Седум најголеми руски градови на подрачјето на Арктикот

Патувања
АНА СОРОКИНА
Поради суровата клима и комплицираната логистика, зад Северниот поларен круг не живеат многу луѓе во светот - само 4 милиони. А повеќе од половината од нив се граѓани на Русија.

Околу 20% од територијата на Русија се наоѓа зад Северниот поларен круг. Над 2,3 милиони луѓе живеат таму. Во таква клима не е погодно да се живее во одвоени куќи. Затоа речиси целокупната популација на зад Северниот поларен круг живее во градови. Неколку од нив спаѓаат меѓу најголемите арктички населби на светот.

1. Мурманск (267 422 жители)

Најголемиот арктички град на светот се наоѓа во Русија. Мурманск е оддалечен околу 200 километри (68°58′) од поларникот. Таму, на полуостровот Кола во Баренцовото Море, се наоѓа едно од најголемите руски пристаништа.

Мурманск е основан во 1916 година и во текот на XX век повеќе пати се најде во центарот на историските настани. За време на револуцијата, во градот беше центарот на Белото движење, како и базите на странските сили кои се обидуваа да влијаат на текот на настаните во Граѓанската војна. За време на Втората светска војна, Мурманск беше целосно уништен (дознајте повеќе овде).

Денешен Мурманск се состои од згради од бетонски панели од периодот на шеесеттите до осумдесеттите години и мал дел од згради од тули од педесеттите. Секако, тука се и модерните трговски центри и модерните станбени комплекси.

Во многу северни градови на Русија вообичаено е да се украсуваат фасадите на зградите со мурали во светли бои. Вакви необични квартови може да се најдат и во предградијата на Мурманск.

2. Норилск (175 237 жители)

Вториот поларен град по бројот на жители исто така се наоѓа во Русија, и тоа е Норилск (Краснојарски крај). Се наоѓа на 300 километри северно од поларникот (69°20′).

Основан е во 1935 година (статусот на град го стекна во 1953 година), при што првично до 1950-тите беше граден со принудна работа на затвореници.

Условите за живот во Норилск спаѓаат меѓу најсуровите во Русија. Станува збор за тоа што освен снежни и долги зими овде дува и силен ветер. А воедно е и голем индустриски центар, каде се развива преработката на никел, бакар, кобалт и паладиум.

Гледајќи ги фотографиите, на човека може да му се стори дека се работи за типичен советски индустриски град со уреден центар во стилот на сталинскиот ампир, шарени згради и фабрички реон. Меѓутоа, во него можат да се сретнат исклучително интересни архитектонски решенија кои овозможуваат да се одвива живот дури и при силни виулици. Дознајте повеќе за тоа овде.

3. Воркута (56 985 жители)

Ова е најисточниот град во Европа и четвртиот по големина на Арктикот (по норвешкиот Тромсе). Воркута (67°30′) е основана во 1936 година и до денес таму се врши ископ на јаглен. Рударските населби се сместени во околината на Воркута и се поврзани во „прстен“.

До 1991 година бројот на жители растеше и достигна 117 илјади (а заедно со поширокото подрачје 216 илјади) во времето на распадот на СССР. Поради колапсот на претходниот економски систем и тешката економска криза, луѓето почнаа масовно да ја напуштаат Воркута. На тоа денес потсетуваат пустите реони без луѓе, па дури и цели напуштени населби. Цените на становите во овој град се меѓу најниските, а локалните жители повремено подаруваат станови само за новите сопственици да ги плаќаат комуналиите. Има и луѓе кои ги подаруваат своите станови на градската администрација.

4. Апатити (48 748 жители)

Овој град во Мурманската област е петти по големина зад поларникот (67°34′). Основан е во 1926 година како населба за градителите на Мурманската железничка пруга. Интензивниот раст и развојот на градот започна веќе за време на индустријализацијата, кога во областа беше откриено наоѓалиште на рудата апатит.

Денес Апатити е исто така популарна туристичка дестинација. Посетителите се привлечени од Хибинските планини и езерото Имандра.

5. Североморск (43 394 жители)

Шестиот по големина град во светот зад Северниот поларен круг (69°04′) исто така се наоѓа во Мурманската област и на само 25 километри од Мурманск. Луѓето почнаа да се населуваат овде на крајот на XIX век, но со статус на град Североморск се здоби дури во 1951 година.

Во градот се наоѓа базата на Северната флота на Русија и тој има статус на затворен град, т.е. влезот во градот е контролиран. Сепак, туристите го посетуваат со соодветни дозволи и во рамките на аранжманите на туристичките агенции.

6. Мончегорск (39 477 жители)

Ова е уште еден голем индустриски град во Мурманската област (67°56′). Мончегорск е основан во 1935 година (доби статус на град во 1937 година) во близина на наоѓалиштата на никел и бакар во многу живописна средина. Од едната страна се протегаат брезите на езерото Имандра. А од другата се протега планинскиот масив Мончетундра. Патем, на врвот на планината се наоѓа популарниот ски-центар „Лопарстан“, каде уште во ноември љубителите на овој спорт можат да се спуштаат по снежните падини.

7. Кандалакша (28 438 жители)

Дури и еден од најјужните градови во Мурманската област (67°09′) се наоѓа северно од поларникот. Кандалакша е една од најстарите поморски населби на Белото море, основана во 1526 година (Поморите се рибари кои ја создале цивилизацијата на Рускиот Север, повеќе за нив прочитајте овде). Но, луѓето во овие краишта живееле и порано, можеби и пред неколку илјади години. Имено, во близина можат да се сретнат мистериозни камени лавиринти чија намена до ден-денес останува непозната.

Кон крајот на XIX век на овие простори се развила преработка на дрво, а потоа била изградена железничка пруга и направено морско пристаниште. Во советската ера беше основана фабрика за алуминиум, сè уште единствена зад поларникот. Таа и денес работи.

Бонус: Салехард (48 619 жители)

Салехард, административниот центар на Јамало-Ненецкиот автономен округ, исто така спаѓа во арктички градови. Тој е единствениот град на светот низ кој минува Северниот поларен круг (66°32′). За разлика од другите градови на нашата листа, тој има поларен ден, но нема поларна ноќ.

Во Салехард нема индустрија што ја загадува животната средина, повеќето од жителите се занимаваат со обични работи во канцеларии, училишта, продавници, а работат и во сферата на туризмот. Во Салехард можете да посетите еден посебен градски празник - Ден на гоничите на ирваси. Секоја година номадите од тундрата доаѓаат во градот заедно со стада ирваси за да ги запознаат жителите на градот со својата култура (повеќе за тоа прочитајте во нашата репортажа).