Во 1850-тите царот Александар II ги ублажил законите кои се однесувале на границата на населувањето на Евреите (пропишаната граница до која Евреите можеле да се населат во Русија). Откако ќе се стекнеле со статусот на трговци од првиот еснаф, Евреите можеле да живеат надвор од границите на населувањето. Подоцна им е дозволено и на Евреите од научните професии, студентите и занаетчиите да живеат во големите градови, вклучувајќи ги Москва и Санкт Петербург.
Градското еврејско население почнало да расте и претседателот на московската еврејска општина Лазар Пољаков побарал од градоначалникот дозвола да изгради молитвен дом. Самиот Пољаков издвоил пари за таа намена и изградбата била завршена веќе во 1891 година. Синагогата ја краси купола со Давидова ѕвезда.
Поради новиот бран на антисемитизам синагогата била отворена за верниците дури во 1906 година. А во советската ера повторно затворена. Дури по перестројката објектот повторно ѝ беше предаден на општината, а во 2000-тите беше реставриран. Тоа е најголемата синагога во Москва (во главниот град има пет).
Оваа синагога во Москва била изградена во 1883 година како приватна домашна синагога на Лазар Пољаков, претседателот на еврејската општина. Синагогата била затворена во 1937 година, а по распадот на СССР била предадена на општина на лубавическите хасиди.
Модерната зграда е конципирана на исклучително интересен начин. Главната фасада е, имено, витраж зад кој се гледа стариот ѕид на синагогата, како и симболичен ѕид на плачот. Необично архитектонско решение претставува и кулата на аголот на зградата, чиј прозорец е украсен со „менора за Ханука“ (свеќник со девет краци).
Денес синагогата има три сали за молитва, а во неа функционира и високата талмудска школа (јешива „Махон Ран“) и меморијален музеј за Евреите загинати во ХХ век.
Уште една синагога која своето основање му го должи на Александар II. Тој дал дозвола за нејзина изградба во 1869 година. Меѓутоа, синагогата во арапско-маварски стил била изградена дури во 1893 година. Најпрвин требало долго време да се соберат средства и да се најде локација, а потоа и самата изградба траела долго.
Молитвениот дом работел во текот на целиот советски период, со повремено затворање само на кратко време.
Иркутската еврејска општина во 2018 година ја прослави својата 200-годишнина. Првите Евреи во Сибир биле прогонети и затвореници, а Иркутск бил нивниот религиозен центар. Денес локалната синагога е најстарата активна синагога во Русија.
Во советско време синагогата долго време била затворена, но по перестројката ѝ беше вратена на иркутската еврејска општина.
На почетокот на XX век во Воронеж живееле неколку илјади Евреи (во 1917 година ги имало над 6 илјади). Синагогата во неомаварски стил е изградена во 1903 година. Во советско време зградата се користела како магацин. За време на Втората светска војна била оштетена во бомбардирање.
Синагогата повторно ѝ беше предадена на еврејската општина дури во 1997 година. По долга реконструкција, повторно беше отворена за верниците по повод одбележувањето 110 години од изградбата.
Кон крајот на XIX век во Самара живееле над илјада Евреи. Тие побарале дозвола од градските власти да изградат голема синагога. Молитвениот дом за илјада луѓе - најголемиот во Поволожјето - бил изграден во 1908 година со средства на градските трговци.
Во советско време во зградата беше отворен дом на културата, но во 1990-тите беше вратена на општината. Денес синагогата не е активна, во тек е нејзината реставрација.
Во Нижни Новгород, трговскиот центар на Руската империја, уште во првата четвртина на XIX век доаѓале голем број еврејски трговци. А на територијата на најголемиот саем во земјата имало дури и привремена синагога. Постојана синагога во градот била изградена во 1883 година, а во 1910 година била изградена уште една. Имало активни и еврејски клубови и училишта со настава на јидиш.
Во 1930-тите синагогата била затворена за Евреите, но по распадот на СССР беше вратена на еврејската општина. Салата за молитва беше обновена, а во синагогата беа отворени и кошер ресторан и продавница. Денес, од 20000 жители на градот една четвртина интензивно учествува во животот на еврејската општина.
Евреите ја добија своја национално-територијална област на Далечниот Исток на Русија кон крајот на дваесеттите години. Денес во Еврејската автономна област живее само еден процент Евреи, но активни се две општини и секоја има своја синагога.
Биробиџанската синагога „Бејт Манахем“ е изградена во 2004 година по повод 70-годишнината од областа на иницијатива на еврејската општина „Фројд“.
Синагогата во Брјанск била изградена во 1891 година, но во советско време била предадена на клубот на текстилната фабрика. Во втората деценија на XXI век зградата беше вратена на локалната еврејска општина. Започна долготрајна реставрација во текот на која во шуплината на еден ѕид беше пронајдено тајно скривалиште со стари молитвеници.
Синагогата во 2023 година беше повторно отворена за верниците како нов културен и духовен центар, со што животот на брјанската еврејска општина доби нов импулс за развој.
Во XIX век, кога Калининград сè уште беше прускиот град Кенигсберг, таму беше изградена синагога за локалната еврејска општина. Но, кога на власт дојдоа нацистите, за време на Кристалната ноќ во 1938 година синагогата беше запалена.
На нејзино место во 2018 година е изградена нова синагога, која по изглед наликува на својата претходничка. Во неа, покрај молитвена сала со витражи, има и библиотека и кошер менза.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче