Пор-Бажин, мистериозна тврдина на далечен сибирски остров

Андрей Панин/Русское Географическое Общество
Најголемата загатка на Пор-Бажин е тоа што нема никакви траги од нејзино користење. Научниците дури после 120 години сфатија зошто е тоа така. Во тоа им помогна „соларен факел“, т.е. силна експлозија во сончевата атмосфера.

За повеќето луѓе, приказната за тврдината Пор-Бажин („глинена куќа“ во Тува) започна пред 131 година, кога етнографот Дмитриј Клеменц ја откри древната тврдина во едно од најнепристапните подрачја во република Тува, во близина на границата со Монголија. Она што го виде претставуваше сензација од различни аспекти.

Урнатините имаа форма на правилен правоаголник со лавиринт од внатрешни улици. Тоа наликуваше на будистичка или хинду мандала и многу се разликуваше од сé што било кога беше пронајдено на територијата на република Тува.

Просторот пред источниот ѕид изгледаше како плоштад пред дворецот каде што се изведуваат ритуални церемонии. Во длабочината на плоштадот порано имало луксузен дворски комплекс со столбови. Од него се зачувани ѕидовите на места високи десет метри, како и темелите и дел од носечката конструкција под столбовите.

Немаше сомнеж дека тврдината е многу стара, но изгледаше како нејзините жители да испариле заедно со своите работи, не оставајќи зад себе речиси никакви траги од секојдневниот живот. Што се случило со жителите на Пор-Бажин? Кој ја изградил таа тврдина, толку нетипична за оваа клима? Кој направил вештачко езеро околу неа? А можеби тоа не е тврдина? Имаше многу прашања на кои научниците немаа одговор.

Тврдина од бајките

Мотивот на мистериозната тврдина среде езеро во различни варијации често се среќава во усниот фолклор на Тувинците. Најпознатата тувинска бајка за таква тврдина е „Кан - Магарешките уши“. Жителите на овој крај ги почитуваат езерото и тврдината како свети и сметаат дека во езерото живее синиот бик Мендер кој ноќе излегува на брегот и се храни со човечки страв. Друга легенда вели дека на овој остров е скриен гробот на Џингис-кан. А има и такви кои веруваа дека токму тука се наоѓа влезот во Шамбала, митската земја во Тибет, по која сериозно се трагало во Советскиот Сојуз.

Како и да е, тврдината откриена од етнографот Дмитриј Клеменц беше необичен артефакт. Во 1957 година на островот беше испратена археолошката експедиција на професорот Севјан Вајнштејн.

Дмитриј Клеменц

„Учествував во археолошките ископувања од 1957 до 1963 година. Таму можеше да се стигне само со мал авион или на коњи. <...> Ние тројца археолози и 15 работници живеевме во шатори на островот среде езерото, ловевме риба и ги бркавме ситните мушички“, се сеќава подоцна Вајнштејн. На островот со старите ѕидини археолозите изброија 27 куќи со мали дворови, а кога раскопаа еден брег, открија урнатини од дворец. Покривот беше покриен со глинени ќерамиди, а беше потпрен на 36 дрвени столбови. Тука се пронајдени и украсни фрески со геометриски форми обоени со необично светли и топли бои во црвени, портокалови и жолти тонови. На некои места беа зачувани и траги од дрвениот под.

„Во рацете држевме остатоци од оружје, садови, ризница од стопена железна руда во грутки со неправилна форма и антропоморфна глинена фигурина. Немаше многу ископувања бидејќи дворецот настрадал во пожар пред илјада години. Не знаеме што се случило со жителите на Про-Бажин, не најдовме човечки коски. Веројатно жителите успеале да побегнат“, раскажува Вајнштејн.

Верзии

По експедицијата изведена во 1950-тите и 1960-тите, се чинеше дека има уште повеќе неодговорени прашања. Истражувачите на Пор-Бажин не можеа да сфатат каква градба е тоа. Имаше неколку верзии.

Археологот Вајнштејн сметаше дека тврдината и дворецот ги изградил ујгурскиот каган Бајан-Чором (кан на древната туранска држава кој живеел од 713 до 759 година).

Исто така, се претпоставуваше дека тврдината служела како стражарско место на Големиот пат на свилата од Кина до Европа (што не одговараше на фактот дека тврдината е изолирана на остров среде езеро). Според друга верзија, овде живееле разбојници кои ограбувале трговци и оттука, наводно, потекнале легендите за богатството скриено во подрумите на тврдината.

Меѓутоа, најубедлива беше верзијата дека таму порано имало манастир. Историјата на будизмот е тесно поврзана со Централна Азија, преку која постоела врска со Индија, татковината на будизмот, и со Кина, каде што будизмот бил популарен во раниот среден век. „И она што го видов на фотографиите на Пор-Бажин е многу слично на распоредот на објектите во будистичките манастири, кој се формирал во Централна Азија веројатно во VII и VIII век од нашата ера, а потоа станал широко распространет“, сметаше  во 2007 година Тигран Мкртичев, заменик-генерален директор за научна работа на Државниот музеј на Истокот.

Од друга страна, Мкртичев не ја исклучи можноста дека е во прашање манихејски манастир. Манихејството е исто така староисточна религија која се појавила во III век во Месопотамија и по неколку векови продрела во Ујгурскиот канат. „Будистичките манастири ни се добро познати, но манихејските манастири (манистани) се многу послабо изучени“, истакна Мкртичев.

„Инцидентот Мијаке“ и необичното откритие

Научниците се вратија на „тајните“ на тврдината Пор-Бажин во 2007-2008 година, кога на островот беше испратена нова експедиција со задача да изврши обемни ископувања. Археолозите дојдоа до интересно откритие дека тврдината воопшто не била користена по нејзината изградба. Тоа го објаснува фактот дека таканаречениот културен слој внатре во тврдината бил толку оскуден. Но, тоа повторно не даде одговори на прашањето за што служел Пор-Бажин, кога се појавил и зошто сите го избегнувале.

Тогаш на помош дојде методот со радиоактивен јаглерод и „инцидентот Мијаке“. Имено, во 2012 година, списанието Nature објави статија на јапонски научници кои ги датираа годовите на кедар стар 1800 години и пронајдоа остар скок на содржината на радиоактивниот јаглерод во атмосферата во 775 година. Тој екстремен скок на вредноста бил предизвикан од аномален сончев факел, т.е. експлозија во сончевата атмосфера и се одразил на клеточно ниво. Овој феномен беше наречен „инцидентот Мијаке“ (по името на првиот автор на статијата) и се користеше за датирање на археолошки ископувања.

И руските научници решија да го применат, па во 2018 година се обратија до една од најголемите светски лаборатории за датирање со радиоактивен јаглерод сместена на Универзитетот во Гронинген во Холандија.

„Испративме во Гронинген три тенки парчиња попречно пресечен ариш од ѕидините на Пор-Бажин. За проучување е избран еден од нив со сигурно зачувана кора, и во неа, во третиот прстен на кората, е откриен истиот оној „инцидент Мијаке“. Со проучување на најмладиот прстен на клеточно ниво, дендрохронолозите од Гронинген дошле до заклучок дека дрвото било исечено во текот на лето. Така е утврдена годината, но и сезоната на почетокот на изградбата на тврдината. Тоа било летото 777 година“, раскажува Андреј Панин, заменик-директор на Институтот за географија на Руската академија на науките.

Според археолошките податоци, изградбата траела две летни сезони. Во тој период на власт бил владетел кој спровел исклучително болна верска реформа, т.е. решил да го прими манихејството. Веќе во 779 година во каганатот се случил антиманихејски државен удар, владетелот бил убиен, а неговите „новини“ биле отфрлени. Тој заклучок ги стави сите „коцки“ на своето место.

„Според целиот комплекс на податоци е изнесена претпоставка дека градбата немала одбранбена намена, како што претходно се мислеше, туку култна. Тоа бил манихејски манастир. Бил направен пред пучот, така што претходните владетели едноставно не стигнале да го користат, а на новите владетели не им бил потребен. Така е објаснета најголемата загатка на Пор-Бажин, т.е. отсуството на траги од негово користење“, вели Андреј Панин.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња