Царски шопинг: Најубавите продавници во Санкт Петербург

Sergnoob (CC BY-SA 4.0); Nikolay Bulykin (CC BY-SA 4.0)
Во поранешната руска престолнина можете да купувате во вистински трговски дворци. Овие прекрасни зданија повеќе од еден век ја задржале својата првобитна намена.

„Пасаж“           

Адреса: Невски проспект 48

Една од најстарите стоковни куќи во Источна Европа е изградена во средината на XIX век во главната улица на тогашната руска престолнина – Невскиот проспект. Архитект бил Рудолф Жељатевич.

Зградата претставува покриена галерија долга 180 метри со стаклен покрив. Освен продавници, во различни периоди во „Пасаж“ имало и француска банка, хотел, музеј на анатомија, механички театар, музеј на восочни фигури, кабаре, диорама и концертна сала. Од 1942 година во таа сала е сместен драмскиот театар „Вера Комисаржевскаја“.

Едно време во зградата имало дури и менажерија, каде жив крокодил лежел во голема када. Под впечаток на оваа необична изложба, Фјодор Достоевски ја напишал сатиричната приказна „Крокодил или Пасаж во пасаж“ - за тоа како алигатор наводно проголтал човек.

Во советско време во зградата имало државна стоковна куќа.

Денес во „Пасаж“ е реконструиран стариот ентериер со старите натписи над продавниците. Таму можете да купите женска облека, накит, козметика, галантерија, како и цвеќиња и предмети за домаќинството. Во сутеренот има продавница за деликатесни прехранбени производи.

Зградата на Сингер      

Адреса: Невски проспект 28

Зградата го добила името по американската компанија „Сингер и К.“, која произведувала машини за шиење. А денес е дом на најпознатата книжарница во градот.

Американските нарачатели на проектот сакале на тоа место да изградат седумкатна (според други извори – единаесеткатна) деловна зграда слична на оние во САД. Но, регулативата за висината на градбите во Санкт Петербург ја спречила таквата изградба.

Автор на проектот бил архитектот Павел Сјузор. Во 1904 година изградил шесткатница со атриум, мансарда и аголна стаклена купола. При изградбата биле користени најнапредните технологии во тоа време. Зградата добила железен скелет, водоводните цевки биле скриени во ѕидовите, воздухот во просториите доаѓал прочистен, загреан, со оптимална влажност, а покривот автоматски се чистел од снег со помош на пареа.

Книгите пристигнаа во зградата на Сингер во 1919 година со доаѓањето на петербуршкото одделение на Државната издавачка куќа на РСФСР и продавницата на нејзините производи.

Традицијата на продажба на книги во „Сингер“ трае до ден-денес. Покрај тоа, дел од првиот кат зазема ресторан. Додека на горните катови се наоѓа седиштето на социјалната мрежа „ВКонтакте“.

Стоковната куќа кај Црвениот мост (Au Pont Rouge)           

Адреса: Кеј на реката Мојка 73

Прекрасната четирикатница во стилот арт нуво, украсена со жезолот на трговскиот патрон Меркур, е изградена во 1907 година по нарачка на белгиско-австрискиот претприемач Стефан Есдерс.

Проектот го реализирале петербуршките архитекти Константин де Рошфор и Владимир Липски. Стоковната куќа била првата повеќекатна продавница во Санкт Петербург. Меѓу нејзините клиенти било и царското семејство.

Првично таму се продавале облека и чевли, чипка, крзно и галантерија. Во зградата работеле и кројачки работилници. По револуцијата тие беа заменети со шивачкото здружение „Водоларски“.

Во XXI век зградата беше целосно реновирана, стариот изглед на фасадата беше обновен, како и натписите и излозите. Денес, Au Pont Rouge е продавница за елитна брендирана облека.

ДЛТ (Дом на ленинградската трговија)           

Адреса: Бољшаја Коњушенаја улица 21-23

Импозантната четирикатница во стилот на арт нуво со шилец, слична на Стоковната куќа кај Црвениот мост, е изградена во 1909 година според проектот на Ернест Вирих, а по нарачка на Гардиското економско друштво.  

Првично тоа била елитна воена продавница за офицерите од престолнината со работилници. Но, елегантната продавница со задоволство ја посетувале и други. Најпрвин само со желба да уживаат во ентериерот. А потоа сопствениците вклучиле цивилна стока во нивниот асортиман.

За време на револуцијата од 1917 година, продавницата била ограбена. Во 1918 година зградата била национализирана, а во неа била сместена трафостаница. Во 1927 година во зградата била отворена организација со незгодно име: Дом на ленинградската кооперација на Ленинградскиот сојуз на потрошувачки друштва. Освен трговски фирми, во зградата биле сместени претпријатија за производство на безалкохолни пијалоци и играчки, како и пекарница. Првенство при купувањето имале ударниците на трудот, а две години подоцна стоката се продавала за бонови. Просториите на поранешните работилници биле заземени од здруженија на кројачи.

Подоцна, продавницата го доби името Дом на ленинградската трговија. Од 1965 година тука се наоѓаше најголемото одделение за детски производи од советско и странско производство во градот. Тука се одржуваа училишни и новогодишни саеми.

Во XXI век ДЛТ беше реновиран. Денес во него се продава луксузна облека, како и во продавницата Au Pont Rouge.

Елисеевската продавница       

Адреса: Невски проспект 56

Раскошната зграда на трговското друштво „Браќа Елисееви“ со огромни прозорци и скулптури на фасадата е изградена во 1903 година по проект на Гаврила Барановски. Тоа е типичен пример за раниот арт нуво, кој е познат како „трговски“ бидејќи бил карактеристичен за многу трговски објекти во центарот на престолнината. 

Покрај величествената продажна сала со витраж и штуко декорација, во зградата се сместени ресторан, руско-кинеска банка, заложувалница, школа за сметководство, станови и концертна сала, каде што од 1929 година е сместен Театарот комедија „Николај Акимов“.

Зградата на Елисееви од 1917 до 1991 година беше бакалница бр. 1 „Централна“. Својот елитен статус го задржа дури и во советско време. Во неа можеа да се набават дефицитарни производи.

Веднаш по почетокот на Втората светска војна, на 24 јуни 1941 година, во излозите на Елисеевската продавница се појавија првите агитациски плакати во Ленинград со повик луѓето да се приклучат на одбраната на татковината, таканаречените „ТАСС прозорци“.

Старото име на продавницата беше вратено во 1993 година. Во XXI век зградата беше реновирана. Денес има ексклузивна прехранбена продавница, музеј на историјата на трговското семејство Елисееви, ресторан и театар.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња