Зошто поларните лисици се најголемите хулигани на руската тундра? (ФОТО)

Legion Media
Оваа бела убавица е симпатична само на фотографии. Ако ги сретнете во реалноста, подобро би било да внимавате на вашите залихи на храна.

Порано пишувавме за дивите лисици кои им ги крадат објалата и батериските ламби на луѓето? Во Русија, лисиците живеат насекаде, од Калининград до Владивосток. А на Арктикот живее нивната роднина, поларната лисица,. Иако на изглед е многу симпатично суштество, токму таа е главниот крадец и хулиган на Дивиот Север.

Носи сé што се јаде  

По правило, дивите животни се држат подалеку од луѓето, но поларните лисици (и, се разбира, нивните лисести роднини) одамна ја сфатија врската помеѓу луѓето и храната. Не, секако дека не јадат луѓе, но знаат дека човек обично има нешто вкусно што може да се украде.

Поларната лисица по својата природа е мал грабливец (тешка до 8 килограми), слична на обичната лисица, само со бело крзно. Лови ситни глодари како глувци и леминзи. Тоа изгледа вака.

Поларните лисици ги населуваат подрачјата на Европа, Азија и Америка зад Северниот поларен круг, а особено ги има на островите, па дури и на пловечките глечери на Северниот Леден Океан. Ја сакаат ридестата тундра, па дури и арктичките пустини.

Притоа поларните лисици воопшто не се плашат од цивилизацијата и ако во нивна близина се најде човек кој лови риба, тие дефинитивно ќе му пријдат да го запознаат. Ако притоа никој не ги послужи, тие нема да се двоумат самите да се послужат. Затоа луѓето кои живеат и работат на Арктикот велат дека сета храна треба да се крие од поларните лисици за да не ги шири мирисите што ги привлекуваат, инаку ќе одвлечат цела торба со вашите намирници без око да им трепне. Зар јадат толку многу? Всушност, не, само сакаат да прават залихи.

Со оглед на тоа дека наликуваат на обичните лисици и на целиот род кучиња, луѓето се обидуваат да ги припитомат хранејќи ги. Поларните лисици навистина можат да се „спријателат“ со луѓето и да им дозволат да ги погалат. Се разбира, ако за возврат добијат нешто вкусно.

Поларните лисици не се дрски само со луѓето, туку и со другите животни. Не се плашат ни да ѝ пријдат на бела мечка за да ѝ го украдат уловот.

Архитекти на подземјето на тундрата

Замислете дека се наоѓате во тундра зад северниот поларен круг, каде што речиси и да нема вегетација, а вечниот мраз е во изобилство. Каде би живееле ако сте поларна лисица? Се разбира, под земја. Излегува дека овие животни не копаат само дупки за себе, туку цели комплицирани структури. Избираат малку издигнати места (каде што е полесно да се копа, бидејќи почвата е помека и исто така помалку изложена на ветер) или преземаат претходно ископани јами и потоа прават мрежа од комплицирани тунели. Свежите јами имаат до десет влеза, додека старите јами, стари десетина години, може да имаат и до осумдесет. Семејствата на поларните лисици можат да користат едно дувло со генерации, доколку на тоа место има доволно храна.

Отпорни на студ

Природата смислила необичен механизам за преживување на поларните лисици. Во поларните предели е многу ветровито, а температурите достигнуваат и до -70 степени Целзиусови. Но, поларната лисица не паѓа во хибернација и нејзиниот метаболизам не се забавува (дури и се забрзува). Напротив, токму во зима е во најдобра форма. Како прво, крзното на поларната лисица е многу густо и топло (затоа отсекогаш било една од главните цели на производителите на крзно; имено, бундата од бела лисица спаѓа меѓу најдолговечните и може да се носи повеќе од 10 сезони ). Второ, поларната лисица спие или се одмара склопчена, што ѝ овозможува да ја намали загубата на топлина. За тоа придонесуваат и малите шепи и заоблените уши. А својата пуфкаста опашка ја користи како покривка.

Не се секогаш бели

Лете и зиме поларната лисица изгледа како две сосема различни животни. Имено, таа има две бунди и ги менува според сезоната. Во есен и зима е бела (најпуфкаста е во јануари-февруари кога преовладуваат најголемите студови), додека во пролет и лето е сива или темнокафена. Покрај тоа, на Далечниот Исток живеат многу ретки подвидови на поларната лисица, заштитени во Русија. Најпознати меѓу нив се сините лисици кои населуваат неколку изолирани јужни Курилски острови. Исто така, на Комодорските острови живее нешто покрупен подвид на сината лисица - медновската лисица. Нивната специфичност е што крзното им е иста боја во зима и лето (сиво-кафено). Во ретки случаи, во природата се среќаваат и светлосиви лисици.

Во оваа снимка можете да видите како сините лисици им помагаат на луѓето да снимат репортажа за Комодорските острови, за возврат барајќи само риба.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња