Воркута: како живее денес легендарниот град во руското Заполарје

Патувања
АНА СОРОКИНА
Рударскиот град на 67-та паралела е град кој ќе ве воодушеви со своите контрасти. Оние кои некогаш живееле во него се сеќаваат на тоа со голема топлина во душата и велат дека никаде во светот нема толку добри луѓе како во Воркута.

За оваа зграда велат дека е „најморничавата“ во градот. Панелната повеќекатница со заковани штици преку прозорците и трошен слоган на покривот: „Слава им на освојувачите на Заполарјето!“

Изгледа страшно, но влегуваме внатре. Наидуваме на трошни скалила и долги темни ходници.

Одненадеж, некаде над нас се слушаат нечии претпазливи чекори. Се качивме на катот, а таму со заканувачки фрчење нè нападна некаков црн мачор. Срцата ни зајдоа во петите! Потрчавме назад колку што нé држат нозете. Но, штом излеговме на улица, веднаш се расположивме. Пред нас беше сосем поинаков Воркута, жив и весел.

Топлината на северниот град

Во Воркута, четвртиот по големина град над Северниот поларен круг, пристигнавме на крајот на ноември, токму за време на Празникот на Северот.  

Не очекувавме дека на мраз од -20 степени ќе видиме ирваси како јурат по главната улица.

Излезе дека секоја година северните народи Коми, Ненци и Ханти доаѓаат во градот од тундрата со стада ирваси за да ги запознаат жителите на градот со нивните обичаи.

Годинава трката на запреги со ирваси се одржаа во пресрет на 80-годишнината на Воркута и привлекоа илјадници гледачи.  

Така добивме можност да поразговараме и со локалните жители, но и со оние кои одамна го напуштиле градот.  

И, што мислите, која фраза најчесто ја слушавме? – „Повеќе нема такви луѓе како во Воркута“.  

Град на младоста

„Го изградивме овој град за 250000-300000 жители. Однапред планиравме во него да израсне млада генерација која ќе се занимава со спорт и ќе биде подготвена за секакви предизвици. Град на романтичари и град на сонувачи. Затоа овде има толку многу згради и објекти посветени на младоста“, вели Михаил Пејмер, човекот кој го градел Воркута практично од самото нејзино основање.

Михаил Николаевич го прослави својот стоти роденден во февруари 2023 година. Дипломец на Московската воена школа, тој ја помина целата Втора светска војна како млад офицер на артилериско-ракетните единици. Дваесет дена пред Победата, кога бил кај Кенигсберг (Калининград), беше обвинет за антисоветска агитација и осуден на 10 години логор. Така заврши во Воркута. По смртта на Сталин беше рехабилитиран и му беа вратени сите одликувања, но продолжи да живее и работи во Воркута до пензионирањето во 1984 година. Сега живее во Јарослав, градот на неговото детство. Се дружи со млади, пишува книги и е активен на социјалните мрежи.

Во градот дошол со својот пријател, инженер од Воркута во пензија.

Најдлабок рудник за јаглен во Русија

Работата на многу жители на градот е поврзана со комбинатот „Воркута јаглен“ („Воркутауголь “), еден од најголемите рудници во земјата. Вклучува 4 рудници (Воргашорскиот, Воркутинскиот, Заполарниот и Комсомолскиот), како и површинскиот коп „Јуњагински“, фабрика за преработка на јаглен и Воркутскиот машински комбинат, каде што се поправа целата рударска и тунелска опрема.

„Прв пат се спуштив во рудникот во 2005 година и ми се допадна“, ни раскажува Олег Гаранин, директор на рудникот „Комсомолски“. „Ги поминав сите професии, од подземен рударски електричар до директор“.

„Комсомолски“ е најдлабокиот рудник за јаглен во Русија. Длабок е преку 1100 метри. Спуштањето во транспортната кабина само до првата длабочина трае 10 минути.

Во рудникот работат околу 1000 луѓе, речиси сите живеат во Воркута и не се сезонски работници. Лекарските прегледи се задолжителни. Пред влегување и излегување се прави алкотест. Правилото за некористење алкохол го почитуваат сите, па и директорот, затоа што и тој и неговите заменици се симнуваат во рудникот.

Бисер на Заполарјето

Геолозите уште во 1930-тите открија во Северен Урал висококвалитетен јаглен со ниска содржина на сулфур. Токму овој коксен јаглен е неопходен во металургијата. Се користи за загревање на високи печки каде што се топи железо. И денес тука се наоѓаат најголемите резерви на јаглен во Европа (над 4 милијарди тони!).

Воркута почнаа да го градат затвореници. Во „Воркутлаг“ ги имало близу 70000.  Меѓу нив имаше претставници на многу народи, поради што често се зборуваше дека Воркута е „главен град на целиот свет“.

Во 1943 година населбата доби статус на град и во неа започна голема градба. По смртта на Сталин, кога беа расформирани логорите (повеќе за тоа прочитајте овде), во Воркута почнаа да додаѓаат млади комсомолци од целата земја. Околу градот е изграден „прстен“ од рудници и работнички населби.

Генералниот урбанистички план беше одобрен во 1956 година. И Воркута, како и Норилск, е изграден според проекти на архитектите од Ленинградската архитектонска школа.

Вреди да се прошета по улицата „Ленинова“ и да се погледнат раскошните столбови на Палатата на рударската култура и Рударскиот техникум, монументалната Палата на пионерите и многу масивни згради од тули со продавници и ресторани на приземјето. Посебен колорит на градот му даваат и советските натписи кои се чести на зградите овде.

„Контролирана компресија“

Во времето на распадот на Советскиот Сојуз, во Воркута и неговата околина живееја близу 250 илјади луѓе (денес живеат околу 60000). Беше престижно да се работи на Крајниот Север.

Меѓутоа, веќе во 1989 година, платите и бенефициите почнаа да се намалуваат. Рударите започнаа серија штрајкови. А по распадот на СССР луѓето не земаа плата со месеци. Во потрага по подобар живот, работниците постепено почнаа да заминуваат во други градови.

Во последните неколку години ситуацијата стана подобра. Стручњаците кои работат под земја добиваат 80000-150000 рубли (900-1600 долари) месечно, како и право на предвремено пензионирање и подолг одмор.

Во Воркута веќе неколку години постои програма на „контролирана компресија“, т.е. организирано преселување во градот на жителите од населбите кои се затвораат со цел да се намалат трошоците за одржување на инфраструктурата.

Во Русија постои и државна програма за помош на жителите на Крајниот Север. Тие, на пример, можат да добијат финансиски субвенции за купување станови во други региони, но чекаат на ред со години, а животот си тече.

„Луѓето велат дека Воркута е „бисерот на Заполарјето“, вели Михаил Николаевич. „Иако сега изгледа дека Воркута е заборавен, не е така. Никој не е заборавен и ништо не е заборавено. Воркута ќе добие нов потстрек“.

Во 2023 година руската влада го вклучи Воркута во списокот на упоришта на Арктикот. За нив ќе бидат изготвени долгорочни планови за економски развој кои би требало значително да го подобрат животот на жителите на Северот.

Воркута има огромно индустриско и архитектонско наследство од советската ера. Многу туристи доаѓаат да ги посетат напуштените „населби-духови“ во таканаречениот „воркутски прстен“. За него ќе пишуваме во следниот дел.