Дали Римската империја опфаќала територии на денешна Русија?

„Спартак: Војна на проколнатите“

„Спартак: Војна на проколнатите“

Starz, 2013.
Археолозите сé уште пронаоѓаат нови многубројни сведоштва за присуството на римските легии на Кримскиот полуостров.

Во екот на својата моќ, Римската империја се протегала од Пиринејскиот полуостров до Персискиот залив и од Британските острови до подножјето на Кавказ. Под власта на „Вечниот град“ биле дури и територии кои денес се дел од Руската Федерација. Конкретно се работи за Крим.

Под римска чизма

Херсонес. Античкиот театар во Херсонес. Единствениот театар пронајден во древните градови на Северното Прицрноморје. Изграден е во 3 век п.н.е. меѓу одбранбениот ѕид и главната улица. Има околу 2500 седишта.

Крим (или Таврида, како што се нарекувал во античко време) се одомаќинил во сферата на римските интереси уште во 1 век п.н.е. Во тоа време, највлијателната сила на полуостровот било Босфорското царство, чиј главен град бил Пантикапеј (денешен Керч). Ова царство настанало во 5 век п.н.е. со спојување на неколку полиси на грчки колонисти. Покрај источниот дел на Крим, тоа го контролирало и источниот брег на Азовското море (денешен Краснодарски крај во Русија).

Скитите биле стари ривали на Босфорското царство на полуостровот, но со текот на времето ја изгубиле својата поранешна моќ. На јужниот крај на Таврида се наоѓал грчкиот полис Херсонес, кој упорно се борел за својата независност од своите поголеми соседи. И покрај големата борба, одвреме-навреме сè уште потпаѓал под власта на босфорските цареви.

Босфорското царство не можело да се мери со Рим, па „Вечниот град“ директно го диктирал политичкиот живот на полуостровот, т.е. арбитрирал во конфликтите меѓу државите, ги менувал царевите кои не му одговарале и номинирал свои претенденти на тронот. Така, императорите можеле да го „подарат“ Херсонес на босфорските владетели или да го повлечат својот подарок и да му дадат независност на градот доколку нешто не им се допаѓало во политиката на Пантикапеј.

Рим ја држел својата флота во овој регион, што било ефикасен инструмент за вршење притисок. Таа флота повремено се појавувала на подрачјето на Кимерискиот Босфор (Керченскиот теснец) и им ја наметнувала волјата на „Вечниот град“ на локалните власти. Римјаните не држеле големи воени контингенти на полуостровот сé до 1 век од нашата ера.

Истурена позиција на империјата

Во 44 година од новата ера Рим се свртел против босфорскиот цар Митридат VIII кога тој се обидел да се ослободи од римското влијание. Империјата застанала зад братот на Митридат, Котис. Во 49 година, обединетата римско-босфорска војска извојувала убедлива победа, со тоа што борбите не се воделе само на Крим, туку и на териториите во близина на современите руски градови Сочи, Новоросијск и Краснодар.

Потоа, во 62 година, Скитите го опседнале Херсонес, и тој побарал воена помош од империјата. Царот Нерон испратил на Крим војници од блиската провинција Долна Мезија (територијата на денешна Романија) и го отфрлил непријателот од градските ѕидини.

Урнатините на тврдината Харакс (веројатно дел од горниот одбранбен ѕид).

Оттогаш римското воено присуство во Таврида почнало да се зголемува. Во Херсонес бил стациониран силен гарнизон, а во 69 н.е., на ‘ртот Ај-Тодор, источно од градот, била основана голема римска воена база Харакс.

Во различни периоди тука биле стационирани Равенската флота, одреди на петтата Македонска, единаесеттата Клавдиева и првата италијанска легија, како и помошни единици. Вкупно, на Таврида можело да има до 2500 римски војници.

Римски гарнизон исто така имало и во Пантикапеј. За време на Нерон, Босфорското царство дури и неколку години било дел од империјата (од 63 до 68 г. н.е.), но по неговата смрт повторно се стекнало со „независност“.

Рим немал за цел насилно да го покори Кримскиот полуостров со сила, т.е. со анексија на локалните државни ентитети. Тој бил многу позаинтересиран да ги користи како штит против варварските орди кои непрекинато навлегувале од исток.

Архитектонско-археолошки комплекс „Древниот град Пантикапеј“.

Меѓутоа, на Римјаните не им тргнало од рака да ја спречат Големата преселба на народите која започнала во 4 век, па римските воени контингенти постепено биле повлечени од полуостровот за да ја одбранат метрополата. Меѓутоа, Источното Римско царство (Византија) успеала да го задржи под своја власт јужниот крај на Таврида заедно со Херсонес сé до почетокот на 13 век.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња