Не сите Евреи за време на холокаустот биле осудени на смрт во концентрационите логори. Десетици илјади од нив кои се наоѓале на територијата под непосредна контрола на нацистите, се бореле за Германија во рововите во Втората светска војна, па дури биле предложени и за одликувања.
„Mischlinge” (мишлинге), како што нацистите ги нарекувале луѓето со мешовито еврејско и ариевско потекло, можеле да работат во управа или во војската, но формално им било забрането напредување во службата и заземање официјални позиции. Но, во практика сè зависело од тоа дали конкретна личност му била корисна на режимот или не.
Така на пример, десетина луѓе со делумно еврејско потекло командувале со нацистички дивизии, корпуси и армии. А, за генерал-фелдмаршалот на воздухопловните сили Ерхард Милху, чиј татко бил Евреин, Херман Геринг, кој високо го ценел, рекол: „Јас тука ќе решавам кој е Евреин, а кој не е“.
Новите генерали на Луфтвафе: Ерхард Милх, Хуго Шперле, Адолф Хитлер, Херман Геринг и Алберт Кеселринг
Global Look PressНо, статусот на луѓето кои, освен еврејската, имале и источноевропска крв бил сосема поинаков. На окупираните територии на Полска и на Советскиот Сојуз, Германците не се занимавале со прашањето колку проценти еврејска крв има некој. Сите оние кои имале макар и делумно еврејско потекло биле класифицирани како Евреи и ги очекувала трагична судбина.
Сепак, некои руски Евреи успеале не само да ја избегнат таквата судбина, ами и да заземат високи позиции во Копнената војска на Германија.
Активниот учесник во руската Граѓанска војна Борис Штејфон се наоѓал во Белград кога Вермахтот ја нападнал Југославија. По поразот на белогардејците во Русија, тој се преселил на Балканот, каде пишувал мемоари и се занимавал со научна работа.
Со оглед на тоа дека веќе имал 59 години, Штејфон не планирал да се врати во воената служба. Но, доаѓањето на нацистите ги променило неговите планови. Југословенските комунисти на Јосип Броз Тито ја интензивирале борбата против окупаторот, но, борејќи се против Германците, неретко убивале и белогардејски емигранти.
Борис Штејфон
списанието Родина №3., 2008.За борбата против партизаните Германците го формирале Рускиот заштитен корпус на кој со задоволство се приклучувале руските емигранти во Југославија. Со 11 илјади војници, тоа била една од поголемите формации на белите емигранти во составот на Вермахтот. Освен што фаќале комунисти, припадниците на корпусот ги чувале комуникациските врски, извршувале казнени операции, а во последните години влегувале и во директни судири со единиците на Црвената армија.
Борис Штејфон бил повикан во Рускиот заштитен корпус како началник на штаб, а набргу се нашол и на неговото чело. Германците одлично знаеле дека Штејфон е син на Евреин кој примил христијанство, но биле подготвени да замижат пред тој факт. Според Истражувачот Иљја Куксин, офицерскиот кадар на Вермахтот во него видел пред сè високо квалификуван војник и убеден антикомунист. Ним им било доволно што неговата мајка е Русинка и што бил крстен.
Генерал-лајтнантот Борис Штејфон командувал со корпусот практично до самиот крај на војната, односно додека не починал од срцев удар на 30 април 1945 година. А, корпусот преминал во Австрија и им се предал на Англичаните. Иако советската страна барала негова екстрадиција, Англичаните не го направиле тоа, зашто поголемиот дел од војниците на корпусот не биле државјани на СССР.
Генерал-мајорот на Вермахтот Борис Хољмстон-Смисловски имал аристократско еврејско потекло. Откако минал низ пеколот од Првата светска и од руската Граѓанска војна, тој, како и илјадници други руски офицери, се нашол во странство.
Но, додека поголемиот дел белогардејци во емиграција, кои решиле да се пресметаат со болшевиците, дури за време на војната им се приклучиле на Германците, Хољмстон-Смисловски во германската воена средина влегол значително порано, дури и пред доаѓањето на Хитлер на власт. Во периодот од 1928 до 1932 година тој минал низ обука за разузнавачи при Воената управа на Рајхсверот (Национална одбрана).
Борис Хољмстон-Смисловски
АрхиваКорисните познанства што тогаш ги стекнал му овозможиле подоцна да се најде на највисоките позиции во структурите на воената разузнавачка и контраразузнавачка служба Абвер. Не се ни поставувало прашањето за еврејското потекло на олку вреден кадар.
Во 1943 година шефот на Абвер адмирал Вилхелм Канарис лично се залагал за својот офицер кога го уапсиле под обвинение за предавство. Хољмстон-Смисловски отворено бил против планот на раководителот на Руската ослободителна армија Власов да се бори на западниот фронт. Тој сметал дека Русите треба да се борат само против болшевиците.
За време на целата војна Борис Хољмстон-Смисловски организирал и спроведувал разузнавачки и диверзантски операции во советската заднина, реализирал откривање и ликвидација на партизански одреди. За таа цел на располагање ја имал дивизијата „Русланд“ (до 10 илјади луѓе), која на самиот крај на војната го променила името во Прва руска национална армија.
Токму со остатоците на оваа „армија“ од неколку стотина луѓе тој во мај 1945 година преминал на територијата на Лихтенштајн, каде биле интернирани. Властите на оваа мала држава одбиле да ги испорачаат на СССР, а советските обвиненија за воени злосторства биле отфрлени поради недостиг на докази.
Хољмстон-Смисловски својата разузнавачка активност ја продолжил во служба на Американците. Извесно време му давал консултации на Генералштабот на Вооружените сили на Западна Германија, а подоцна бил советник на аргентинскиот претседател Хуан Перон.
Почина во 1988 година на 90-годишна возраст во Лихтенштајн кој го засакал уште за време на војната.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче