ФОТО: Извор: tolstyakov.livejournal.com
1. „Патот на коските“ во Сибир
Денес напуштениот пат од Магадан до Јакутск, што го изградиле затворениците од ГУЛАГ-от, се нарекува „Пат на коските“. Патот е изграден во сурови логорски услови, често на екстремно ниски температури, поради што настрадале десет илјади луѓе. Патот не се користи откако мостовите, изградени во триесеттите години од минатиот век, почнале да се уриваат. Инлаг (Индигирски воспитно-работен логор) е еден од помалку познатите логори на системот ГУЛАГ.
2. Гробиштата на бродови на Северниот леден океан
ФОТО: Извор:
cr2livejournal.com
Териберка е мала населба на северниот брег на Кољскиот полуостров, на крајниот северозапад на Русија. Основана во првата половина на 17 век како сезонско живеалиште на риболовците, населбата набргу се стекнала со статус на голем риболовен центар. Со појавата на големите товарни бродови во шеесеттите години од минатиот век Териберка почнала да замира. Во населбата не постоел пункт за регистрација на заминувањата и доаѓањата на рибарските бродови, поради што риболовците биле принудени да заминат во најблискиот град, Мурманск. Денес најголема знаменитост на оваа населба се гробиштата на бродови на брегот на Баренцовото море (дел од Северниот леден океан).
3. Мртвата шума на Камчатка
ФОТО: Фотографија:
Иван Дементиевски
Ерупцијата на вулканот Плоски Толбачик на полуостровот Камчатка во 1975 година траеше една и пол година. За тоа време лавата изгоре четинарски пуми на неговите падини. Со километри наоколу теренот беше во целост покриен со пепел и со гареж. Вулканската пустелија толку многу потсетуваше на површината на Марс што токму на ова место се вршени испитувањата на првите советски летала за спуштање на Месечината и на Марс. Шумите се покриени со слој од пепел дебел 7 метри, од кој и 39 години подоцна сè уште не расте вегетација.
4. „Конзервираната“ населба на архипелагот Шпицберген
ФОТО: Извор: elnarperm.livejournal.com
Населбата Пирамида која се наоѓа на архипелагот Шпицберген (норвешки арктички архипелаг кој благодарение на договорот од 1920 година го користи и Русија – заб. ред) на географска ширина на централен Гренланд, основана е покрај најсеверниот рудник на светот од кој се вадел јаглен. Определбата „најсеверен“ тука може да се примени на речиси сè – од „најсеверниот споменик на Ленин“ (на фотографијата) до „најсеверен базен на светот“. Во времето на најголемиот економски напредок на СССР во Пирамида се донесени неколку тони земја-црница. Притоа било забрането да се оди по тревникот кој растел на „руската земја“. Освен оваа необична забрана, на архипелагот функционира и законот со кој се забранува умирање на неговата територија. Дури и во случај човек да умре на островот, ќе биде погребан на континентот, зашто во услови на постојан мраз телото по погребувањето не се распаѓа и го привлекува вниманието на белите мечки и на други грабливци.
Населбата Пирамида е затворена и напуштена во 1998 година, кога е запрена експлоатацијата на јаглен.
5. Прстенот на напуштени градови зад поларникот
Извор:
varande.jlivejournal.com
Градот Воркута, кој се наоѓа во зона на вечниот снег и мраз, на средината на 20 век веќе бил познат како центар на најголемиот логор ГУЛАГ сè до осумдесеттите години од минатиот век. Но, при основањето градот имал поинаква намена. Работничката населба Воркута ја основале геолози на место на кое имало наоѓалиште на камен јаглен. И денес е окружена со цела низа приградски населби (тие се наоѓаат покрај рударските окна со вкупно 130 илјади жители). Овие населби го сочинуваат Воркутинскиот прстен. Затворената маршрута во полупречник од 50 километри опфаќа 7 градови и минува низ Воркута. Денес поради затворањето на претпријатието за експлоатација на јаглен од 15 рударски окна има останато само пет, а од седум населби само уште во две сè уште живеат луѓе. Опустошените населби станаа градови на духови, „замрзнати“ среде тундра покриена со снег.
6. „Тврдина на чумата“ во центарот на Санкт Петербург
Извор:
masterok.livejournal.com
Подигнато како градба со одбранбена намена на вештачкиот остров во центарот на Финскиот залив, тврдината „Император Александар I“ (го добила името по братот на Николај Први) никогаш нема учествувано во борбени дејствија. На почетокот на 20 век, за време на избувнувањето на третата пандемија на чума во Европа, во неа била отворена лабораторија за производство на вакцини против чума. Делотворноста на вакцините била тестирана на коњи, поради што во тврдината бил изграден лифт за кревање на животни во лабораторијата, а во коњушниците било спроведено парно греење, а за кремација на коњските трупови била изградена печка. И покрај строгата контрола на територијата на тврдината двапати се појавила чума. Денес до „Тврдината на чумата“ се организираат екскурзии, а планирано е во блиска иднина тука да биде отворен забавен парк.
7. Трансполарна магистрала
ФОТО: Извор:
ecotourist.net
Изградбата на железничка пруга долж поларниот круг по маршрутата Салехард-Игарка била дел од грандиозниот план на Јосиф Сталин да изгради пандан на Транссибирската магистрала и да го спои западот со крајниот исток на земјата, но на Крајниот Север. И покрај суровите природни услови (мочурливиот терен, студенилото од -50 степени според Целзиус, недостигот од патишта) се водела интензивна изградба. Затворениците годишно поставувале до 100 километри пруга. За разлика од други големи градежни потфати од советското време, Трансполарната магистрала никогаш не заживеала. Иако е делумно тргната, долж маршрутата сè уште можат да се видат речиси недопрени бараки, куќи, железнички станици и за’рѓани локомотиви. Денес во градот Салехард постои музеј посветен на изградбата на Трансполарната магистрала.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче