Запознајте го вистинското „Лебедово езеро“, место во Сибир од кое запира здивот

Патувања
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Лебедите обично зиме летаат на југ, меѓутоа стотици од нив секоја година сепак преферираат да останат во Сибир, еден од најстудените региони на северната хемисфера на нашата планета. Што ги привлекува толку?

Секоја зима во Алтајскиот крај можете да видите една крајно необична сцена: надвор зимата е во полн ек, дрвјата се покриени со иње, а среде него во мало езеро се собираат неколку стотици лебеди.

Тие се преселуваат на ова место во текот на зимата, што само по себе е многу необично. Езерото Светло е оддалечено три километри од селото Урожајно и сето тоа е Сибир, територија на која зимите се сурови. Мештаните го нарекуваат ова езеро Лебедово, поради постојаните гости, жолтоклуните лебеди. Секоја година, почнувајќи од ноември, овде доаѓаат над 500 единки.

Езерото не е големо. Долго е околу еден километар, широко 400 метри, а длабоко само два метра. Водата е толку проѕирна што тоа се одразило и во официјалното име на езерото - се вика Светло.

Светло езеро е многу специфично. Температурата на воздухот често е -30, наоколу има и снег во соспи, но езерото никогаш не замрзнува и температурата на водата не паѓа под +4 степени. Тоа е затоа што во езерото има многу термални извори.

Првите лебеди се појавија овде во 1967 година. Тогаш имаше само 15 птици, а потоа секоја година доаѓаа сé повеќе и повеќе. Орнитолозите открија дека таа група птици го поминува летото Салехардската тундра над Северниот поларен круг. Штом на површината на северните езера се нафати мраз, тие се селат тука со своето младо потомство.

Покрај лебедите, во ова езеро свое зимско засолниште пронајдоа и неколку илјади патки.

Токму поради тоа на ова место е воспоставена забрана, така што популацијата на лебеди и други птици се чува и прихранува. За време на едно презимување, на дополнителна храна се трошат околу 25 тони жито и крмна смеса.

Местото е популарно и како туристичка дестинација. Грациозните птици среде зимскиот пејзаж се многу привлечна глетка. Од друга страна, жолтоклуните лебеди се познати по тоа што не сакаат некој да ги вознемирува.

Затоа се преземени мерки туристите да не им пречат. Посетителите на резерватот имаат на располагање набљудувачници на безбедно растојание, од каде на птиците не им се заканува никаква опасност. Една таква е на висина од десет метри и нуди поглед на целото езеро.