Зошто Советскиот Сојуз не бил ветена земја за Евреите

Моше Милнер/Национална збирка фотографии на Израел
Советските Евреи заминувале во Израел. Соочени со скриениот антисемитизам дома, решиле да го пронајдат својот нов дом.

Иако официјално не било антисемитско, советското општество во периодот од шеесеттите до осумдесеттите години од минатиот век, сепак, од својата родна земја протерало илјадници Евреи, вклучувајќи ги и они кои ѝ припаѓаа на интелектуалната елита. „Антисемитизмот како екстремен облик на расен шовинизам е најопасен остаток на канибализмот“, рекол Јосиф Сталин во 1931 година, одговорајќи на прашањето за Еврејската новинска агенција со седиште во Америка. Така тој истакна дека СССР нема ништо против Евреите и дека како интернационалистичка држава нема никаква врска со антисемитизмот. Реалноста, меѓутоа, била сосема поинаква.

Токму Сталин ги симна истакнатите болшевички водачи од еврејско потекло (Лев Троцки, Григориј Зиновјев, Лев Камејнев и други) од советската политичка арена. Токму тој по Втората светска војна започна сеопфатна кампања против Евреите во советската култура, наука и јавниот живот. Официјално биле нарекувани „космополити без корени“, но, на сите им било јасно кои се тие космополити. „За да не ве наречат антисемит, Евреите викајте ги космополити“, гласела популарната изрека која тогаш се појавила.


Тука можете да дознаете повеќе за Сталиновите напади врз советските Евреи.

Кога во 1953 година умрел Сталин, тоа било големо олеснување за Евреите. Државата ја укинала антисемитската кампања. Но, Евреите сепак останале деца кои Татковината најмалку ги сака.

Недостаток на доверба

Вработени во израелската амбасада во московската синагога во 1964 година. Три години подоцна СССР ќе ја затвори амбасадата и ќе ги натера да си заминат.

За жал, Русија имала долга историја на антисемитизам. Во Руското царство, имено, од крајот на 19 до почетокот на 20 век необразованите маси верувале во анимозитетот на Евреите кон христијаните и апсурдните гласови за тоа дека Евреите пијат крв на православните бебиња. До педесеттите години на минатиот век ова обвинување повеќе-помалку е отфрлено, но перцепцијата за Евреите како лукав народ со големо влијание во целиот свет сè уште постоело.

Прогласувањето на независноста на Израел во 1948 година само ја влошило состојбата за советските Евреи. Кремљ оттогаш на нив гледал со сомнеж, имајќи предвид дека на ум можеби ги имаат израелските, а не советските интереси.

„Кога бев млад, беше малку срамно да се биде Евреин, овој збор фактички беше забранет“, објаснува Лев Симкин, писател и публицист кој израснал во СССР во шеесеттите и во седумдесеттите години од минатиот век. „Од друга страна, тие (власта) ги критикуваа ционистите, а не Евреите... Поголемиот дел не ни знаел дека ционизмот не е ништо друго ами идеја за создавање еврејска држава... Но, народот набргу протолкува дека 'ционист' значи 'Евреин'“.

Тенка линија

Сцена од некогаш прикажаниот антиционистички (и антисемитски) советски филм од 1973 година.

Заплеткана работа кај советскиот антисемитизам по Сталин е тоа што тој беше скриен. Не е промовиран на официјално ниво и беше сведен на внатрешна непристојност и критика на Израел во медиумите. Со оглед на тоа дека Москва силно ги поддржувала арапските држави во нивниот постојан судир со Израел, еврејската држава била природен непријател.

Властите давале сè од себе за да го зачуваат образот и за да не отидат премногу далеку. Беа антиционистички, но не и антисемитски. Да кажеме, ни го прикажуваа филмот „Тајно и експлицитно (Целите и делата на ционистите)“ од 1973 година кој има користено материјали од нацистичките пропагандни филмови во кои се прикажува наводната глобална еврејска завера. Леонид Брежнев заклучил дека филмот сепак не е прифатлив откако примил писмо од снимателот со еврејско потекло, предаден комунист Леонид Коган, во кое пишувало: „Ова е подарок за сите оние кои ја клеветат советската нација... Филмот е пронижан со идеологија која нам ни е туѓа; откако ќе го изгледате, ќе добиете впечаток дека ционизмот и Евреите се иста работа“.

Тешкотии

Советски пасош со својата озлогласена „5 точка“ покрај која пишува „Евреин“.

Сепак, да се биде Евреин во СССР не било лесно, особено ако се земе предвид дека советските лични карти ја имале озлогласената „петта точка“, каде личноста морала да ја наведе својата националност. Постоеле нешта кои за лицата кај кои на тоа место пишувало „еврејска“ едноставно биле невозможни, како кариера во дипломатијата или служење во КГБ. Или, да кажеме, да се запише на Машинско-математичкиот факултет на Московскиот државен универзитет.

„По 1967 година речиси да немаше Евреин кој успеал да се запише на факултет... Најталентираните меѓу нив, оние кои освојуваа медали на математичките олимпијади, на приемните испити имаа исклучително тешки задачи“, се сеќава публицистот Марк Гинзбург. „Академик Сахаров (Андреј Сахаров, познат физичар и борец за човекови права) рече дека му бил потребен еден час напорна работа да го реши математичкиот проблем поставен на еврејските познаници кои за неа имале само дваесеттина минути“. Ваквата политика не била државна, како што забележуваат многу извори, ами станува збор за иницијатива на раководството на факултетот. Но, државата, сепак, не презела ништо за Московскиот државен универзитет да го направи пристапен.

Многу еврејски родители се обидувале да го олеснат животот на своите деца, претставувајќи ги како Руси (Украинци, Татари итн.), доколку биле од мешани бракови. Но, тоа не успевало секогаш. Една популарна изрека вели: „Ако нешто се случи, ќе ве удри по лицето, а не по пасошот“.

Какво и да е споменување на еврејското потекло било забрането, дури и кога станувало збор за Холокаустот, кој советската држава никогаш не го спомнувала. „Над Бабји Јар нема споменик“, пишуваше поетот Евгениј Евтушенко за местото на масакрот што Нацистите го извршија на над сто илјади Евреи во Украина во 1941 година. И имаше право – СССР никогаш не признаваше никакви посебни „антисемитски“ масовни убиства, инсистирајќи на тоа дека сите советски граѓани во војната еднакво претрпеле.

Растејќи во една таква негативна атмосфера, младите советски Евреи немале добро мислење за СССР. Израел во тоа време станувал сè посилен, победувајќи ги арапските држави во војните од 1967 и од 1973 и бранејќи ја својата независност. „Се појави слика на победоносна земја. И советските Евреи почнаа да размислуваат, тука се срамат од својата националност... а во Израел се горди што се Евреи“, вели новинарот Леонид Парфјонов во својот филм „Руските Евреи“. И така идејата за емиграција стана мошне атрактивна.

Егзодус

Лево: советски пасош со излезна виза. Десно: Ида Нудел, една од еврејските емигрантки (која претходно била во советски затвор), стапнува на израелска земја.

Напуштањето на СССР во текот на педесеттите до раните шеесетти години за советските граѓани не било реална опција, зашто мораа да добијат излезна виза за која било потребно да се мине низ бирократскиот пекол (на пример, добивање одобрување од шефот и од партиски функционер) и плаќање надоместок кој чинел колку и еден нов автомобил. Но, државата до 1970 година попуштила.

Постоеле неколку причини. Детантот во односите со Америка (претседателот Ричард Никсон во 1972 година ја посети Москва) го натера Кремљ да направи нешто за да го замолкне гласот на оние од Запад кој го напаѓаа СССР поради недостиг на човекови права. Освен тоа, имаше и внатрешни протести. Група од 24 (очајни) Евреи на кои им беше одбиена дозволата да ја напуштат земјата на 24 февруари 1971 година ја окупираа зградата на Врховниот совет на СССР, барајќи право на заминување. Со оглед на тоа дека успеаја да го привлечат вниманието на медиумите, владата поголемиот дел ги пушти за заминат.

Подоцна советската политика кон еврејската емиграција неколку пати се менуваше, од релативно слободна во седумдесеттите до остри ограничувања во осумдесеттите години од минатиот век. Но, генерално, Евреите во СССР станаа толку непосакувани што комунистите поскоро одлучуваа да ги пуштат да заминат. Помеѓу 1970 и 1988 година Советскиот Сојуз го напуштиле 271 илјада Евреи и членовите на нивните семејства, преселувајќи се во Израел, во Соединетите Американски Држави и други земји од светот. Можеби татковината им недостасувала, но сигурно не и комунистичката партија.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња