Која е разликата меѓу поларен ден и бели ноќи?

Патувања
АНА СОРОКИНА
На часовникот гледате дека е полноќ, а изгледа како да е пладне. За жителите на северните региони на Русија тоа не е ништо невообичаено, бидејќи овде преку лето сонцето речиси и не заоѓа. Како да знаете дали она што го гледате се бели ноќи или поларен ден?

Најважната разлика помеѓу овие природни појави е тоа што сонцето воопшто не заоѓа во текот на поларниот ден. Тоа се случува на географските широчини над Северниот поларен круг (66°33′) и колку сме поблиску до Северниот пол, толку подолго трае поларниот ден.

Во Норилск (69°20′) сонцето не заоѓа 68 дена, од 19 мај до 25 јули. Во Мурманск (68°58') не заоѓа 62 дена, од 22 мај до 22 јули. Во Диксон (73°30′), една од најсеверните населби во светот, не заоѓа од 5 мај до 10 август. Во Салехард, кој се наоѓа токму на Северниот поларен круг, од 7 јуни до 7 јули.

Меѓутоа, во текот на белите ноќи сонцето сепак заоѓа малку зад хоризонтот и помеѓу зајдисонцето и изгрејсонцето настапува самрак. Белите ноќи се феномен кој е карактеристичен за подрачјата над 60°34′ географска широчина. Во Јакутск (62,0°) траат од средината на мај до јуни, во Архангелск (64,5°) од 17 мај до 26 јули. Бели ноќи има дури и во Санкт Петербург (од 11 јуни до 2 јули), иако тој се наоѓа малку јужно од споменатата географска широчина.

Најважно е да се истакне дека периодот на белите ноќи настапува и на Арктикот, пред и по поларниот ден. Во Норилск и Мурманск трае помалку од еден месец пред и исто толку потоа. Во Диксон, белите ноќи траат од 18 март до 27 септември, не сметајќи го поларниот ден во текот на летните месеци.

Дали можеби сте биле на север за време на поларниот ден?