме.
Влезовите во зградите се завеани со снег, на некои од нив има натписи „тука живеат луѓе“, но никаде не гореше светло ниту имаше други знаци на живот. За волја на вистината, улиците беа осветлени и имаше траги меѓу зградите.
Порано овде живееја 15000 луѓе, а денес нема ни продавници, ни бензински пумпи, ни библиотеки, ни други елементи на цивилизација. Одредени влезови во зградите се запечатени, т.е. преку нив се заковани штици, очигледно за никој непоканет да не влезе во нив.
Во најскоро време оваа населба конечно ќе биде конзервирана и напуштена.
Во близина на населбата е рудникот Комсомолски (најдлабокиот рудник за јаглен во Русија, длабок преку 1100 метри), но поисплатливо е да се носат работници од Воркута и други места со автобус.
Заполарни
Во Заполарно нé пречекаа полуурнати згради во стилот на сталиновиот ампир во кои се плашевме да влеземе. Изгледаше дека скалите и одмориштата ќе се урнат во секој момент.
Во оваа населба живеат околу 200 луѓе. Тоа можеше и да се забележи од паркираните автомобили и расчистените патеки.
Рудникот Заполарни е активен и се смета за најперспективен во поглед на резервите на руда. По големина е веднаш зад Воргашорскиот.
Наминавме и во други населби до кои се уште води пат. Промишлени, Јуршор, Советски и Октјабрски денес се населби-духови. Нивните жители одамна се преселиле во Воркута и во други градови во Русија.